Нема лоши народи туку лоши политики - репортажа од Гевгелија каде секојдневно доаѓаат илјадници Грци

Автор: Зоран Јованоски | пред 3 недели | In depth

Четврток е пазарен ден во Гевгелија. Локалните бизниси ќе имаат солиден прилив на пари - грчки. 16-те илјади гевгеличани очекуваат да им дојдат уште една четвртина Грци.

„По маркетите, по дуќаните, по пазарите – постојано ги има. Затоа овде има секојдневна раздвиженост.“ – вели жител на Гевгелија.

„Затоа што поефтино им е тука. Си трошат пари и плус тие сакаат да доаѓаат овде.“ – рече жител на Гевгелија.

Во градот сместен на јужната граница, на нашите соседи парите им вредат повеќе. Тоа им одговара на домаќините, па во ова заемно задоволство се заборава на проблемот што го имаат двете земји.

„Политиката не ме интерсира. Треба да биде мирно, стабилно, да има за сите. Доброседските односи да бидат на ниво.“ – смета еден гевгеличанец.

„На овие простори сите живееле заедно. Одеднаш излегоа проблеми. Ги донесе политиката.“ – тврди гостин од Грција.

„Политиката е лоша, инаку народот – не.“ – рече жител на Гевгелија.

Уште од утрото колони возила влегуваат во земјава на граничниот премин „Богородица“. Најголемиот дел од нив се упатуваат токму кон Гевгелија.

„Народот не се занимава со политички проблеми, народот си го гледа својот интерес. Ние наоѓаме интерес да одиме таму, тие наоѓаат интерес да доаѓаат овде. Има размена, отворени граници, движење, проток на луѓе и стока – отворено и без никакви проблеми, ниту за нас, ниту за нив.“ – изјави Мирјана Костадинова која е заменик командир на граничен премин „Богородица“.

Грците си имаат точна дневна агенда. Прва дестинација им е гевгелискиот пазар. Овде може да се најде облека, овојшје, зеленчук, мед... И не е чудно ако пазарџиите прво се обидат да ви ги понудат своите производи на грчки јазик.

„Овдешната храна им е многу поквалитетна и поевтина. Тие две работи им се на прво место. Тие што се од другата страна на границата, дел од нив говорат, тие што имаат македонско потекло, наше потекло, говорат. Дел не го говорат. Ние со нив комуницираме на грчки.“ – раскажува пазарџијата Мите Митров.

„Супер е во Гевгелија. Има убави кафеани, кременадли, ќебапи, добро црвено вино. Многу е убаво и јас сум тука за прошетка. Јас сум од Македонија, од долу, Солун.“ – вели муштерија од Грција.

Имате ли политички проблеми?

„Не, не, не. Нема проблеми. Грчкиот народ и народот од Скопје – исто.“ - одговара тој.

„Сега се економски и тие многу слаби. Многу им ги кратат платите и пензиите. И бараат поевтино.“ – вели Весна Беќарова која продава мед.

Проблемот со името е табу тема во меѓусебната комуникација. Но, кога муштериите ќе си заминат, некои пазарџии ги кажуваат своте црвени линии.

Вие како граѓанин на Македонија какво решение очекувате да има?

„Па да се реши проблемот, нашата страна да не биде оштетена, а и нивната да биде како што треба, да заврши оваа работа и така. Да си остане нашето име и така.“ – вели Митров.

„Еве јас познав мои муштерии на протестот (во Солун) кога гледав на телевизија. Една госпоѓа имаше табла „Македонија е наша“, а таа купува од кај мене мед. Зошто доаѓа тука да купува мед?“ – додава Беќарова.

Она што го нема на пазар, се купува во супермаркетите. За грчкиот стандард овде е евтинија. Грците си заминуваат со полн гепек производи.

„Народите немаат проблеми и сите разлики што постојат ќе бидат надминати бидејќи ние сме соседи, тоа е неспорно.“ – рече купувач од Грција.

Сега има придвижување во решавањето на прашањето за името.

„Без разлика дали проблемот ќе се реши или не, луѓето ќе одат и ќе доаѓаат. И луѓето од Скопје ќе одат во Грција и ние ќе доаѓаме тука. Секако, и името ќе се реши. Не верувам дека би имало посебни недоразбирања меѓу двата соседни народи.“ – додава тој.

И не само за купување. Грците користат многу услуги што им ги нудат гевгеличани. Одат на стоматолог, во салон за убавина, па дури и си го проверуваат видот и купуваат очила.

„Грците што доаѓаат во Гевгелија гледаат да завршат работа и да си одат. Не ги интересира политика. Ако ги интересирало, не би дошле. Тие што мислат дека ние тука сме нешто друго, тие не доаѓаат, има и такви, но тие се многу малку. Човекот доаѓа, си пазарува и со оди и вели дека му е добро. Ќе си наполни колата со бензин и си оди. На секој чекор во Гевгелија се профитира од нив, како што во лето тие профитираат од нас. Тоа е заедничка соработка.“ – смета оптичарот Марија Гацева.

„Доаѓаме во Гевгелија бидејќи тука имаме многу пријатели. Тука сме за свадби, за крштевки, веридби, забави, празници. Не постојат лоши народи постојат лоши политики. Да се излезе на крај со расистите и националистите и да биде нормално. Потоа сите проблеми ќе се разрешат како што треба. Го знаат тоа овие што тргнаа да го решаваат и ќе успеат во тоа. Да не се грижат народите.“ – смета нејзиниот пациент од Грција.

А по напорниот ден - прошетка по гевгелискиот плоштад. Муабет на грчки редовно се слуша по кафулињата и рестораните.

„Не ме интересира политика и не сакам да зборувам за ова прашање. Ние Грците сме чувствителни што се однесува до името на Македонија и поврзувањето со ерата на Александар Велики.“ – вели жител на Грција.

Грците ги оставаат своите пари во Гевгелија, а некои се одлучуваат и за поголеми инвестиции. Овој грчки бизнисмен не го поколебале бирократските процедури и проблемите со престојот за целиот свој бизнис и семејството да ги пресели во Гевгелија.

„Тука сме шест години. Решивме да дојдеме тука за да бидеме блиску, во моментов сме во центарот на Балканот. Клучниот момент што мислам дека ни пречи е тоа што постои проблем во врска со дозволите за престој. Овие дозволи треба тука секоја година да се обновуваат. Има претприемачи во Грција кои ме прашуваат и ми велат дека ова е пречка. Претприемачот треба да доаѓа и секоја година да ја обновува дозволата.“ – изјави бизнисменот Сфилрас Велисариос.

Вакви проблеми немаат шопинг-туристите кои доаѓаат на еднодневни тури. Според општинските статистики, во викендите во Гевгелија доаѓаат и до 5 илјади Грци.

„За нас и локалната економија тие се значајни не како инвеститори, туку како потрошувачи. Како луѓе кои трошат пари. Мислам дека половина од прометот на ниво на цела општина Гевгелија е токму од нашите грчки сограѓани. Секако тоа е важно за локалниот економски развој. Ова е една богата општина која не се базира на финансовиот потенцијал само на своите граѓани, туку има прилив на пари од надвор.“ – изјави градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков.

Разликите околу името и не прават некоја голема разлика меѓу граѓаните од двете страни на границата, раскажува градоначалникот Поцков.

„Од осамостојувањето на Република Македонија имате склучено околу 100 бракови на девојки од општина Гевгелија кои се омажиле со државјани на Република Грција. Тое имаат деца. Прашањето е чии се тие внуци? Тие се заеднички внуци и таа е иднината! Ние имаме обврска и како генерација, а и нашите татковци ни оставиле таква обврска, а таква обврска и ние ќе треба да им испорачаме на нашите деца и нивниот пат и нашиот пат се во Европа, да гледаме напред. Политиката ќе си даде свој придонес. Расположението во Гевгелија е доста позитивно да се реши прашањето на задоволителен начин, вин – вин, да нема ниту победник, ниту поразен.“ – додава Поцков.

Квечерина е. Низ градот и околината почнуваат да светкаат многубројните казина. На нивните паркинзи речиси и да нема автомобили со македонски таблички. За гевгеличани да се вработат, во некои од казината услов е познавањето на грчкиот јазик. Повеќето немаат проблем со тоа, најмалку идентитетски.