Дали терминот „nationality“, за кој се преговара, е поврзан со идентитетот на етничките Македонци?

Автор: Владимир Мирчески | пред 8 месеци | In depth

Јавните изјави дадени во екот на разговорите со Грција, многупати противречни една со друга, не помагаат за да се разјасни - на што всушност се мисли кога се зборува за идентитетот во процесот за името.. 

Едниот елемент, за кој нема никакви дилеми дека е директно поврзан со идентитетот на етничките Македонци, е одредницата со која ќе биде означен јазикот. Вториот елемент со кој се поврзува прашањето за идентитетот, е начинот на кој ќе биде пополнета графата „nationality“, која повеќе од 10 години наоѓа место во предлозите на медијаторот Метју Нимиц.. 

И во најновата рамка со идеи од Нимиц, која интегрално ја објави грчка „То Вима“, се предложени решенија за таа графа.. Посредникот како пример за можно компромисно име го користи „Republika Gorna Makedonija“, па за „nationality“ ги предлага следните алтернативни верзии: „makedonski“, со латинична транслитерација, „of Republika Gorna Makedonija” и „of Gorna Makedonija”.. Дел од интерпретациите на ваквите опции се дека тие ќе доведат до преименување на етничките Македонци во, на пример, Горномакедонци..

Но, што всушност значи терминот „nationality“ и дали тој има врска со идентитетот на етничките Македонци?? Иако овој термин во јавната сфера најчесто се преведува како „националност“, првиот одговор за тоа што е „nationality“, може да се најде на личните документи на секој граѓанин на Република Македонија.. 

Ова е лична карта, на која се гледа дека официјалниот превод на терминот „nationality“ е државјанство. До истиот одговор се стигнува и кога ќе се провери образецот за пасошот – и таму преводот за „nationality“ e државјанство.

А што е државјанство и дали таа правна категорија е поврзана со нечиј етнички идентитет?? Потрагата по прецизна дефиниција не доведе до Европската конвенција за државјанство - European convention on nationality усвоена во Советот на Европа во 1997-та. Во членот два од овој меѓународен документ пишува:

„Државјанство (nationality) значи правна врска меѓу лицето и државата и не го означува етничкото потекло на лицето..“

Дополнително, во конвенцијата се објаснува дека терминот „nationality“ е синоним со терминот „citizenship“. Проверките на „360 Степени“ покажаа дека овој документ на Советот на Европа, со овие дефиниции, е ратификуван во Собранието на Република Македонија во 2002-та година.. Ова се стенографските белешки од седницата на парламентот одржана во јануари 2002-та, кога мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ, и кои покажуваат дека конвенцијата е усвоена без ниту еден глас против.

Пример за тоа дека државјанството не го означува етничкиот идентитет на поединецот може да биде македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави.. Значаен дел од иселениците имаат американски пасоши.. Увидот во нив открива дека во графата „nationality“ или државјанство пишува – на Соединетите Американски Држави. Но, државјанството, очигледно, на никаков начин, не ги ограничува овие луѓе да продолжат да се декларираат и чувствуваат за етнички Македонци.

Има и обратни примери – како синот на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, Сушанто, кој има пасош на Република Македонија, во кој во графата „nationality“ му пишува – „македонско“, што не значи дека Сушанто Рој по автоматизам станал етнички Македонец.

Да сумираме – терминот „nationality“ е државјанство. Државјанство е правна врска меѓу поединец и држава и на никаков начин не одразува нечиј етнички идентитет.. Притоа, вториот аспект што се наметнува е како и со каков термин се изразува нечие државјанство.

Примерот со американскиот пасош покажа дека во графата „nationality“ односно државјанство стои името на државата – Соединети Американски Држави. Има и други примери во светот, како холандскиот, во чии пасоши, графата за државјанство е пополнета со придавката – „холандско“.

Во Република Македонија во овој момент државјанството се означува со терминот – „македонско“. Но, не беше така до пред десетина години.

Ова е мојот актуелен пасош и во него во графата државјанство пишува „македонско“. Ова е мојот некогашен пасош, издаден во 2004-та година, во кој графата државјанство е пополнета со името на државата – „Република Македонија“. Сега „македонско“, некогаш „државјанство на Република Македонија“. А во основа – ист човек со ист идентитет.

Дополнително, Уставот во членот 4 нормира:

„граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија.“

Овој пристап соодветствува и на различната етничка припадност на граѓаните на земјава. Значи, ако државјанството е правна одредница, јазикот останува главна идентитетска одредница за етничките Македонци во потенцијалното пакет-решение за името.