Како поминал камионџијата од популарното видео кој ја моли германската полиција да не го казнува

Автор: Зоран Јованоски | пред 3 месеци | In depth

За каква случка зборува видеото популарно на интернет со камионџијата од Македонија и германската полициска патрола?

„Ова е вонреден технички преглед и тоа многу често им се случува на камиони коишто не се од Европска унија.“ – смета Никола Гроздоски – специјалист за товарни гуми.  

„Во останати околности возачот ќе биде отстранет од сообраќај се додека не ја замени гумата. Нема да му биде дозволено да продолжи со ваква гума во сообраќајот.“ - вели Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

„Штата што нашиот возач не познава закон. Тие се премногу учтиви и му објаснуваат. Со должно внимание му објаснуваат на нашиот возач каде ги увиделе неговите грешки. Германските полицајци важат за доста трпеливи и доста темелни во нивните контроли и во нивните објаснувања.“ – смета инструкторот за обуки на професионални возачи Дејан Николовски.

Каков проблем му направија дотраените гуми?

„Оваа гума е целосно нефункционална и неупотреблива, меѓутоа за жал еве се користи и резултатот е тој.“ – вели Манчев.

„На прв поглед делува како да е газната површина на гумата репарирана, како да е лепена.“ – смета Николовски.

Може ли да се препознае дали се работи за репарирана гума или нова, но премногу истрошена?

„Ова е нова гума, сигурен сум. Затоа што, барем јас колку што знам, во Македонија никој не ја поправа, протектира, оваа гума зашто нема доволни квалитети за да преживее уште еден живот понатаму. Се работи за кинеска гума.“ – тврди Гроздоски.

Успеа ли возачот да се извлече без казна?

„Не. Можеби на германскиот полицаец му беше интересно како возачот пробува да се извади, а не верувам дека поминал без казна. Тоа ви гарантирам.“ – додава Гроздоски.

„Според коментарите на социјалните мрежи веројатно не е казнет, поради тоа што станува збор за емисија која оди на некоја од германските телевизии. Веројатно повеќе целта е тоа да биде поука за тоа што реално се случува на патиштата ширум Европа.“ – објаснува Манчев.  

Чија е вината за ваквите ситуации? Кај самите возачи или кај превозниците коишто не им овозможуваат нормални услови за работа?

„Видете. Вие ако работите во услови во кои ви тебаат добри чевли, а одите со влечки, нормално, вие како работник прво ќе речете извинете јас не можам да работам во овие услови. Така да треба и возачите да речат извинете со ваква гума јас не смеам да патувам. Не е безбедно.“ – советува Гроздоски.

„Го има оној момент ако пројде – пројде, АПП – ако проџе – проџе. Ајде уште оваа тура, газдата тоа го аминува, ако помине оваа тура во ред, па за следната ќе ги смениме сигурно. Арно ама еве...“ – рече Николовски.

Техничката исправност на камионот е основен предуслов за безбедно возење. На технички преглед, меѓу другото, се прави визуелна проверка на гумите. Треба да бидат соодветни на типот на возилото, на годишното време и да имаат соодветна длабочина на шарите. Шарата на летните камионски пневматици треба да биде со минимум два милиметра длабочина, а на зимските – шест милиметри.

Еден ваков камион може да чини околу 150 илјади евра и да носи товар од 40 тони. Затоа познавачите не гледаат економска логика која било транспортна компанија да си ги загрози бизнисот и безбедноста на вработените поради стари гуми.

„Во такви случаи, во странство, веднаш возилото се исклучува од сообраќајот. Се носи во овластен сервис. Истото мора да изврши промена на сите пневматици. Тоа е поголем материјален трошок бидејќи цените на пневматиците во Европа се многу поголеми отколку кај нас. Казните, во зависност од државата, се движат од 1500 до 3500 евра, сигурно ќе изгубат 2-3 дена и нормално ќе задоцнат во испораката на робата. Тоа се дополнителни пенали и кога ќе се собере на куп, штетата е многу поголема отколку тоа возило да има гуми онакви какви што треба, односно истите да се менуваат на време.“ – објаснува Влатко Ѓуроски – раководител во СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.     

Во зависност од квалитетот и намената, некои гуми може да бидат обновени во соодветни услови и повторно да се користат. Тоа кај нас е регулирано со соодветни правилници. Но, некои познавачи сметаат дека во ова нема голем ќар и оти треба да се користат само нови гуми.

„Секоја друга алтернатива како ново жлебање на гумите, народски кажано, за мене е неприфатливо. Можете и сервисерите за возила да ги прашате дека такви комбинации не се прифатливи и за нив. Така да јас искрено не препорачувам, без разлика колку квалитетно тоа да може да се направи.“ – вели инструкторот Николовски.

Во малкуте погони во земјава во кои се обновуваат стари гуми велат дека сите лоши муабети за овој бизнис се всушност митови. Овде тврдат дека обновената гума е исто толку добра како нова.

На плацот пред еден таков сервис има гуми коишто имаат потенцијал да бидат обновени. А ако се премногу стари и истрошени - одат во ѓубре.

„Ова се нарекува протектирање на гумите, односно во превод обновување на газечкиот слој на гумата. Тоа е сосема професионално и оправдано, меѓутоа не во аматерски сервиси. За тоа постојат професионални и обучени сервисери во нашите сервиси што можат да го направат тоа.“ – вели Гроздоски.

Ова е токму таков погон, во кој се обновуваат пневматици, но само за камиони, автобуси, багери... За автомобилски гуми не е исплатливо. Обновени гуми не смеат да се користат за мотоцикли и на предни тркала на автобуси. И возила што пренесуваат опасни материи се во оваа категорија.

Обновата се врши на два начина: со продлабочување на истрошените шари или со вадење на истрошениот слој и лепење нов.

„Ова е последниот стадиум од производството на една протектирана гума каде што се полага протекторот – новиот слој што го ставаме на гумата.“ – покажува Гроздоски на една од машините и додава: „Најчесто земаме премиум брендови кои се протектираат како Мишелин, Бриџстон, Континентал итн. Тие брендови имаат вредност кога ќе ги купите како нови. Самата нивна вредност е поголема, меѓутоа, остануваат за употреба со уште еден живот, втор живот. Тоа е протектирањето.“

Aко една нова камионска гума чини 400 евра, обновената е за речиси 30 отсто поевтина и чини помалку од 300 евра.

„Генерално на патиштата се среќаваат многу отпадоци од гуми, кои се видливи. 95 насто од нив може подеднакво да бидат и од нова и од стара гума затоа што во овој процес со новиот дел што го ставаме на старата гума, настанува реакција односно вулканизација, врзување на новиот дел со каркасата и практично е невозможно да се одлепи тој дел, освен во случај кога ќе настане некаква повреда како и кај нова гума. Нема разлика во векот на траење на нова и обновена гума.“ – тврди специјалистот за товарни гуми Гроздоски.

Од Рупубличкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека за состојбата на гумите особено треба да водат сметка професионалните возачи кои често се на патиштата низ Европа. Македонската регулатива е целосно усогласена со европската.

„Ние како Совет апелираме до сите возачи, посебно до професионалните, да ја потврдат својата професионалност на дело. Особено е важно да апелираме до сопствениците на транспортни компании, затоа што меѓу другото тоа е и нивна обврска, нивен долгорочен бенефит е возилото да биде технички исправно, со квалитетни и соодветни пневматици пред се заради безбедноста, но и заради санкциите и економските придобивки.“ – изјави Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Македонија има недостиг од професионални возачи на товарни возила иако платите се далеку над македонскиот просек. Тоа зборува за тежината на професијата и предизвиците со кои возачите се соочуваат на патиштата по светот.

Возачот од популарното видео е со долгогодишно искуство, а сепак му се случија германските полицајци. Го контактиравме по телефон, но не сакаше пред камера да зборува за настанот, за кој тврди дека се случил пред околу две години. Не дознавме точно за какви гуми станувало збор: нови, обновени, скапи или евтини. Само ни кажа дека е од Велес, дека професионално вози околу 30 години и дека, сепак, во конкретниот случај поминал без казна. Верувале или не.