Злоупотреба на Деловникот за блокада на Собранието - што понатаму?

на 3.2017 | In depth

Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ решат до крај да го спроведат пристапот што денеска го промовираа на пленарната седница, со три-минутни настапи на секој пратеник од оваа партија, три-минутни реплики од секој пратеник и едно-минутна реплика од секого за секого, ефективното време што ќе го потрошат е околу 10 илјади минути, што е еквивалент на околу 170 часови или 14 дена по 12 часа расправа во Собранието. Но, тука не завршуваат можностите за одолговлекување на точката за избор на Комисијата за избори и именувања. Толкувањата на Деловникот се дека со оглед на тоа што се уште не се формирани пратенички групи во парламентот, не може да се ограничуваат настапите на пратениците. Новото мнозинство иницираше избор на претседател на Собранието со потписи од најмалку 20 пратеници, но прашање е како ќе го ефектуира тоа. За оценка прашавме двајца искусни поранешни пратеници и министри – Насер Зибери и Павле Трајанов.

(Зло)употреба на Деловникот?

„Да си претседавач на конститутивна седница, како поранешниот спикер на Собранието, Трајко Велјановски, и даде простор на парламентарната група на ВМРО ДПМНЕ, на флагрантен начин да ги крши и злоупотребува одредбите на Деловникот за работа на Собрание. Имајќи го предвид овој факт, тие реплицирањето го прават со своите сопартијци, непротивејќи им се туку надополнувајќи ги. Целта на сценариото, претходно смислено и подготвено, е блокирање на работата на Собранието за да не дојде до избор на претседател на Собранието и на овој начин деблокирање на процесот на конституирање на органите на државната власт што треба да бидат рефлекс и слика на резултатот на последните парламентарни избори на кои мнозинство имаат неколку политички партии, СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и Движењето Беса.“- вели поранешниот пратеник Насер Зибери.

„Денеска сме сведоци на класична злоупотреба на Деловникот. Со тоа што се јавија 50 пратеници за дискусија од иста партија или од иста коалиција. Воедно, се јавуваат сега и контра-реплики. Контра-репликата значи несогласување со тој што имал дискусија. Бидејќи сите се надополнуваат со дискусијата на тој што имал збор практично, тоа покажува дека станував збор за една смислена стратегија да се развлекува конституирањето на највисокиот законодавен дом, на домот на демократијата. Смислена опструкција, се со цел и натаму да се распаѓа целокупниот систем во Република Македонија. Ако не ви функционира Парламентот, највисокиот законодавен дом, ако не се закажаа локалните избори за да се конституира локалната власт имаме техничка влада која функционира како редовна влада, всушност треба да биде техничка влада бидејќи таа е оставка. Во една таква состојба сосема е извесно дека целокупниот систем е во распаѓање во Република Македонија. Нестабилноста ќе се зголемува и во една ваква состојба единствено може да функционира ВМРО-ДПМНЕ, како што досега функционираше само со партиски насоки и директиви.“- вели поранешниот пратеник Павле Трајанов.

Што понатаму?

„ Обидот, по секоја цена, преку конституирање на Комисијата за избори и именувања, и со тоа да се стави на парламентарна седница предлогот на Комисијата за претседател на Собранието, мислам дека ќе биде сизифовска работа, затоа што целта на ВМРО-ДПМНЕ не е завршување на конститутивната седница туку нејзино блокирање. Ова ќе го принуди парламентарното мнозинство на седница со 20 потписи да го исполни предвидениот услов со Деловникот и да предложи можен кандидат за претседател на Собранието. Јас се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дозволи процедурален тек според Деловникот со цел парламентот да ја продолжи конститутивната седницата. Затоа, парламентарното мнозинство ќе биде принудено на пленарна седница да ги спроведе одредбите на Деловникот за да изврши избор на претседател на Парламентот. Во спротивно, доколку очекува ВМРО-ДПМНЕ да се согласи да се избере Комисијата за избори и именувања и таа да се свика и да даде предлог за претседател на парламентот, тоа нема да се случи, односно ќе има крајно одолговлекување, бесконечно, со единствена цел – прво, да не се избере претседателот на парламентот, а потоа да не се избере ниту владата.“- изјави Насер Зибери.

„Деловникот на Собранието на Република Македонија има можност за да се деблокира неговата работа. Ако се блокира преку Комисијата за избори и именувања, преку неформирање или неможност да предложи кандидат затоа што и тука може да трае долго дискусијата за избори и именувања, тогаш Деловникот предвидува дека 10 пратеника можат да предложат комисија за избори и именувања а најмалку 20 пратеника за да исфрлат кандидат за Претседател на Собранието. Тоа веќе е во процедура и мислам дека во текот на следните денови, утре или задутре треба да се прекине расправата за избор на комисија за избори и именувања и да се премине на следната точка а тоа е избор на Претседател. Тогаш кога ќе се избере Претседател на Парламентот во суштина парламентарното мнозинство ќе може да ги формира другите работни тела во Парламентот и да ја остварува Парламентот својата законодавна надлежност, што е клучно за стабилноста, за стабилизација на состојбите во Република Македонија и на тој начин ќе се извршат сите неопходни подготовки за избор на влада на Република Македонија.“- изјави Павле Трајанов.