Кулминира политичкиот судир во Гостивар - единствена општина без буџет за 2018 година

Автор: Славица Филиповска | пред 3 месеци | In depth

„Почитуван Зоране, кажи ми: Се остава ли град со 100 илјади жители без буџет за атер на ДУИ?! Му се доделуваат ли на еден град вкупно 1 000 евра за цела година за култура?!... Се давиш во диктаторски скандали, бе Заев! Деновиве очекувам сите надлежности од областа на образованието, од Општина Гостивар да ги пренесеш на централната власт! Срам и брука!“ – отворено писмо на градоначалникот на општина Гостиавр Арбен Таравари до премиерот Заев.

 „Го сфаќам писмото како некоја горчина, веројатно од прекинот на соработката помеѓу Алијансата и СДСМ, се надевам, времен. Не ги делам општините во она што значи соработка и поддршка. Градоначалниците, исто како и јас, се лица кои привремено добиле чест и одговорност да управуваат со средствата на граѓаните.“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за prizma.mk.

По неколку дена Министерството за образование ги одзема ингеренциите на Таравари во образованието.

„Вчера потпладнето се одземени надлежностите на градоначалникот на општина Гостивар во делот на образованието и тоа во делот којшто се донесува на именување и разрешување на директори на општински основни и на средни училишта.“, рече министерката за образование Рената Дескоска од собраниската говорница.

Комуникацијата меѓу владата и доскорешниот нејзин министер Арбен Таравари го допре врвот на ледениот брег. Во следните девет месеци, градоначалникот на Гостивар останува без ингеренции во образованието во општината. Според министерството за образование, Таравари незаконски разрешувал и именувал директори на училиштата. Од ДУИ тврдат дека ги оставил само кадрите на ВМРО. Таравари, пак, обвинува за политички притисок од ДУИ, под кој потпаднал и Заев.

„Јас сум блокиран од сите страни, СДСМ и ДУИ ги направиле сите зла што можат да се направат законски. Не оставиле нешто што не можеле да не го направат. Директорите на ВМРО се назначени од Невзат Бејта. Јас не ги сменив, нормално чекам на Советот како ќе биде комбинацијата на советниците. Врз основа на советниците, така и понатаму ќе направиме конкурси, ќе се обидам новите директори кои ќе ги избереме да бидат без политичка припадност. Овие директори избрани во Гостивар се обидов да одам по училишните совети и да побарам предлози од нив. Во повеќето училишта бев и земав три, четири предлози од нив, еден сум избрал. Со целосна одговорност тврдам како и во многу емисии дека над половина од директорите лично не ги знам, значи не биле членови на Алијанса за Албанците.“, вели Таравари.

Одземањето на надлежностите во образованието може да биде привремена кулминација на политичкиот судир во или околу општина Гостивар. Друг суштински проблем кој може да кулминира е фактот што Гостивар е единствената општина во Македонија, која се уште нема буџет за 2018-та.

Прва воочлива последица од блокадата е тоа што паркингот е бесплатен насекаде низ градот. Од една страна, тоа е поволност за граѓаните, но од друга – предизвикува хаос во паркирањето. Без буџет, Таравари не може да ангажира фирма која би управувала со паркинзите. Договорот со претходната го раскинал оти вели дека бил неповолен.

Пречка да се изгласа општински буџет за 2018-та се несогласувањата меѓу градоначалникот кој е од Алијанса за Албанците и мнозинството во Советот кое го имаат ДУИ и СДСМ. Претседателот на Советот Насир Муслиу, кој е од редовите на ДУИ, тврди дека работите се под контрола.

„Вообичаено еднаш месечно се држат седниците на Советот. Ние за јануари имавме седница, сега ќе одржиме и за февруари па пак наредните месеци ако има потреба ќе одржиме седници.

-Но, случајот со Гостивар е посебен бидејќи нема буџет, вие како претседател на Советот имате ингеренции да свикате седница, па ако треба и вонредна. Зошто не го направивте тоа досега?

Па поради тоа што ја усвоивме одлуката за привремено финансирање немаше проблем да функционира општината и месец дена, два не е голем проблем, туку потребно е да се усвои буџет кој ќе биде за доброто на граѓаните и тоа сега го правиме.

-Дали ова е освета за Таравари бидејќи ги смени сите директори кои беа поставени од ДУИ?

Не тоа не е освета. Tоа е работа на градоначалникот кој можеби не требаше такво нешто да прави, требаше да го почитува законот и законски да ги избира и менува директорите. Тоа нема врска со одлуките на Советот.“, вели претседателот на општинскиот Совет Насир Муслиу.

Прашавме и во локалната организација на СДСМ. Тие имаат забелешки за начинот на кој Таравари го скроил предлог-буџетот.

„Сите проекти што се за општина Гостивар ќе ги реализираме преку Советот на општината Гостивар, бидејќи градоначалникот досега нема мрднато ни со прст, за некој проект, за нешто да направи, за да се подобрат условите за живот на граѓаните на Гостивар

-А како би направил некој проект кога нема буџет?

Буџет има на располагање, една третина од минатиот буџет.

-Тоа се за плати.

Градоначалникот не најавил досега ниту еден проект дека треба да се реализира, не не викнал на разговор досега.“, ни посочи општинскиот советник во Гостивар од редовите на СДСМ Зоран Ангелов.

Општината привремено се финансира со позајмици од Министерството за финансии. Ако буџетот не се изгласа до 31-ви март, Законот за локална самоуправа предвидува распуштање на општинскиот Совет и организирање нови локални избори во таа општина. Но, само за советници, а не и за градоначалник.

„Без да се разговара за буџетот, се вели дека не е развоен, мислам дека е некоректно. А, да разговаравме за предлог- буџетот  и јас да не ги прифатев предлозите, тогаш прифаќам дека немало соработка меѓу градоначалникот и советот. Но, јас сум спремен, го кажав и пред сите советници, да ги прифатам сите предлози за дополнувања. Граѓаните на Гостивар одлучија кој е градоначалник на општината. Не може некој да дојде и да каже овој ќе биде градоначалник, овој министер, другиот премиер, го немаме тој луксуз. Ова е демократија. Демократијата е промена. Се надевам дека ќе се изгласа буџетот следните недели. Ако не, јас сакам да одам на предвремени избори за општинскиот совет. Мислам дека Алијанса за Албанците е развиена многу повеќе и убедливо ќе го победи ДУИ. Ако сакат тие да се натпреваруваат и да видиме како стои сега ДУИ, а како Алијансата, ги повикувам, ние како Алијанса сме подготвени и сакаме да одиме на предвремени избори за општинскиот совет.“, вели Таравари.

Од мнозинството во Советот велат дека работите нема да стигнат до предвремени избори.

„Ние имаме расположение да го усвоиме буџетот, нема потреба граѓаните да ги ставаме на дополнителен товар да има пак избори, кога нема потреба.“, уверува Муслиу.

„Во Гостивар ќе се разгледа буџетот, ќе се донесат амандмански решенија, ќе се интервенира во буџетот за да можеме да ги задоволиме основните потреби на граѓаните во Гостивар.“, вели и советникот Ангелов од СДСМ.

Како прв можен датум за седница на која би се дискутирало за буџетот се спомнува 5-ти март.