Каква ќе биде судбината на Законот за јазици? Анализа на правните опции

Автор: Владимир Мирчески | пред 3 месеци | In depth

Во период кога јавноста е соочена со прашањето – што и како понатаму со Законот за јазиците и може ли тој да стапи на сила без потпис од претседателот Ѓорге Иванов, првиот човек на Собранието, Талат Џафери, има свое толкување.

- Ги анализирам сите аспекти од процедурите, има време, ако при првото гласање и поднесување на указот има рок од 7 дена, тоа подразбира ист рок - рече Џафери во интервју за „Ноќно студио“ на Телма.

Џафери, веднаш по повторното изгласување, во средата навечер го пратил законот на потпис кај Иванов. Тоа значи дека му дава рок на шефот на државата до среда навечер оваа недела да го потпише указот за прогласување на Законот за јазици. Ако тоа не се случи, што е за очекување по изјавата на Иванов, Џафери не открива што следно.. Но, експерти по уставно право сметаат дека Џафери греши и дека Иванов има обврска да го потпише указот веднаш по доставувањето од спикерот или во првиот момент кога ќе биде во можност.. 7-дневниот рок се однесува на периодот во кој претседателот треба да се изјасни по првото, а не по повторното усвојување на законот.. 

Наспроти ставовите дека Иванов е обврзан да го потпише указот, и покрај забелешките на процедурата за носење на законот, други експерти сметаат дека Уставот му остава простор на Иванов и да не го потпишува указот..

- Џебното вето значи дека законот за јазиците е мртво новороденче, не може да влезе во сила бидејќи не може да се објави во ‘Службен весник’. Ако нема указ, тогаш нема ни закон - вели во интервју за „Макфакс“, тврди докторот по правни науки и професор Димитар Апасиев.

Наспроти овие тези со кои се оправдува потегот на Иванов, професорот Светомир Шкариќ, во книгата „Устав на Република Македонија – научно толкување“, објаснува дека таквото однесување на шефот на државата не може да се смета за уставно дозволено..

„Претседателите, честопати, правото на суспензивно вето го користеле противуставно. Така, на пример, претседателот Киро Глигоров не го потпиша указот за прогласување на Законот за кривична постапка, иако тој е донесен со двотретинско мнозинство гласови. Претседателот Борис Трајковски не го потпиша указот за прогласување на Законот за пратеници и по неговото повторно гласање со апсолутно мнозинство“, пишува Шкариќ во книгата.

Книгата на професорот Шкариќ е издадена во 2014-та година, а нејзин рецензент е професорката Гордана Силјановска-Давкова..

Во некои држави кои имаат политички систем сличен со македонскиот, како Србија, ваквата ситуација е прецизно решена во Уставот.. Конкретната одредба вели дека во случај шефот на државата да не го потпише указот, тоа го прави претседателот на Парламентот на Србија..

Опцијата за објавување на Законот за јазици во Службен весник само со потпис од претседателот на Собранието веќе се дебатира во јавноста.. Еден од авторите на Уставот на Република Македонија, Владо Поповски, не ја отфрла ваквата можност..

- Ако не е потпишан значи е блокирано донесувањето на законот и не може да биде прогласен на уставно-предвиден начин. Формално правно тоа би значело дека законот не е прогласен. Но ако се прогласи, како што се слуша, дека ќе се објави во Службен весник... тоа не сакам да го дискутирам бидејќи сакам да останам само на планот на уставноправните во формалноправна смисла на зборот. А во фактичка смисла на зборот каде што постојат поим „жив Устав“ наспроти формален Устав, тоа е друго прашање - рече во дебатата на „360 Степени“, Владо Поповски - универзитетски професор, поранешен министер и учесник во подготовката на многу легислативни решенија.

Во 1997 година, Законот за употреба на знамињата е објавен во Службен весник со два потписа на тогашниот прв човек на Парламентот, Тито Петковски, кој се потпишал и во името на шефот на државата поради тоа што Киро Глигоров бил на службен пат..

Решавајќи за овој случај во 1998 година, Уставниот суд го укинал указот со објаснување дека:

„Кога претседателот на државата се наоѓа на службен пат, значи дека тој е во функција на државата, односно дека не е спречен да ја извршува својата функција, поради што, во таков случај, претседателот на Собранието не е овластен да го заменува.“

Иако има сличности, очигледно е дека не може директно да се влече паралела меѓу претпоставеното објавување на Законот за јазици без потпис од Иванов и случајот со законот за знамињата од 1998 година.. Околностите за отсуство на потпис од шефот на државата во двата случаи се сосема различни..

Во контекст на актуелната дебата, вредно е да се спомене и решението на Уставниот суд од 2013-та година, донесено по иницијатива за оспорување на уставноста на Законот за Собрание. Уставниот суд, по тој повод, заклучил:

„Указот е декларативен општ акт со кој претседателот на република ги прогласува законите. Указот е декларативен акт затоа што со него претседателот само ја декларира (искажува) својата волја дека законот го прогласува или не го прогласува, без притоа да навлегува во легислативната сфера на Собранието на Република Македонија.“

Единствената опција за излез од ваквата ситуација, која нема да биде спротивна на уставните одредби, е потегот на Иванов да се постави пред Уставниот суд, сметаат експерти по уставно право што ги прашавме за мислење.. Посегањето по други чекори само би ја продолжило низата на противуставни постапувања и би донело до проблеми кои во овој момент може да не се видливи за политичките чинители..

Ова е став на Денис Прешова, од катедрата по уставно право на Правниот факултет во Скопје, во писмениот одговор на прашањето на „360 степени“ – кој е излезот од актуелната ситуација:

„Суштината на членот 75 од уставот е претседателот да има суспензивно вето, а не тоа да се претвори во апсолутно вето или законодавна санкција со која тој недозволиво ќе навлезе во законодавната надлежност на собранието. Доколку противуставното постапување на претседателот се прифати како допуштено во уставно-правната пракса тогаш нема да постојат никакви ограничувања за претседателот да посега по апсолутното вето и во иднина и целосно да ја узурпира законодавната надлежност на Собранието“, вели Денис Прешова, експерт по уставно право.

Имајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд, тој алудира на покренување постапки пред судот по две основи – за решавање судир на надлежности меѓу законодавната и извршната власт, од која дел е и Иванов, и за заштита на слободите и правата.

„Одбивањето да се потпише указот претставува акт односно дејствие на претседателот со кое спротивно на уставната одредба тој навлегува и презема дел од законодавната надлежност со што се создава состојба на позитивен судир на надлежности меѓу извршната и законодавната власт... Законот за употреба на јазиците регулира права на етничните заедници кои не се мнозинство во Република Македонија и поради одбивањето да се потпише указот се доведува во прашање нивното остварување односно се отвора можност да се бара нивна заштита“, вели Прешова.