Шилегов за Ќосето: Уривањето на дивоградба нема во себе свеченост и не треба да се прави со најави

пред 3 месеци | Дебати

Во интервју за „360 Степени“, Петре Шилегов, градоначалник на Скопје, зборуваше за отстранувањето на споменикот на Андон Јанев-Ќосето и зошто тоа беше направено ноќе, исто како што беше и поставен за што, СДСМ во опозиција велеше дека е на „шверцерски“ начин.

- Поставување на споменик е свечен чин и тој по дефиниција не треба да се одвива во раните утрински часови, шверцерски. Очигледно е дека некој ја знаел или ја познавал правната ситуација. Контроверзноста што таквото поставување на таков лик, на таа локација, со таква стравична порака за џелатење на луѓето кога влегуваат во судот, го знаел и така одлучил, наместо да го направи еден свечен чин на поставување на споменик на некој што можеби е заслужен, или во конкретниот случај е измислен лик во нашата историја. Додека уривањето на дивоградба нема во себе свеченост. Тоа не треба да го правите со фанфари и со најави, и тука сте рационален во приодот.

Ве разбирам. Имам едно прашање. Зошто минимум, да речеме, еден ден претходно не ја известивте јавноста дека сте примиле решение од инспекторатот на Општина Центар, и да и најавите на јавноста, не мора точен ден да кажете, во законскиот рок ќе постапиме по решението на Општина Центар. Бидејќи зборувате за тоа дека ќе воведувате нови принципи, нови вредности во политиката. Нели мислевте дека треба барем да ја известите јавноста? 

- Првиот и основен принцип што го воведуваме е законитост во постапувањето на институциите. Апсурдно за мене е дека градот е иницијатор на дивоградба. Градот којшто треба да се грижи за запазување на законитоста во сите постапки.

Не е тоа моето прашање, друго ве прашав.

- Ќе дојдам и до тој одговор. Рокот за постапување согласно актот што го доби Градот од Општина Центар е 3 дена. Во тие 3 дена требаше да ги направиме сите подготовки, во спротивно ќе го изложевме градот на дополнителни трошоци, бидејќи ќе требаше општината со надлежната инспекција да го отстрани а градот да го плати тоа отстапување...

Но, нели мислите дека јавноста заслужува барем минимум да ја известите претходно?

- Јавноста беше известена од страна на Општина Центар дека е издадено такво решение до градот. Постапувањето во законскиот рок е нешто што е за мене како градоначалник императив. И постапивме на тој начин во конкретниот случај.