Јанев: Ако го решиме спорот со името недостоинствено, дел од луѓето ќе се чувстуваат уништени

пред 9 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, антропологот д-р Горан Јанев, зборуваше за идентитетот и преговорите за името.

Тој лоцира грешка во македонската историографија која како што вели, паднала во замката на следење на моделот на историографии како српската, грчката, бугарската, и градење на митовите за историски континуитет и за хомогенизација. 

- Првата точка кај македонското револуционерно движење е автономија на Македонија во рамки на Отоманската империја, а втората е борба против сите видови на шовинизам. Тие сите се левичари, социјалисти, анархисти и тие не верувале дека етничките Македонци треба да доминираат со Македонија, туку дека Македонија треба да се ослободи и од јаремот на Отоманската империја и да се овозможи слободно живеење на сите граѓаните на оваа територија, без дистинкција - рече Јанев. 

Јанев вели дека грешката е во историографијата која не ги потенцира заедничките моменти помеѓу Македонците и Албанците и сите останати што живеат тука туку паднала во замка на градење на ексклузивен национален идентитет.

- Разговорите со Грците треба да ги водиме со отворено срце, отворени очи и отворен ум. Но, еден момент е значаен - задирањето во достоинството. Ние мораме достоинствено да излеземе од овие преговори. Што побрзо, тоа подобро, се разбира. Но, дали е македонската страна таа што треба цело време да ги прави отстапките, тоа е друго прашање. Во 1992 година, Бадинтеровата комисија ја препорача Македонија за признавање, во Лисабон се постави прашањето за името на републиката. Европската заедница, меѓународната заедница има свој удел во оваа неправична распределба, баланс на сили спрема Македонија, па сега имаме дилема како треба да се викаме. Ние треба да имаме дилема како да изградиме заедничка политичка заедница. Република Македонија како таква, ако го изгуби делот од своето достоинство, ќе створи прво траен конфликт внатре во македонското етничко тело. Ќе имате бескрајно, долго време, многу долго време, луѓе кои ќе се чувствуваат - не поразени, туку уништени и понижени. Такви не ви требаат како граѓани во една земја, бидејќи тие својот гнев не ќе знаат како да го канализираат. Тоа е проблем од невидени размери. И за меѓуетничките односи внатре во нашата земја, и кон надвор - рече Јанев.