Мирчевски: Освен Архивот, протекува и МНР, пропусти и во Ревизија, соработуваме со МВР, ОЈО, СЈО...

пред 2 недели | Дебати

Во разговор за „360 Степени“, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски, зборуваше за прокиснувањето на дел од објектите од проектот Скопје 2014, за тоа чија е одговорноста што новоизградени објекти покажуваат вакви фалинки, колку ќе ги чини ова граѓаните и како ќе се решаваат проблемите.

- Покрај зградата на Архивот која има проблеми, исто така, во комуникација со министерствата и органите кои се сместени во останатите објекти, се јавуваат некои проблеми. На пример во Министерството за надворешни работи протекува кровот, има пукнатини во делот на објектот, тече од неколку страни кога има дождови, меѓутоа објектот на МНР е предаден пред неколку години и министерството си има обврска да се грижи за негово одржување и реконструкција. Исто, објект во кој има недоследности во делот на градбата, односно пропусти, е објектот на Државниот завод за ревизија и Геолошкиот завод. Тоа е објектот сместен некаде каде што беше поранешната Служба за општи и заеднички работи, спроти неа. Се работи за објект кој е се уште под гаранција и таму со изведувачот ургираме, односно го задолжуваме да ги заврши, да ги врати во првобитна состојба како што е по проект - рече Мирчевски.

Тој зборуваше и за одговорноста за пропустите на објектите во кои инвеститор била СОЗР.

- Во изминатите неколку месеци откако сум директор на службата соработуваме секојдневно со Министерството за внатрешни работи, посебно со Одделот за организиран криминал, со Основното јавно обвинителство, со Специјалното јавно обвинителство, со Финансовата полиција. Не би сакал ништо да кажувам, бидејќи сепак има неколку постапки кои ги тераат овие органи, за да не го нарушам процесот на предистражна или истражна постапка, меѓутоа има интерес за дел од работите што се случувале претходно од овие органи. Тие прибираа документација и се надевам кога ќе ги приберат доказите ќе излеземе заеднички со информации што и како се случувало во претходниот период - рече Мирчевски без да прецизира дали се работи за истраги за објектите кои се соочуваат со проблеми.