Груевски непоканет оди во Малта - во придружбата лице од протоколот на премиерот

Автор: Владимир Мирчески | пред 11 месеци | In depth

„360 Степени“ денеска (27.03.2017) околу 11 часот по македонско време го затекна и го сними лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на аеродромот „Ататурк“ кај Истанбул. Тој пристигна во Истанбул со лет на „Туркиш Ерланјс“ од Скопје. Во негова придружба освен членови на обезбедувањето, немаше други членови на партијата или на семејството на екс-премиерот.

Но, интересна епизода се случи на аеродромот близу Истанбул: имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го пречека амбасадорот на Република Македонија во Турција, Звонко Муцунски. „360 Степени“ упати прашања до македонското Министерство за надворешни работи – која е основата за амбасадор на државата да пречекува партиски лидер и колку овој гест на амбасадорот Муцунски ја чини државата, со оглед на тоа што неговото седиште е во Анкара, која е 450 километри оддалечена од Истанбул. До овој момент не добивме одговори.

Исто така, нејасно е како во придружба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше и лице од протоколот на премиерот. Името на Зоран Поповиќ, кој денеска слета заедно со Груевски во Истанбул, е наведено на интернет-страницата на МНР како член на протоколот на претседателот на Владата. Груевски подолго време не е тоа.

Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Груевски патувал за Малта, каде со партиска делегација од денеска учествува на конгрес на И-пи-пи, Европската народна партија, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ. Но, доволно е да се фрли само еден поглед на официјалната интернет-страница на конгресот на И-пи-пи за да се види дека собирот на европските десничари на Малта започнува дури во среда. Каде ќе биде и што ќе прави Груевски до среда – останува нејасно.

Притоа, интересно ќе биде да се види дали Груевски на Малта ќе има средби со некого од повидните членови на европската десница – Меркел, Јункер, Туск, Дол и какви пораки ќе му бидат пренесени. По подолг период на неутралност, се чини дека  Европската народна партија во последниот период го смени ставот за состојбите во Македонија. Тоа може да се прочита и од заедничката изјава на европската четворка која во вторникот беше во Скопје и во која двајца од делегацијата – еврокомесарот Јоханес Хан и европратеникот Едуард Кукан се од И-пи-пи. Во таа изјава многу јасно беше посочено дека сите мора да го почитуваат мнозинството во парламентот и да овозможат – прво, избор на спикер, а потоа и на нова влада. Исто така, треба да се види дали ќе има пораки во насока на можно суспендирање на ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија поради непочитување на базичните демократски вредности – за што досега зборуваа повеќе гласови. Меѓу другите и европратеникот Иво Вајгл.

Тој беше еден од официјалните европски претставници што ги потврдија наводите што ги објавивме минатиот понеделник – дека во Брисел и се навратиле на опцијата за воведување таргетирани санкции кон поединци-политичари во Македонија. Тоа, пред се, се однесува на претседателот Ѓорге Иванов. Сепак, освен потврда дека санкциите се опција, засега нема поконкретни информации дали и кога би се случило такво нешто.

Во контекст на ова, од овде, од европската престолнина и најавата дека утре во Европскиот парламент ќе се одржи дебата на тема – Кризата на демократијата на Западен Балкан – авторитаризам и ЕУ-стабилитократија. Учествуваат неколкумина европратеници, меѓу кои и двајца што се олеснувачи на политичкиот процес во Македонија – Кукан и левичарот Кнут Флекенштајн. Какви ќе бидат новите пораки од Брисел, со оглед на одолговлекувањето на политичкиот процес во Македонија, во следните наши изданија. „360 Степени“ во Брисел – се јави Владимир Мирчески.