Шилегов за отстранувањето на галиите: Се работи за безбедност, последиците можат да бидат огромни

пред 3 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, Петре Шилегов, градоначалник на Скопје, зборуваше за најавеното отстранувањето на галиите од реката Вардар во центарот на Скопје.

Тој ја демантираше сумата од 8 милиони евра нарекувајќи ја лага на ВМРО-ДПМНЕ.

- Сумата од 4,5 до 5 милиони евра е таа која што е потребна. За свои популистички побуди одбираат да креираат лага. Сума од 8 милиони евра никогаш не била спомета - рече Шилегов.

Запрашан за тоа дека и ваквата сума е многу сериозна, градоначалникот Шилегов ги спомена последните излевања на Вардар и последиците од тоа.

- Не можам да бидам нем сведок и гледач на тоа што се одвива - рече Шилегов.

Тој зборуваше за студијата на УНДП за можни поплавувања на Скопје, каде се проценува материјална штета и до 500 милиони евра.

- Треба да сте градоначалник на Скопје, да знаете што може да се случи... а може да се случи секој ден. Стајковци е доказ дека работите можат да се случат преку ноќ... И сега јас треба да седам мирен и да речам - во ред, ако се случи, се случи, ако ни умрат некои сограѓани, ни умрат, ако ни се поплават објекти и настане штета, настане... што да правам јас, Никола Груевски одлучил да си игра лего коцки со центарот на градот Скопје. Не станува збор за каприц на Шилегов, дека сака да го руши Скопје 2014. Станува збор за безбедност на граѓаните на градот Скопје. Кому јас утре ќе треба да му објаснувам зошто не сум ги тргнал бродовите ако не дај Боже, се удави некој граѓанин во тие поплави, или куќите се срозаат со земја - рече Шилегов.

Тој рече дека во сумата се вклучени и пеналите кон сопствениците на галиите, како и дека тие ќе треба да се демонтираат, а темелите да се срушат.