Опозицијата го критикува, Ципрас одлучен во потрагата по решение

пред 10 месеци | In depth

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вели дека има напредок во процесот, но дека останува долг пат да се изоди до заемно прифатливо решение за името. По средбата со Зоран Заев во Давос, а во пресрет на посетата на Метју Нимиц на регионот, Ципрас се сретна со лидерите на сите релевантни партии во Грција. Иако од никого не доби отворена поддршка, напротив – од најголемата опозициска партија е жестоко критикуван, тој се чини дека останува определен да продолжи да бара решение.

„Објаснив дека 2018 година отвори прозорец за можно решение. Новото политичко раководство на соседот, под водство на г. Заев, покажува волја да преговараме и да најдеме заемно прифатливо решение за еден проблем, секако, за името, но и за прашањата што се поврзани, кое ги наруши односите меѓу двете држави последните 25 години.

Особено истакнав дека новото политичко раководство до некаде се повлече од иредентистичката реторика на претходните влади што делува како катализатор за интензивирање на преговорите. Карактеристичен за ова е потегот на г. Заев за преименување на меѓународниот аеродром во градот Скопје, но и на автопатот Солун-Скопје, од автопат „Александар Велики“ во автопат „Пријателство“.

Овие симболични потези, сигурно, не значат дека проблемот на иредентизмот е решен. Политичката волја на нашиот сосед, исто така, треба да се обликува преку јасни и конкретни обврски, како во билатералните разговори така и во рамките на преговорите под покровителство на ОН.

Конечно, сакам да сум апсолутно прецизен и искрен. Волјата и определбата на грчката влада за решение на прашањето се јасни. Во последно време има напредок, но останува да се измине уште многу пат за да дојдеме до заемно прифатливо решение, сложено име со географска или  временска одредница за севкупна употреба. Кога велиме за севкупна употреба, мислиме на меѓународна, но и за внатрешна употреба.

Клучната точка што треба да се разјасни е дека решавањето на разликата со поранешната југословенска Република Македонија не е наша обврска кон трети страни туку тоа е во служба на нашите среднорочни и долгорочни национални интереси, но и на стабилноста на Балканот.

Тоа не е прашање за внатрешно-политичка конфронтација. Сите треба да разберат дека нерешавањето и губењето на можноста за решение, на крајот ќе оди на сметка како на Грција така и на стабилноста на регионот и воопшто не е случајно што во последните 25 години поголемиот дел од земјите-членки на ОН ја признаа соседната земја под уставното име. Во привремото име, кое Грција го признава од 1995 година, е вклучен терминот Македонија, но не и одредница со која би се спречила можност во иднина да се појават претензии кон нашата територија или историја.

Хипокризија е што некои политички сили и одредени лица ја користат чувствителноста и агонијата на грчкиот народ во служба на едно потполно неефикасно и безизлезно насочување што во крајна линија е во спротивност со нашите национални интереси.

Неопходна е патриотска будност за да се постигне најдобро решение, но не е време, како што никогаш не било, а ова Грција го научи по потешкиот пат, за националистички изливи и извици на фанатизам. Потребна е мудрост, скромност, дух на разбирање и реализам ако сакаме да му служиме на националниот интерес и да не градиме политички кариери, искористувајќи го вистинското и автентично патриотско чувство на Грците.

Што се однесува до средбите со политичките лидери, разменивме ставови, слушнав размислувања, резервираност, зборувавме за сите проблеми. Со повеќето имавме искрена и одговорна дебата која би можела да доведе до совпаѓање на политичките позиции и поширок консензус, доколку стигнеме до договор. Секако, ова не можам да го кажам и за лидерот на главната опозициска партија. Мислам дека неговиот став е знак на несигурност, но и негова слабост цврсто да ја изнесе својата политичка позиција. Тој постојано се сомнева, ги менува тезите и ставовите според внатрешно-политичките случувања, но и поради притисокот на екстремниот дел од неговата партија.

Од моја страна, се обврзувам да го продолжам овој пат со патриотска одговорност до заемно прифатливо решение. Ова денес е единствениот избор кога станува збор за ова вистинско национално прашање“, рече Ципрас во обраќањето до нацијата.