Зошто лекови на рецепт има само во првите неколку дена од месецот?

Автор: Зоран Јованоски | пред еден месец | In depth

Да се најде потребниот лек на рецепт е вистинска реткост. Пациентите излегуваат од аптеките со терапија, но не на државна, туку на своја сметка. 

„Секогаш со оправдување исполнета е квотата, а за пари може да се купи. Џабе рецепти, џабе е се.“ – рече еден пациент.

„1600 денари ги платив приватно. Тие ми даваат на рецепта, одам да ги земам во аптека, ми велат ги нема во Македонија, оди или во Србија или во Бугарија.“ – се жали жител на Скопје. 

„Претежно кога е пополнета квотата, а кога веќе човек има потреба за своето здравје, ќе ги купи приватно.“ – вели пациентка. 

Но, тоа не можат да си го дозволат сите, па започнуваат потрага по лекови на рецепт низ целиот град. 

„Еве јас од Драчево до тука, едвај ги најдов да ги земам. Од Драчево доаѓам.“ 

„Треба да ги има цел месец. Не можат да трчаат луѓево. Јас на пример ги земам зашто мајка ми е стара, има 90 години. Што да правам? Морам да трчам да земам лекови.“ – додаваат нашите соговорници кои случајно ги затековме пред аптеките. 

Лекови на рецепт има само во првите неколку денови од месецот, а проблемот воопшто не е нов.

„Обично мајка ми зема пензија и веќе на 6-ти или 7-ми и во некои аптеки ги нама сите лекови на рецепт.“ – вели еден од нив. 

Па така, иако цел живот уплаќаат во здравствениот фонд, пациентите не го добиваат она што им го ветува државата.

„Страдаат оние на кои што во моментот им се неопходни тие лекови.“

„Одговорните треба да ни кажат зошто е тоа така.“ – сметаат пациентите со кои поразговаравме. 

Во 2006 година Фондот одвоил околу 20 милиони евра за лекови од позитивната листа, а минатата 2017-та дури 45 милиони евра. Овие пари државата ги распределува во форма на квоти на околу 780 аптеки кои имаат склучено договор со Фондот. Бројот на реализирани рецепти за 10 години е зголемен во сличен сооднос како и буџетот за лекови  - од 10,3 милиони рецепти во 2008, на 23 милиони во 2017 година. 

„Што значи ова? Дека во рок од 10 години за иста популација трошиме двојно повеќе лекови? Стануваме поболна нација? Мислам дека тука има длабоки системски недостатоци и проблеми.“ – смета директорот на Фондот за здравство Ден Дончев.

Самите спроведовме мини - истражување. Направивме листа со лекови за кои пациентите се жалат дека ги нема на рецепт и тргнавме во проверка по аптеките во Скопје. 

Разговор во аптека 1:

- Добар ден. Имам неколку лекови што одат на рецепт, но да ми кажете дали ги имате.

- Кажете.  

- Ирсофалк?

- Не.

- Фостер спреј?

- Не.

- Спирива спреј?

- Не.

- Салофалк?

- Не.

- Заласта?

- Заласта од 10 само имаме моментално.

- А панцеф антибиотик?

- Има едно кутивче.

- И синетра.

- Има. 

- А зошто другиве ги немате? 

- Ретко ги добиваме и во мала количина и се трошат побрзо. 

- Значи први, втори, трети да поминам, ќе ги има?

- На први! Само на први!

Разговор во аптека 2:

- Ништо.

- Ништо? Зошто?

- Зашто не добивме овој месец.

- Фостер немаме веќе два–три месеци добиено, од спрејовите спирива исто. 

- А каде да ги најдам? Кога ќе ги добиете?

- Можно е од први да проверите.

Разговор во аптека 3:

- Имам неколку лекови, мислам дека одат на рецепт, но може да ми кажете дали ги имате? 

- Нема ништо, ништо, баш ништо од тоа.

- Ниту еден од лековиве ги немате?

- Не.

- А зошто?

- Па немаме, а и квотата ни е веќе при крај, така да...

Разговор во аптека 4:

- Значи само панцеф имате?

- Да. Само панцеф.  

- А зошто другиве ги немате на рецепт?

- Пратени се помали количини, тие се потрошени и не знам дали ќе ни пратат пак. А и при крај сме со квотава.

- А на први, втори, трети во месецот можам да ги најдам?

- Па, овие спрејовите на први два–три ни пратија и веднаш се издадоа. И после веќе немавме. Овие два–три месеци многу мали количини и се се троши. 

Оваа проверка ја направивме на 9-ти во месецот и најдовме два од шестте лека на нашата листа. 

Директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, кој пет месеци е на чело на оваа институција, не може да даде конкретен одговор зошто толку брзо снемува лекови на рецеп. За голем проблем го смета немањето увид што и колку препишуваат матичните лекари и што и колку издаваат аптеките. Решението вели дека е во воспоставување  нов електронски систем во здравството. 

„Квотата сама по себе е признание од фондот, од државата, дека немаме начин како да сме сигурни дека тоа што граѓаните го трошат е целосно веродостојно и затоа ќе ставиме горна граница. Во развиени земји знаете дека системот на квоти воопшто не постои бидејќи има целосна информатичка контрола и преглед врз издадените рецепти и потрошувачката. Ако ние успееме да поставиме еден електронски систем, односно електронска здравствена база на податоци за секој поединечен пациент, поврзана со матичните лекари, поврзана со специјалистите, поврзана со сите аптеки, односно мрежата на аптеки, тогаш ќе имаме секојневен „real time“ преглед во потошувачката и тогаш ќе ја имаме можноста да одлучиме дали воопшто е потребен ситем на квоти како што не е потребен речиси во сите развиени системи.“ – тврди Дончев. 

За слабост во сегашниот систем ја смета формулата според која Фондот, освен што ја покрива цената на одреден лек од позитивната листа, им исплаќа на аптеките и надоместок за секој поединечно реализиран рецепт. 

Дополнителниот надоместок варира од најмалку 12 до најмногу двесте денари по рецепт, во зависност од цената на лекот. 12 денари по рецепт се исплаќа за лекови со нето-цена до 150 денари. Сто денари по рецепт е надоместокот за лекови што чинат меѓу 1000 и 3000 денари. 200 денари е надоместокот за лековите над 7000 денари.

Овој пристап сам по себе ги стимулира аптеките да ја трошат државната квота за поевтини лекови, со цел да реализираат што повеќе рецепти и така да добијат што поголем вкупен надоместок од Фондот. Еве зошто:

За реализиран рецепт со лек на позитивната листа што чини 7001 денар, аптеката ќе добие двесте денари надоместок. Ако истата сума од 7001 денар, аптеката ја потроши за лек што чини 140 денари, ќе може да реализира дури 50 рецепти и за секоја од нив да добие по 12 денари надоместок. 50 рецепти по 12 денари се 600 денари. Или три пати повеќе ако истата сума од 7001 денар ја потроши за само еден лек, односно еден рецепт.

„Преку 13 проценти од издадените годишно реализирани 23 милиони рецепти, одат само на два лекови дијазепам и енелаприл. Тие се нисковредносни лекови, ефтини да се набават, меѓутоа, поради начинот на кој фондот ги надоместува аптеките, бидејќи секој поединечен рецепт има надоместок кој фондот им го плаќа на аптеките, на еден начин аптеките се стимулирани да издаваат што поголем број нисковредносни рецепти со цел да ги максимизираат нивните приходи кои ги генерираат од фондот.“ – смета Дончев. 

Во Фармацевтската комора признаваат дека сегашниот систем ги тера аптеките да одат на максимизација на бројот на рецепти во рамките на утврдената квота.

„Главното прашање тука е зошто некој би работел против себе. Зошто некоја аптека, некој фармацевт, би работел на тоа да издава помалку рецепти за да може да земе помалку средства?“ – прашува претседателката на Комората Бистра Ангеловска.

Таа вели дека аптеките би се труделе да му заштедат на Фонот ако за тоа имаат друг тип финансиска стимулација. На пример, месечна субвенција чиј износ би зависел од тоа колку рационално една аптека ја троши квотата.  

„Големо стимулирање на рационалното пропишување и рационалното издавање на лековите, голема соработка меѓу лекарите и фармацефтите – тоа мора да се стимулира. Луѓето покрај професионалниот интерес, мора да имаат и некаков материјален интерес. Мора да се стимулира тоа затоа што ќе дојдеме во една апсурдна состојба кога луѓето ќе имаат повеќе лекови дома отколку во аптеките.“ – предупредува Ангеловска.  

Доктор Лилија Чолакова Дервишова од Здружението на приватни лекари сведочи дека на почетокот на месецот е врвулица кај матичните доктори – хронично болните сакаат на време да обезбедат рецепти зашто се плашат дека потоа ќе им ја снема терапијата во аптеките. Но, тврди дека нема злоупотреби.

„Има многу ретко случаи ако некој заминува за странство па да побара порано да си подигне терапија, но ниту еден матичен доктор не би направил двојно препишување или многу повеќе пати заради тоа што ние имаме квоти, имаме буџети, таков е нашиот договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и не верувам дека ќе се доведе во ситуација да биде казнет, да биде санкциониран и да удоволува барање на одреден пациент кое што не му треба за неговото здравје.“ – тврди Чолакова -Дервишова. 

Еве што таа предлага како решение: 

„Да се смени нешто во целиот тој фармацевтски бизнис во нашата држава, а тоа е таблетите да бидат на парче. Тоа сме го барале многу одамна заради тоа што кај нас аптекарите или фармацевтските професионалци се платени по рецепта и тука има сигурно еден даден момент во кој по бројот на рецепти, колку што се препишува – така е платена една аптека. Но кога би било точно по број на секој пациент што му следува, месечна терапија, во државата да не се даваат скатули, туку да се даваат одреден број на таблетки, точно избројани за таа болест за тој месец – толку, како што е во некои европски земји, тогаш мислам дека секој ќе може рационално да го планира и набавувањето и препишувањето на оваа терапија.“ – советува Чолакова - Дервишова. 

Експертите кои ги консултиравме гледаат проблем и во висината на буџетот за лекови на позитивната листа. Велат дека искористеност на квотата до 80 отсто е индикатор за тоа дека буџетот е на задоволително ниво. Но, кога процентот оди над 90, како во 2015-та кога се потрошени 94 отсто од предвидениот буџет за лекови или во 2016-та, кога се стигнало до 99 отсто, тогаш тоа е аларм дека сумата треба да се зголеми. 

Токму ова се случи во петокот, кога Фондот објави итно зголемување на квотата за март за околу 250 илјади евра и на годишно ниво за околу еден милион и 600 илјади евра, иако директорот Дончев смета дека главниот проблем не е во висината на буџетот.

„Не може да стане збор за тоа дали квотата е доволна или не е доволна бидејќи континуирано била зголемувана претходните десет години до степен да биде дуплирана и во паричен износ и во број на издадени рецепти, но и покрај тоа очигледно има одредени пропусти.“ – тврди Дончев. 

Електронскиот систем што го најавува тој одамна функционира во развиените земји како Австралија каде долго време и самиот живеел. Ни покажа како изгледа веб-страницата на која може да го погледне сопственото здравствено досие. Рече дека за воведување ваков систем кај нас би биле потребни неколку години. 

„База на податоци на секој поединец, во кои податоци можат да влезат клиники, болници, матични лекари и аптеки. И се е поврзано со твоето досие.“ – покажува Дончев. 

Всушност оваа реформа во Македонија започна и запре со издавањето електронски здравствени картички кои наместо да се надоградуваат до сеопфатен електронски систем, останаа да се користат само за идентификација на пациентите пред здравствените институции. Па, дури ни за тоа.