Протекуваат новите згради - колкава ќе биде конечната сметка за Скопје 2014?

Автор: Никола Здравковиќ | пред 4 месеци | In depth

Пред 4 дена се поплави Архивот на Република Македонија. Малку подолг дожд беше доволен да за прокисне кровот на новиот објект од СКОПЈЕ 2014-та, вреден 42 милиони евра. Оваа поплава само ја освежи меморијата на јавноста, кога пред околу 2 ипол месеци се поплави и новиот театар. Дожд, малку посилен и подолг од вообичаеното, беше сосема доволен за водата да влезе во неколку простории од барокното здание вредно 38 милиони евра. Според владата, овие објекти не се единствените кои не можат да го издржат клинчот со дождот...

За изградбата на објектите од СКОПЈЕ 2014-та платија граѓаните. Според пресметките кои ги направија новинарите од БИРН, од нивниот џеб за овој проект биле потрошени повеќе од 684 милиони евра ...

Кој ќе плати сега за поправките? Ова е можеби главното прашање кое треба да биде одговорено откако Владата ќе се осигура дека е спасено она што не може да се купи со пари – архивската граѓа. Математиката е лесна – ако изградбата на овие објекти чинеше стотици милиони евра, и крпењето сигурно нема да биде евтино.

Од Министерството за култура, кое е надлежно за Македонскиот народен театар, Музејот на ВМРО и Македонската филхармонија, велат дека поплавувањето на театарот не ги чинело ниту денар.

Кај Македонскиот народен театар, каде што прокиснува во делот на една од терасите, минатата година на два пати интервенираа изведувачите, Страбаг и Бетон-Штип. Со оглед на тоа дека објектот е сѐ уште во гарантен период, преземените активности се на товар на изведувачот. Според Законот за градба, гарантниот период за градбата е 10 години, додека за инсталациите се покуси роковите, во зависност од понудата и од производителот, велат од Министерството.

Сепак, најавите не се такви и од Службата за општи и заеднички работи, чие претходно раководство го нарача и плати зградата во која е Архивот. Тие велат дека гаранцијата за новните објекти била само две години од денот кога е издадена употребна дозвола. Конкретно за Архивот, гаранцијата е истечена што значи дека бројчаникот на Призма ќе врти уште многу над сегашните 684 милиони евра ...

Дали оваа дополнителна сметка ќе ја платат граѓаните или оние кои нарачувале и граделе, се утврдува во моментов. Од Министерството за култура велат дека кај нив државниот завод врши ревизија, а се преиспитува и целокупниот проект за кој е надлежен овој владин ресор. Со дел од проектот од поодамна се занимава СЈО, а од скоро и редовното обвинителство, чие седиште патем е во една од зградите која можеби и самата ќе биде предмет на истрага.