Заев од Анкара ја нарече „терористичка“ организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен - не кажа што ќе преземе

Автор: Зоран Јованоски | пред 3 месеци | In depth

Турција го охрабрува дијалогот меѓу Македонија и Грција во насока на изнаоѓање на решение за прашањето за името. Ова е една од клучните пораката кои во Анкара ги доби премиерот Зоран Заев на средбите со турскиот државен врв. Позицијата на најмоќната држава во регионот се очекуваше со доза на неизвесност бидејќи ставот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган од пред само неколку дена остави простор спорот за името дополнително да се искомпликува. 

„ Г-дине Заев вие отворено се залагате и работите на компромисно решение на прашањето за името, но од друга страна турскиот пресдетаел Ердоган во својата последна изјава за името вели дека тоа што го бара Атина од Скопје е нефер. Со ова, на некој начин, тој имплицира дека е против решение на спорот за името. Коментар околу ваквите ставови на турскиот претсдеател и од премиерот Јилдирим.“- праша 360 Степени на заедничката прес конференција на премиерите на Република Турција и Република Македонија во Анкара.

„Турција е првата земја која ја призна Македонија под нејзиното уставно име. Името на една земја го определува самата земја, не го определуваат некои други земји. Тоа е многу погрешно. Но покрај сите овие активности во врска со ова прашање проблемите кои ги доживуваме со Грција мислам дека со разговори ќе може да се решат, со добра волја, со добра намера, ќе се изнајдат можности да се решат. Ова е наша најголема можност бидејќи соседните земји меѓусебните проблеми треба да ги решаваат врз основа на меѓусебни разговори и братски пристап.“ – одговори турскиот премиер, г.Бинали Јилдирим.

„ Ние денеска разговаравме и за ова прашање и Турција како пријател секако поддржува решение кое што ќе биде прифатливо за двете страни заради тоа што навистина тоа е решение единствено возможно за нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Јас сум убеден дека навистина со вакво охрабрување  и поддршка од најголемите пријатели на Република Македонија ќе се изнајде решение за овој повеќе од 25 години стар проблем кој што република Грција го има со нашето уставно име.“- одговори македонскиот премиер Зоран Заев.

За истакнување е и тоа што Зоран Заев стана првиот официјален претставник на Република Македонија кој го употреби зборот „терористичка“ за организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен, кој во Турција е портретиран за најголем противник на Реџеп Таип Ердоган. Сепак, Заев не сподели детали како Македонија ќе соработува со Турција за ова прашање. Познато е дека Турција уште додека премиер беше Груевски бараше затворање на училишта, невладини и други организации во Македонија кои ги смета за блиски до Ѓулен. Јавно, не е познато дека било каков ентитет беше затворен. 

„Сакам да изразам благодарност на Република Македонија за поддршката на Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО. На средбата констатиравме дека што поскоро треба да се окончаат активностите на терористичката организација ФЕТО во Македонија и во тој контекст и премиерот на Македонија ни даде целосна поддршка.“- изјави Јилдирим.

„ Ние даваме целосна поддршка на Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО. Апсолутно ги превземаме согласно уставот и законот сите чекори во Република Македонија кои што секако ќе го унапредат нашето пријателство со Република Турција. Ќе ги почитуваме и сите меѓународните договори како и сите меѓународни правила, но се што ќе превземеме е за да и докажеме на Република Турција и граѓаните во Република Турција дека во Македонија имаат искрен пријател. Ние преземаме чекори и ќе продолжиме да преземаме чекори заради тоа што и од полза на граѓаните на Македонија пред се е унапредувањето, зајакнувањето и секако негувањето на ова големо пријателство кое постои помеѓу двата народи и двете земји.“ – изјави Заев.

Освен со политичкиот врв на Турција, Заев имаше групни и индивидуални средби со турски бизнисмени. На состанокот со претставници на групацијата ТАВ, која управува со скопскиот и охридскиот аеродром, паднал договор каде ќе се трошат  парите кои ТАВ требаше да ги инвестира во изградбата на карго аеродром кај Штип.  

„ Сакам да им соопштам на граѓаните дека навистина ќе се развиваат многу важни општествени проекти, важни за сите граѓани, подеднакво на територијата на Република Македонија. Овие 45 милиони евра ќе бидат инвестирани во периодот на наредните неколку години почнувајќи од веднаш, во нови градинки, во нови училишта, во нови локални патишта и во нови канализации и системи за одводнување. Знаејќи дека ова преставува сериозна потреба на граѓаните на Република Македонија јас сум убеден дека навистина преку ваквите проекти ќе имаме општо задоволство и бенефит и двете страни, и граѓаните на Република Македонија и ТАВ како концесионер во Македонија.“- изјави премиерот Зоран Заев по средбата со раководството на турската компанија ТАВ.

Од средбата со турските бизнис комори, можеше да се дознае дека македонската влада е во напредни преговори со турски инвеститори за зоната во Гевгелија. Од она што беше јавно соопштено, најверојатно станува збор за варијанта за издавање на целата зона. Како и во политиката, аргументот на македонската делегација беше дека и во економијата, потенцијалот за напредок е во регионална соработка. 

За 360 Степени од Анкара Зоран Јованоски.