Владата не открива кој сè се пријавил на конкурсот за директори, повторно назначени само в.д.

Автор: Александар Димитриевски | пред 7 месеци | In depth

На 31 јануари 2018-та година, Владата распиша оглас за речиси 100 директорски и заменички позиции.

- Огласот е објавен јавно за сите граѓани на Република Македонија коишто ги исполнуваат условите. И можат да се пријават сите.- изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски на 31.01.2018 година.

На 5 март, објавиме дека 80% од новоизбраните директори од конкурсот се претходните вршители на должност.

- Kоја е целта на конкурсот воопшто ако вие само сакате да ги изберете оние кои веќе биле вршители на должност а ја повикавте цела јавност што ги исполнува условите да се пријави?

- Видете, кај нас системот на поставување на раководни позиции во оваа ... во овој наш политички систем е таков.- одговори меѓу другото министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски во интервјуто за 360 Степени на 05.03.2018 година.

Владата не кажува кој се се пријавил. Но, и покрај конкурсот за директори, дел од институциите повторно завршија со ве-де директори.

Ова е официјалната Фејсбук страница на вицепремиерот Хазби Лика. На 27 февруари таму соопшти дека владата избрала 27 директори или заменици директори од редовите на ДУИ. Најголемиот дел од кадрите, 23-ца, се избрани по големиот владин конкурс од крајот на јануари.

До денеска, во службените весници е објавен изборот на сите функционери на ДУИ од тој оглас, со исклучок на директор на Агенцијата за наставници, која практично не постои. Но, зачудува тоа што една третина од кадрите на ДУИ се избрани како вршители на должност, иако на огласот се бараа директори и за тие позиции.

Меѓу кадрите на ДУИ кои се избрани за вршители на должност се:  

- Вулнет Адеми во Агенцијата за странски инвестиции;

- Валдет Џафери во Бирото за судски вештачења;

- Бујар Дардишта во Управата за водење матични книги;

- Бардил Насуфи во Бирото за јавни набавки.

Зошто в.д.-а, а не директори - прашавме токму во кабинетот на вицепремиерот Лика. Ставот од таму е дека:

„Во однос на в.д. именуваните кандидати, Владата на РМ донесе одлука тие позиции да бидат само со вршители на должност, а по истекот на законскиот рок ќе се разговара за наредните одлуки.“

Така, останува само да се нагаѓа - дека можеби за овие позиции никој не се пријавил или ако имало пријавени, тие не ги исполнувале сите услови од конкурсот. Опција е дека избраните вршители на должност не уживаат целосна доверба за да бидат редовни директори. Не е докрај јасно и дали владата ќе треба да повтори дел од огласот.

Дали за сите позиции имало пријавено соодветни кандидати и колку? Која комисија го вршела изборот? Ова се дел од прашањата на кои 360 Степени веќе две недели се обидува да добие одговори од Владата. Причината, меѓу другото, е фактот што првата група од 30-тина директори беа избрани експресно, само 3 работни дена по крајниот рок за пријавување на огласот.

Од Илинденска 2 ни одговорија дека претседател на комисијата бил министерот Оливер Спасовски, а членови неговите колеги Венко Филипче, Драган Тевдовски, Хазби Лика, Садула Дураки, Љупчо Николовски и Кочо Анѓушев.

Но, не дознавме колку апликации разгледала оваа комисија. На барањето да добиеме список со пријавени кандидати и нивно образование, владината прес служба не упати на законот за пристап до информации од јавен карактер, што пак значи рок од 30 дена за одговор.

- Не купуваме 30 дена туку обемот на информациите коишто ги побаравте е исклучително голем. Ги побаравте сите коишто аплицирале, сите нивни биографии, конкурсот од кога до кога беше, тоа не е информација на која прес службата може да ви одговори како да е дневно информативна тема. Едноставно не постојат капацитети.

- Бидејќи за неколку дена успеавте да ги изберете веројатно не е проблем еден список да се направи“

- Не баравте само список. Доколку баравте список со имиња ќе го добиете во текот на два дена. Барате многу повеќе од список. – изјави на 07.03.2018 година владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања.

И навистина, не чекавме 30 дена, туку помалку од една недела. Но, одговорот беше дека нема да добиеме одговор:

„Со објавувањето на предметната информација, последиците врз интересот што се заштитува ќе бидат поголеми од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата“ – се вели во дел од решението со кое генералниот секретаријат на Владата не одби за пристап до бараните информации.

Она што за Владата во случајот е поважно од јавниот интерес е заштитата на личните податоци на кандидатите кои не се избрани за директори.

Со ваквото толкување само донекаде се согласува Елена Трифуновска од Фондацијата Метаморфозис, која пред актуелниот ангажман помина цела деценија во Дирекцијата за заштита на личните податоци.

- Тестот на штетност којшто го спровеле е во ред во смисла на тоа дека име и преземе на секој еден којшто конкурирал може да има негативни последици за одредени лица, во смисла за тоа дека можеби некои работи на една работна позиција во моментов и кога би се дознало неговото име во една поширока јавноста може да има негативно влијание да не биде одбран за директор, но да има негативно влијание на местото каде што веќе работи. – изјави Елена Трифуновска од „Метаморфозис“

Но, Трифуновска смета дека немало да има никаква повреда на личните податоци, доколку Владата доставила список со иницијали или со прикриени имиња и презимиња.

- Во овој конкретен случај сметам дека имателот на информацијата во овој случај требало да достави до вас како барател информации, анонимизирани име и презиме, но се друго останато што вам би ви било доволно да го задоволите јавниот интерес требало да биде дадено. Број на кандидати, стручна подготовка, значи сето она кое може да даде слика, да речеме за самиот процес.- појасни Трифуновска

И без одговорите, останува сликата дека владата распиша конкурс за на крај само да ги потврди кадрите утврдени на партиско ниво. Со тоа продолжуваат да лебдат дилемите - зошто воопшто се продолжи рокот за пријавување на огласот, зошто беа повикани да се пријават сите заинтересирани, па и треба ли воопшто да има оглас ако тој во пракса е само параван за покривање на законски замислениот механизам за избор по заслуги?