Јовановска: И врз Ципрас има притисок од ЕУ - со економската криза чиј крај се гледа во август

пред 6 месеци | Дебати

Интензивираните преговори за името коинцидираат со објавувањето на Стратегијата на Европската комисија за понатамошно проширување на ЕУ, која ја дефинираше 2025 година како можен рок за прием на нови земји-членки во Унијата.

Први претенденти за влез се двете држави од регионот кои веќе водат пристапни преговори – Црна Гора и Србија.

Можно ли е Македонија да се качи на овој воз – е едно од прашањата во разговорот со Светлана Јовановска, дописничка од Брисел на новатв.мк.

- ЕУ пред се поаѓа од своите интереси. За неа се најважни борбата против тероризмот и мигрантската криза, а тука Балканот има значајна безбедносна улога. Овие кризи не смеат да излезат од контрола. Македонија станува повторно позитивна приказна во регионот, за Европа, како што беше и порано и се враќа во центарот на европската сцена. Ако Македонија покаже дека е сериозна во интеграцијата, дека реформира, таа ќе биде перфектен пример за Србија, која е, всушност, најважната земја за Европа на Балканот, но Србија, како што знаеме, над неа е надвисната на извесен начин сенката на Путин, Србија кажа дека не сака да влегува во НАТО и ако многу се притиска врз неа околу Косово може да и го сврти грбот и на ЕУ. Датумот - 2025 година, за нас е достижен, би рекла, ние го хармонизираме нашето законодавство уште од 2001 година со европското, во однос на реформите недостасува националниот консензус. И покрај убавите изјави од новото ВМРО-ДПМНЕ, Собранието и понатаму останува блокирано - рече Јовановска.

Таа вели дека се уште не се знае кога ќе биде објавена чистата препорака за Македонија.

- Се уште не знаат дали таа препорака ќе биде објавена на крајот на февруари, можеби Јункер ќе ја донесе во Скопје, но се уште ништо не е утврдено. Тука станува збор за Македонија и за Албанија, значи две земји што чекаат препорака. Албанија никогаш немала препорака, а ние ја загубивме и сега нејзиното враќање оди некако во пакет со Албанија - рече Јовановска.

Во однос на прашањето за името, таа рече дека во Брисел на оваа тема „врие“ од оптимист и се очекува храброст и од Заев и од Ципрас.

- Притисокот врз нас е познат, влез во НАТО и преговори со ЕУ, но и врз Ципрас има европски притисок, со економската криза. На пример, Пјер Московиси, комесарот за финансии беше во Атина и изјави дека во август го гледа крајот на тунелот на кризата во Грција. Значи, Европа најавува дека нема повеќе да има нови економски програми со кои на Грците им се наметнува да го затегнуваат каишот и да штедат, но ќе мора да има извесна соодветна пост-програма за мониторинг на примената на економските мерки и тука Европа има некаков адут во ракавот. Се разбира, овде нема никој да ви каже дека е тоа така, бидејќи „врз земјите членки не се прави притисок, никој не сака да ги понижува“ итн, меѓутоа пораката е јасна, особено што Ципрас на есен влегува во изборен период - рече Јовановска.