Чупеска-Станишковска: Географска одредница никако не го загрозува идентитетот на етничките Македонци

пред 3 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, д-р Ана Чупеска-Станишковска - политиколог, зборуваше за идентитетот и преговорите за името и дали додавањето географска одредница го загрозува иденитетот на етничките Македонци.

- Според моето мислење и според мислењето на моите колеги, ние што се занимаваме со национализам, мултикултурализам и што имаме полиберални ставови по однос на тоа прашање - не, од проста причина што и самата флоскула кажува - станува збор за одредница, којашто се однесува на географските аспекти, пред се на зборот „Македонија“. Ако се има во предвид дека Македонија е регион и во Грција, меѓутоа се однесува и на нашата држава, од тука исклучително и само и единствено географска е квалификацијата, а никако не е идентитетска. Ни под разно - рече Чупеска-Станишковска.

Таа вели дека е значајна и заложбата на двајцата премиери Заев и Ципрас дека ниту една страна нема да има ексклузивност врз терминот „Македонија“.

- Кога се зборува за националност во преговорите се мисли на графата „nationality“ во пасошите која се преведува како државјанство и го одредува државјанскиот статус на граѓаните кои го имаат таквиот пасош, дали се целосни или нецелосни граѓани, дали уживаат права или слободи и никако не се поврзува со доминатната култура во државата или на етничките атрибути кои можат да бидат референца за нечив идентитет - рече Чупеска-Станишковска.