РЕК ја „посипува“ со опасен пепел Пелагонија

Автор: Славица Филиповска | на 3.2017 | In depth

Ова зад мене е комбинатот кој е најголемиот производител на електричната енергија и јаглен во Македонија, добро познат како РЕК Битола. Колку неговата работа влијае врз здравјето на луѓето, тешко е да дознаете од население, кое своето парче леб го вади токму оттаму.

Новинар: Правиме репортажа за РЕК Битола, може да ни кажете како е да се живее покрај ваков комбинат, дали ви пречи?

Жител: Од која партија сте?

Новинар: Не сме од партија, новинари сме.

Жител: Пријатно, со здравје!

Новаци. Село со голем потенцијал на природни богатства и административен центар на областа. Овде патот ги носи луѓето секој ден во еден ист правец,  а таму, изборот за работа е или откоп на јаглен или земјоделство.

Пензионерот Светозар Митревски вели дека работата на комбинатот ја чувствува и во неговaта бавча.

„Малце е потешко, има загадување, ама тоа е сега, од тоа луѓе живеат, ако не е тоа нема што да прават, што да работат, внатре има илјадници луѓе, треба да живеат. Е, сега може е лошо, ама покрај лошото е арно.

Еве јас зелка имам, внатре во зелката се таложи чадот. Зелката со самото виткање, фаќа од пепелта внатре, ако мавне ветер, ова ќе се нацули и прашината се витка внатре.

Еве ова вака што се гледа, тоа од пепелта оцрнето е. Тоа е... “, вели Митревски.

Комбинатот е на само неколку метри од куќата на Светозар.

„Лето и зима исто е, чади тој секогаш. Зимно време, ако доаѓа навака ние сме, ако тера натаму, оние имаат мака од другата страна.“, ни раскажа Митревски.

Барајќи соговорници низ селото наидовме на човек на велосипед. Задишаноста ја припишува на загадувањето.

„Еве гледаш јас, немам кондиција ич, тешко, многу загаденост тоа е, тоа е 99 отсто загаденост.“ вели Валентин Стојчевски, жител на селото.

Мноштвото жители на Новаци, кои се вработени во РЕК Битола, не се охрабрија да застанат пред камерата. Велат, нивната мака најдобро ќе ја раскаже отецот Душко, парохиски свештеник во селото и активист за заштита на животната средина.

„Евидентно е дека луѓето ги губат своите млади, своите најмили и многу од нив ќе чуете како ќе речат, господи нека има некаков ред, нека одат луѓето со некаков ред. Во ова место, во ова поднебје, луѓето заминуваат некако без ред. Некој ќе рече и во светот е така, но тука е навистина алармантно и очигледно дека нешто не е во ред со оваа животна средина.

Не сакам да звучам како некој што шири паника, но верувајте ми тоа е негативна енергија од која вие не може да се ослободите никогаш. Некој ќе рече тоа е моја професија, но сите кои се таму, никогаш не може да се ослободат од таква негативна енергија, кога човек испраќа некој млад, затоа што некој не води грижа за животната средина.“ вели Душко Груевски, свештеник и активист за здрава животна средина.

Свештеникот беше единствениот што прифати да не придружува до жариштето на проблемите.

„Овдека имате елементарна непогода од подолг размер. Континуирано се загадува животната средина. При првиот ветер, сето она што го гледате тука, целата таа пепел, целата таа прашина се разнесува низ Пелагонија, доаѓа во дворовите, во куќите на луѓето кои не можат да спростат алишта, на пример, надвор. Ние не зборуваме за затворање на енергетскиот комбинат, туку зборуваме за соодветно третирање на целиот процес, цело време.

За жал, ако погледнете, ќе видите дека е оставено, употребено – злоупотребено и оставено на забот на времето и затоа при првиот ветер, сето ова што не треба, се носи таму каде што не треба и преку храната ние го внесуваме во нашите организми и затоа се случува она што се случува.“, објаснуваше Груевски.

И покрај директните алармирања до комбинатот, со години ништо не се менува. Ова е отворениот систем за одлагање пепел и згура од комбинатот.

Согорувањето на јагленот во РЕК Битола ги создава овие ридови со остатоци од процесот на работа. Доколку оваа површина соодветно не се третира, таа може да биде опасна по здравјето на околината.

При работа на трите блока на термоелектраната, со согорување на јагленот се создава околу 150 тони пепел на час и речиси 16 тони згура.

Токму овие вештачки ридови од пепел, беа мотив за универзитетскиот професор по хемија, Трајче Стафилов, да се зафати со обемно истражување. За него, РЕК Битола е една од најопасните еко-точки во земјава.

„Ваков отпаден материјал – пепел добиен при согорување на лигнити, има зголемена содржина на одредени радиоизотопи и тоа е општо познато. Прелиминарните анализи извршени во Институтот за јавно здравје покажаа дека специфичната радиоактивност на одредени радиоизотопи, е 3 до 5 пати поголема отколку што е нивната радиоактивност во почвата од таа околина. И ако се собере вкупната радиоактивност од сите овие радиоизотопи, таа е меѓу четиристотини до петстотини бекерели на килограм како радиоактивност, што според правилникот за радиоактивен отпад се приближува кон радиоактивен отпад.“, тврди Стафилов.

Истражувањето на професорот покажало дека ветровите ја носат прашината и до градот Битола, кој е на 12 километри оддалеченост од РЕК.

„Во просторот од РЕК до Битола имаме дистрибуција на пепелта, иако се доминантни северните и јужните ветрови, но сепак имаме ветрови и источни и југоиточни и североисточни кои во одредени периоди пренесуваат пепел од оваа депонија отворена и кон градот Битола. Tака, во тој простор, примероците во мов имаа содржина на метали коишто се со повисока содржина во самиот пепел, од онаа во почвите како што се арсен, кадмиум, никел, олово и цинк пред се и точно го одредивме просторот, реонот, каде што тие вредности се повисоки, што значи индикација е дека имаме во тој пренос на таква прашина во просторот, истото тоа се потврди и со примероците од патна прашина.“, вели Стафилов.

Каква е ситуацијата кога ќе дувне малку посилен ветер, покажуваат и овие аматерски снимки направени над комбинатот.

Она за што Стафилов тврди дека е сериозен проблем, од РЕК Битола не сакаат да го коментираат. Велат, не биле директно вклучени во истражувањата:

„Пепелта и згурата се одлагаат во касети на одлагалишето со јаловина, а потоа се покриваат со слој на земја. Додека трае оваа секојдневна технолошка активност, може да има краткотрајни интервали во кои касетата е отворена додека се врши покривање со земја. Не е исклучена можноста јаглен, под влиjание на надворешни услови, да биде  подложен за самозапалување, но оваа појава е многу ретка и многу лесно се спречува, така што не може да има некое поголемо влијание врз околината и животната средина.“ велат од РЕК Битола.

Според ЕЛЕМ, податоците од нивните мерни станици покажале дека воздухот е загаден во дозволените граници.

За првиот човек на општината Лазар Котевски – РЕК Битола е капитален објект. Покрај субвенции за бракови, нагрaди за прво дете, бесплатно крштевање, Котевски вели дека комбинатот нуди и примамливи плати, како мотив младите да останат и тука да формираат семејства.

„Постојано контактираме со раководството на РЕК Битола тука, да преземат уште поголеми мерки, тие имаат сега некои проекти кои ќе ги спроведат, откопот на јаловината што е да биде што побрзо засипани тие дупки, бидејќи при налет на поголеми ветришта се создаваат големи облаци од прашина.“, вели Котевски.

И општината се обидува да работи на заштита.

„Една од мерките е со засадување брзорастечки растенија, како еден зелен појас да ги спречи тие налети на ветришта кои носат прашина во населените места.“ додава тој.

Новаци е во молк, но не и Битола. Серијата протести предводени од активисти, бараат општината да преземе мерки за да ги спаси од загадувањето од РЕК.

Речиси и да нема протест, кој поминал без активистот Илија Балковски.

„Имавме документ дека во 2012 година, од малигни неоплазми, деца од 6 години од вкупно 574 во Македонија, 222 се токму од Битола. Од тој поголем податок, некои не го поврзуваат, некои велат дека нема врска тоа со загадувањето, но морбидитетот во Пелагонискиот регион не само кај децата, туку и кај сите жители е најголем и ден денес. Тоа укажува на еден факт, дека имаме проблем со аерозагадувањето.“ вели Балтовски.

Она на што Илија не може да добие одговор е прашање зошто Министерството за животна средина прогледува низ прсти и го остава комбинатот со години да работи без да исполни минимални еколoшки стандарди за ваков тип комбинат- односно А еколошка дозвола.

„Во 2014 и Макстил се затвори, па потоа на РЕК и Југохром им беше продолжен рокот до 2017 да се прилагодат кон оперативните планови. Еве во 2017 и Југохром се затвори, меѓутоа РЕК Битола си продолжува со работа, веројатно бидејќи е стратешки објект бидејќи се произведува 73 отсто од струјата во Македонија, но веќе ако е толку стратешки објект и ако е толку значаен за Македонија, и луѓето кои живеат тука се дел од Македонија, а не се дел од Тунгузија или од Грција, туку се дел од Македонија, кои плаќаат даноци, кои ги плаќаат давачките и државата е должна уставно да му обезбеди здрава животна средина. За тоа ние говориме тука и за ништо друго.“ додава Балтовски.

Колку РЕК Битола влијае врз животната средина, од општина Битола експресно не упатија да прашаме во комбинатот. Министерството за животна средина пак побара прашањата да им ги доставиме преку електронска пошта. И се уште нема одговор.

Статистичките податоци покажуваат дека постои тренд на зголемување на заболени од канцер на белите дробови во Македонија.

Во 2004 година,во Македонија од белодробен рак починале 652 лица, а во 2014 бројот пораснал на 878. Во периодот од 2012 до 2014 најголем пораст на болничко-стационарно лекувани лица од канцер е регистриран токму во Пелагонискиот регион. Расте и бројот на респираторните заболувуња.

Колку за оваа црна статистика е виновен РЕК?

„Проблемот ни е двостран, емитирање на прашина како таква и зголемената радиоактивност на таквиот материјал. Присуството на честички воопшто цврсти честички е проблем и вие ако внесувате прашина со мали димензии таа се задржува во белите дробови во организмот и е проблем како физичка честичка и ако има нешто зголемена содржина на тешки метали и ако таа растворливост e во белите дробови или во желудникот на тие метали тогаш може да имаме и дополнителен проблем.“ вели Стафилов.

Зошто алармантните предупредувања не ја будат свеста кај најповиканите, за професорот е енигма. За отец Душко, пак, битката продолжува.

„Мислам и просто сум сигуирен дека никој нема намера ништо да промени, за жал,додека целиот народ, сите оние кои се засегнати, не речат - доста е! Сметам дека нема смисла сите да молчат да седат, да се смеат, и да констатираат дека ситуацијата е лоша, а неколкумина од нас да се борат против тоа, но реков, обврска ако не пред друг, барем пред нашите деца е да го правиме ова што го правиме, колку и да звучи глупаво, идеалистички и не знам како.“ вели отец Душко.