Сепак, вреди да се земе поткуп и да се затаи данок?! Каква порака се испраќа со условните казни?

Автор: Славица Филиповска | пред 4 месеци | In depth

„Призна дека затаила данок, па Судот денеска ја казни со две години условен затвор.“

„Експресно стигна и пресудата.“

„Александар Чапаровски, доби условна казна од една година.“

„Докторот се изјаснил за виновен.“

Вестите дека новинарката Ивона Талевска, обвинета за даночно затајување, и екс-директорот на клиниката за неврохирургија Александар Чапаровски, обвинет за поткуп, поминаа со условни казни, предизвикаа бурни реакции во јавноста.

„Пораката што се праќа во јавноста е дека вреди, на крајот на денот,  вреди да се направат такви кривични дела.“, вели универзитетската професорка по кривично право Беса Арифи.

Во случајот со докторот, освен јавноста незаводоволни се и директно оштетените.

„Сметам дека е малку парадоксално да се повикува на фактот дека е лекар, односно дека вршел општо корисна дејност, во услови кога одговара за кривично дело кое е злоупотреба против службената должност.“, вели адвокатот Јанаки Митровски.

Дали граѓаните се единствени губитници?

„Тоа значи ерозија на правната држава.“, смета поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Јанаки Митровски е адвокат на семејството на кое неврохирургот Александар Чапаровски му побарал поткуп од 1000 евра. Докторот требало да издаде потврда за 13-годишно неподвижно девојче да може да се лекува во странство. Родителите пријавиле во полиција и екс-директорот на Неврохирургија беше фатен со обележаните пари. Пред судот, тој призна вина и уште на истото рочиште ја слушна пресудата – условна казна од една година затвор и забрана да биде директор во следните две години. Адвокатот на семејстото кое го пријави поткупот е далеку од задоволен.

„Она што сметам и што е мое убедување, а зошто Судот така одлучил е прашање до Судот, е дека наместо забрана за бирање на раководна функција дека многу посоодветно ќе беше и многу подобра порака до јавноста ќе пратеше до јавноста Судот, да му изречеше забрана за вршење на професија, еве да речеме во времето на проверка во рок од две години со што доктор Чопаровски, откако правосилно ќе завршеше таа постапка немаше да има можност во рок од две години да се занимава со лекарска дејност.“, вели Митровски.

Другиот пример, кој исто така, беше бурно дочекан во јавноста е пресудата за новинарката Ивона Талевска, обвинета дека затаила 50 илјади евра данок. И таа, како и Чапаровски, призна вина, и нејзиниот судски процес заврши експресно, на истото рочиште, со исто така условна казна. За делото затајување данок, Кривичниот законик предвидува парична казна и затвор од 6 месеци до 5 години. Ако се работи за значителна сума, законот предвидува дека сторителот треба да се казни со затвор од најмалку четири години, плус парично.

Но, за разлика од јавните реакции во кои условната осуда беше доживеана како амнестија и слободно толкување од судот, професорката по кривично право Беса Арифи вели - изворот на можноста за вакви пресуди е и во законот.

„Кога државата во својот Кривичен законик предвидува таква казна за даночно затајување, тоа значи дека недоволно сериозно го сфаќа проблемот на даночното затајување, бидејќи едноставно го реди во тие кривични дела кои се полесни. Е сега од тоа произлегуваат други проблеми, бидејќи за кривични дела кои се казнуваат со таа казна, вообичаено ефективната казна која ќе се даде ќе биде некаде во средина, значи две години затвор. До две години затвор се стимулираат алтернативните мерки, меѓу кои најмногу се користи условната осуда, така што законските можности да се даде условна осуда за такво кривично дело се тука. Значи, во тој дел јас би сакала да го лоцирам проблемот и во законските одредби коишто можеби треба да се размисли да се сменат, особено во општество во кое корупцијата е сериозен проблем и мислам дека казнената политика треба да се употреби и да се заостри со цел да се прати порака во општеството дека таквите дела нема да бидат толерирани во иднина.“, вели за 360 степени, универзитетската професорка по кривично право Беса Арифи.

Дел од забелешките во случајот со Талевска одат на адреса и на Специјалното јавно обвинителство. Критиките се дека СЈО воопшто не се занимавало со начинот на кој Талевска ги стекнала парите туку се задржало на даночното затајување. Адвокатот Александар Тортевски, на денот кога судот изрече условна казна во овој случај, на Твитер напиша:

„Во нормална држава, за приход стекнат на криминален начин, не те гонат за даночно затајување. Со такво обвинение, ти ги легализираат криминално стекнатите пари. Уште условно на крај и на коњ си.“

Објаснувањето на СЈО е дека ова бил максимумот што можеле да го направат во овој случај во законскиот рок од 18 месеци за покренување обвиненија.

И во случајот со Чапаровски, судот не би имал можност да изрече условна казна ако тоа не го дозволува самото обвинение. За делото примање поткуп во Кривичниот законик има три става, а казните достигнуваат и до 10 години затвор. Но, на лекарот му се судело според вториот став, за што казната затвор се движи од една до пет години.

Со тоа, условната казна која ја изрекол судот во случајот е законска. Но, законска би била и затворска казна, смета професорката Беса Арифи.

„Повторно треба добро да се размисли за тоа каква порака праќа судот кога условно  казнува некој што е затечен во примање поткуп. Доколку целта е примањето поткуп да се покаже како сериозно кривично дело, како што е предвидено во Кривичниот законик, тоа не смее да се случи, не смее да има такво интерпретирање на законот, со што се овозможува условно казнување на лица кои извршиле сериозно кривично дело, бидејќи на тој начин пораката којашто се праќа е дека таквите дела се толерираат, па дури и се стимулираат, бидејќи вреди во тој аспект да се земе поткуп ако може да се спасите само со условна осуда.“, вели Арифи.

Праксата, судот да ги употребува сите олеснителни околности во вакви случаи е нова, вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев.

„Само по себе праксата колку што ми е позната секогаш ги третирала како општествено опасни, со голем степен на одговорност и казните секогаш биле адекватни спрема степенот на одговорноста и виновноста на сторителите. Целта на казнувањето што е предвидена во Кривичниот Законик има неколку важни сегменти, а тоа пред се, првото е остварување на правдата, второто е спречување на кривични дела и воспитно влијание врз другите. Тоа е нитката која треба да го води судот при утврдувањето и изрекувањето на казната. Мислам дека не е остварена целта на казнувањето и не е постигнато она што треба да се постигне, а тоа е да се спази, да се влијае врз специјалната превенција врз сторителите на кривичните дела и врз генералната превенција на околината и другите да не вршат кривични дела.“, ни изјави Илиев.

Наспроти бурните рекации во јавноста за, како што се оценува, благите казни за даночно затајување и примање поткуп, македонското судство памети и обратни критики - за драконски казни изречени за украдени ќебапи, парични казни за незаконско продавање марули и коприви на пазар итн. Познавачите се децидни дека сите граѓани пред Судот треба да се еднакви, за да не се создава чувство за селективна правда – за што македонското судство трпи критики долго време.

„Верувам дека ќе се согласите, дека во многу од овие случаи кои се јавно експонирани  на кои алудирате претпоставувам, се оди на признавање на вина, единствено со цел, сега тоа е мое убедување, не знам дали е така и кај дел од јавноста, единствено со цел за да се ползуваат бенефициите кои ги предвидува законот, по тој случај, во услови на признание на вина, односно тоа да се цени како една олеснителна околност, дополнително и да се оди кон ублажување на казна.“, посочи адвокатот Јанаки Митровски.

„Тоа кажува дека Судот не ја остварува функцијата за која е основан и за која постои, а тоа е да спроведе правда, да ги пази правата и слободите и граѓаните, да воведе еднаквост пред законот итн. Сите овие случаи што ги третирате водат кон неостварување на таква улога, а Суд кој не остварува таква улога, придонесува кон еден друг закон, владеење на неправо итн, непостигнување на правдата и тоа е тоа.“, смета Илиев.

„Мислам дека интерпретацијата на законите е многу важна, тоа го прави судот и како да кажам, судот сам ќе цени кога е тоа важно личноста да биде казнета со условна осуда, а кога е важно да оди во затвор и со тоа пренесува порака во јавноста дека одредени кривични дела се толерираат или не се толерираат или, пак, за одредени лица се толерира, а за одредени не.“, заклучи професорката Арифи.

И во предметот за поткуп на редовното обвинителство и во случајот за затајување данок на СЈО, обвинителите чекаат официјално да ги добијат првостепените пресуди за да решат дали ќе поднесат жалби за пресудите.