ЕЛЕМ – најмена механизација за ископ платена како 5 свои

Автор: Петар Клинчарски | на 3.2017 | In depth

Има ли економска логика секој месец да трошите меѓу 500-тини и 1000 евра за такси и наместо да купите свој автомобил, одлучувате и во следните години да ве вози приватна компанија?

Ова прашање пред пет години го постави тогашниот пратеник во Собранието Благоја Стојановски, но тоа не се однесуваше на рационалзиација на патни трошоци. Дилемата претставуваше сликовит приказ на тендерите на ЕЛЕМ од 2010 до 2012- тата година.

Државната фирма Електрани на Македонија за само 2,5 години подели 140 милиони евра на приватни фирми, кои за возврат копаа и носеа јаглен зa РЕК Битола или пак ангажираа механизација за најгомеиот енергетски комплекс. Стојановски го вклучи алармот затоа што во годините пред 2010-тата, овие трошоци биле многу помали.

„Има рапиден пораст на трошоците само по овој основ. Ако ги споредиме предтходните години, десетици пати се покачени трошоците за ангажирање надворешна механизација. Производството на струја со години паѓа, мислам дека оваа година е на рекордно ниско ниво. Нема друго објаснување освен неадекватно работење, трошоци има зголемено за вработени, понатаму поради нашиот јаглен трошоците и за мазут кој мора да го потпомагаат ова производство се многукратно поголеми. Ако беа малку домаќини, ќе размислуваа во друга насока, ако им треба таа механизација 5 пати ќе купеа повеќе отколку што ја користат од надвор.“ вели за 360 Благоја Стојановски – поранешен пратеник.

Објаснувањето на ЕЛЕМ тогаш беше дека трошоците се зголемиле. Се отвориле нови рудници кои се подалеку од термоелектраната или пак во старите јами почнало да се копа подлабоко. Ако купеле нова механизација, таа била многу скапа за оддржување, а имало и ризик да стане непотребна за кусо време.

Неодамнешната отворена истрагата за случајот „Труст“ во РЕК Битола, кој тежи 17 милиони евра, го реактуелизираше прашањето - како акционерското друштво во сопственост на државата ги троши буџетските пари.   

Истрагата на тимот на Јанева вели дека 3 фирми: Трансмет, Силекс неметали и ВАТО добиле тендер за ископ или транпсорт на јаглен, иако ја немале во својата сопственост потребната механизација. Тендерот кој е предмет на интерес на СЈО бил реазлиран токму во периодот 2010/2012 кога пратеникот Стојановски пресметува 140 милиони евра трошоци.

„Можеме да направиме паралела во однос на случајот Колубара во Србија кој беше квалификуван како грабеж на столетието. За споредба, се работеше за 130 милиони евра кои беа потрошени во период од 8 години за механизација, додека кај нас се работи за 140 милиони евра за само 2,5 години. Така да оправдани не може да бидат никако. Дали се законски или не и во која насока е работено тоа треба други органи да утврдат, кои не знам дали до сега влегле, освен за случајот кој произлезе од работењето на СЈО.“, вели Стојановски.

„360 Степени“ провери и дојде до заклучок дека ангажирањето приватни фирми за ископ и механизација продолжило. Во периодот 2013-2016-та година, до Бирото за јавни набавки се стигнати известувања за договори вредни вкупно 160 милиони евра, за ископ и транспорт на јаловина или ангажирање на механизација за потребите на РЕК Битола.

Притоа, од овие 160 милиони, околу 105 милиони евра се потрошени за ископ. Од нив, најмногу или 56 милиони евра добила фирмата Пелистер од Битола, во која еден од сопствениците и менаџер е екс градоначалникот на Битола Силјан Мицевски. Компанијата Трансмет на Сеад Кочан за која СЈО сега води истрага, добила околу 40 милиони евра, а Марковски компани, исто така од Битола добила околу 10 милиони евра. Интересно е дека за разлика од другите години, 2015-тата е единствената година кога воопшто не постојат трошоци за ископи. Година, која случајно или не, се совпаѓа со објавувањето на т.н. бомби на СДСМ, од кои една беше токму за ваквите тендери во ЕЛЕМ.  

За ангажирање дополнителна механизација во периодот 2013-2016-та година ЕЛЕМ на тендери поделил 52 милиони евра. И повторно, меѓу оние што добиле најголем дел од колачот се Марковски компани и Пелистер. За големите трошоци и сомнежите што ги отвораат, екс пратеникот Стојановски ги алармираше јавноста и институциите преку прес конференции, презентирајќи бројки и анализи. Ако се изземе случајот „Труст“ кој беше отворен неодамна од СЈО, не е познато дали неговите наводи беа предмет на интерес на редовното Јавно обвинителство што го предводи Марко Зврлевски.

„Побарав претходно да отиде ревизија некоја, бидејќи ова се склучени договори, да направат ревизија или контрола, дали машините работат, дали се евидентираат како што е процедура дали и тука нема сомнителни работи. Бидејќи во „Колубара“, беше откриено дека машините работеле  по 24-25 часа во денот, дека машини од 10 тона носеле по 20 тона.  Ако во една фирма побарате поврат на ДДВ, веднаш ќе пратите инспекција, ако за 100 милиони евра не се направи ни една проверка, тоа се кажува. Не треба да сме многу мудри да заклучиме за што се работи.“ вели Стојановски.

АД Елем минатата година ја заврши со 14 милиони нето добивка. Дел од тие пари се задолжителни резерви според Законот за енергетика, со дел од нив ќе се покријат загубите од претходните години, а со преостанатите пари – компанијата ќе влезе во инвестиција за купување механизација. Најавуваат дека запира досегашната пракса за набавка на опрема од надворешни фирми. Досегашното ангажирање приватна механизација за ископи, компанијата го правда со тоа дека третиот блок во РЕК Битола би бил надвор од функција. Паралелно, тоа генерирало поголеми трошоци, бидејќи за да се постигне нивото на производство од претходно, потребно е ископ на повеќе јаглен. Новиот проект на Електрани, предвидено е да чини 65 милиони евра.

„Изработени се физибилити студија, проект и тендерски спецификации за набавка на ваква опрема. Во моментот, сите тендерски документации се во Советот за јавни набавки и чекаме мислење од нив. Ако дадат позитивно мислење, веднаш по формирање Влада, АД ЕЛЕМ може да продолжи со оглас за барање кофинансиер банка на проектот односно сите кои неофицијално доставија понуди да ги официјализираат. Но, тоа во овој момент е невозможно, поради политичката ситуација во Македонија.“