Малески: Силното водство во двете земји и кај меѓународните играчи се добра околност за името

Автор: Владимир Мирчески | пред 8 месеци | In depth

Професорот и екс-министер за надворешни работи Денко Малески ги анализира обновените напори за изнаоѓање решение на спорот за името и околностите под кои се одвиваат разговорите.

- Оставено на народите на двете земји, како што гледаме со овие манифестации што се случија сега во Грција, мислам дека е потребно бар едно 100 години за да се разрешат проблемите како што е овој нашиот. Заради тоа потребно е водство, силно водство, како во двете земји, но и водство од страна на големите играчи во светската политика. Тие две работи во моментот се поклопуваат, имаме премиер во Грција којшто е растеретен национално, така да кажам, има свој пандан тука во Македонија, и тоа совпаѓање заедно со она што во моментот се случува на светската политика дава надеж, поголема од оние што беа претходно. Имено, на светската политика се одвива еден многу сериозен судир на моќ, судир на интереси помеѓу западниот свет предводен од САД од една, и Русија од друга страна. Тој фактор го прави пристапот на големите сили на Балканот дел од нивната безбедност. Ова зборува дека нивниот притисок врз двете страни е и ќе биде силен Тој притисок може да земе форма и на готов документ кој ќе биде ставен пред двете страни - смета Малески.