Каде заглавија работите во реализацијата на Планот 3-6-9?

Автор: Александар Димитриевски | пред 7 месеци | In depth

Толку повторуваното реформско слово на Владата „3-6-9“ како да дава резултати.

„Бев јасен, мислам. Ние сме повеќе од задоволни од ритамот со кој се спроведуваат реформите во земјата.“- изјави претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер.

Ставот на Брисел би требало да значи дека владата во Скопје спровела доволно реформи за наскоро да очекува безусловна препорака за старт на преговори.

Но, колку статистички изнесува тоа што за европските политичари е „доволно“ или „задоволително“? Во моментов, во јавен оптек си три бројки.  Една презентираше опозицијата, втора владата а третата е производ на единствениот надворешен мониторинг на остварувањето на планот 3-6-9.

Анализата што ја прави Институтот за демократија покажува дека Владата исполнила 52% од задачите на кои се обврзала во делот 6, кој истече околу Нова година. Делумно се завршени 16% од активностите, а воопшто не се исполнети 19%, или една од пет задачи. Мерењето на исполнувањето на останатите 13% од активностите е невозможно, поради начинот на кој се поставени.  

Ова се прелиминарните бројки, а во Институтот се уште се работи на конечниот извештај. Истражувачот Зоран Нечев и неговите колеги забележуваат дека при остварување на 6-ката владата помалку ја вклучува јавноста отколку при 3-ката и дека се заборавени цели области од претходната фаза, како реформите во изборниот процес. Сепак, гледаат и напредок, бидејќи остварувањето на обврските е поголемо од првите три месеци и е фокусирано на најважните области.

„ Од овие 52%, можеме да кажеме дека оние круцијални, крупни реформски зафати коишто требаше да бидат започнати во овој временски период, или се започнати или се имплементирани, и тоа можеме да го врземе со онаа кратка листа на ЕУ приоритетите која беше доставена во Владата од страна на делегацијата на ЕУ во Скопје, што е низа на реформи кои се опфатени во планот 3-6-9, коишто би им помогнало на комисијата во Брисел, пред објавувањето на кредибилната европска перспектива за Западен Балкан да даде, или да има позитивна слика за реформите и реформските зафати во Република Македонија.“- вели Зоран Нечев, истражувач во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“

Реформските зафати на кои инсистира Брисел, а според мониторингот на Институтот за демократија, Владата најмногу им посветила внимание се - судството, следењето на комуникациите и јавната администрација. Но, каде Брисел гледа напредок, кога и отворените поддржувачи на актуелната власт критикуваат дека нема ништо од реформите.

„ Во овој момент, користа или видливоста на реформите поврзани со евроинтегративниот процес за граѓаните на Република Македонија не се во голема мера видливи. Тоа произлегува од самата фаза на овој план. Значи, станува збор за донесување на закони, законски решенија, стратегии коишто допрва ќе почнат со имплементација. Така што, моментот во кој граѓаните ќе ги осетат овие реформи е во моментот кога ќе почнат да се имплементираат истите.“ – вели Нечев.

Додека Нечев и колегите го привршуваат својот извештај, деновиве беа презентирани две други анализи за тоа до каде е владата со реформите што самата си ги зацрта. Станува збор за документи кои го следат оствареното не само во делот 6 од планот, како во извештајот што го подготвува Институтот за демократија, туку и во делот 9 за кој крајниот рок е април.

Едниот документ го презентираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Отворено“ на 24 Вести. За него, податоците се поразителни.

„На владина седница, на 15.02 е презентиран. Пред некој ден. Ова е документ, нацрт записник, во којшто се бара осврт на она што се нарекува 3-6-9 план... Во овој момент 9-ката завршува. Вие имате не цели 42% од она што сте обврзале во овој план 3-6-9 да го реализирате е реализирано. Ова, црвено, жолто, зелено, семафорот овдека. 42%. Во една ваква ситуација вие треба да си поставите прашање, што е проблемот? Дали е недостаток на демократија? Ајде да видиме, да поразговараме со овие луѓе, да видиме што чувствуваат. Да видиме, што ни забележуваат. Што е проблемот. Затоа што ние, еве не биле добри овие претходниве. Ајде да бидеме поразлични. Ајде да разговараме.

Ама тоа кога сте во опозиција сите сакаат да разговараат?

Епа еве го резултатот. Еве ова е резултатот. 42%. Губат сите овие луѓе тука овдека. Сите овие губат. Не губат политичарите.“- изјави Христијан Мицковски во дебатата со неколку новинари.

Неколку дена по Мицкоски, извештај презентираше и вицепремиерот Бујар Османи.

„Прво, (остварувањето на н.з.) овој план се ажурира секоја недела ... Второ, реков дека не може процентуално да се анализира табелата затоа што мерките се квалитативно различни.“- објасни вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во саботата, пред да ја почне презентацијата.

Од тие причини, Османи не кажа колкав е процентот на реализација, но ако се преброи се што кажа во речиси едночасовната прес-конференција процентот на завршени задачи е околу 50 отсто. Тоа што не е завршено, смета дека е последица на владината определба законите предвидени во планот да се усогласат и изгласаат заедно со опозицијата.

„Јас, најлесно ми е да кажам дека секаде каде што имаше црвено во планот е заради не добра координација односно невклучување на опозицијата, несоработката на опозицијата во спроведување на реформите. Меѓутоа не сакам тоа да го правам бидејќи сакам да се изземе расправата дури и вокабуларот кога се однесува на планот 3-6-9  ... Планот 3-6-9 и меѓуетничките односи од меѓупартиските дневни препукувања. Тоа е најголемата неодговорност од било кој политичар.

Во следниве два месеци, доколку не дојде до позначителен дијалог и согласност со опозицијата, дали на крај ќе одите и со усвојување на законски решенија и без нивна согласност барем онаму каде што нема потреба од двотретинско мнозинство?

„Ние веќе ја имаме таа дилема, бидејќи пред неколку дена колабираше на некој начин можноста по однос на договор за законот за заштитени сведоци… Тоа што е надлежност на Владата видовте дека е зелено. Јас не видов дека има некоја мерка црвена која директно зависи само од работата на Владата и од страна на институциите. Меѓутоа ја разбирам и опозицијата дека е потребно и време и можеби имаат некои забелешки што можеби се конструктивни, можеби се суштински и затоа е ова наша волја да бидеме инклузивни во процесот. Mеѓутоа како доаѓаме до април, ние мораме да испорачаме. “- одговори Османи.