Орданоски: Слаба влада без јасен концепт, мора да има и План Б ако не го решиме спорот со Грција

пред 9 месеци | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, аналитичарот Сашо Орданоски, зборуваше за досегашната работа на Владата на Зоран Заев.

- Не гледаме еден јасен концепт за тоа што сака да прави оваа, сега веќе можеме да ја квалификуваме како слаба Влада. Таму има и добри министерски решенија, лоши министерски решенија, Заев влезе во коалиција со ДУИ заради математичките прилики во парламентот, прифати ДУИ да се однесува како светот ништо да не се променил. Сега е жртва на тие политики, бидејќи ДУИ навистина се однесува како да е продолжение на 2012 година, на пример. Од друга страна во самото СДСМ се гледаат проблематични кадровски решенија, се гледа немање дури ни визија во некој од клучните ресори за тоа каде треба да се движи приказната - рече Орданоски.

Тој смета дека ова предизвикува и дополнителен притисок од јавноста која претходно помогнала да се сруши претходната власт.

- Не се гледа една кохерентна политика, не се гледа една иницијатива. Ова не е „care-taking government“, ова не е business as usual; ова не е само обична работа во која треба само да се промени владата и да се продолжи. Нас ни треба во сите области нов исчекор, дури некаде и контроверзен исчекор. Не ни треба нас едноставно продолжување каде што се застанало. Така ако продолжиме, претходниве беа и подобри. Барем беа и поуиграни. Бидејќи не беа демократи беа и поефикасни, и побрзи во се. Сакам да кажам, тешка е оваа комбинација која им стои на масата на новиве министри и на Заев. Таа подразбира дека јавноста е гладна, нестрплива, дел од јавноста сака и крв да види, не во буквална смисла, туку во политичка смисла, да има жртви во процесот, да има луѓе коишто ќе одговараат за тоа што го правеле - рече Орданоски.

Тој вели дека поради ова власта е исплашена да преземе и најмали чекори, што предизвикува работите да не се менуваат согласно очекувањата на јавноста.

Орданоски рече дека со новата Влада постигнат е голем успех во надворешната политика и вратени се меѓународните позиции срушени во претходните 10 години.

- Тоа не е спорно, спорно е што другата агенда не создава План Б ако Планот А не успее. Бидејќи Македонија мора да има и План А и План Б, а Планот Б е да сето друго тече. Ние можеби и нема да го решиме спорот со Грција. Што значи тоа? Дека нема да изгрее сонцето наредниот ден? Затоа ние мораме да ги правиме сите други неопходни работи. Не гледаме Влада којашто е доволно енергична, со вистински концепти, премногу е оставено на Заев, тој да е Супермен, а не е... не би можел да ја истера целата агенда на Владата - рече Орданоски.

Тој вели дека власта не носи и обични решенија, па затоа следуваат и случаи како со продолжување на мандатот на директорот на МРТ од времето на претходната власт.