Кој и зошто од готово направи вересија со приемот на Македонија во НАТО во 2008?

Автор: Владимир Мирчески | пред 4 месеци | In depth

Таблата на која пишува „Аеродром Александар Македонски“  наскоро ќе ја снема.. Со тоа ќе снема и една од причините што Грција ги искористи како аргумент за ветото во 2008-та во Вукурешт.

Еве што мислат граѓаните за најавеното преименување на аеродромот?

- Ништо победно и мизерно нема. Зашто да се менува нечие име што постои со векови.

- Треба под итно да се промени. Алекснадар не е наш, туку бил на оваа област. Оваа држава ја направил Киро Глигоров и така треба аеродромот да се вика.

- Не ми се допаѓа.

До пред 11 години овој аеродром се викаше Петровец...

На 6-ти декември 2006-та тогашниот прв човек на јавното аеродромско претпријатие Зоран Крстевски објави дека е донесена одлука новото име на аеродромот Петровец да биде „Александар Велики“.. Се чекаше потврда од владата на Никола Груевски, која само неколку месеци претходно ја презеде власта во Македонија..

За тоа колку изненадувачки и неочекуван беше ваквиот потег зборува и фактот дека истиот ден кога беше обелоденета намерата за преименување на аеродромот, тазе-министерот за одбрана Лазе Еленовски беше во Атина. Таму се сретна со грчкиот колега Евангелос Меимаракис, тогашна десна рака на премиерот Костас Караманлис.. По средбата, Еленовски, пред присутните новинари, меѓу кои бев и јас, изјави дека не верува оти проблемот со името ќе влијае на интеграцијата во НАТО и во ЕУ.. Притоа не кажа ништо што не соодветствуваше со тогашната реалност – а тоа беше дека Грција не прави проблем за интегрирање на земјава во меѓународните организации под привременото име – поранешна Југословенска Република Македонија. Преименувањето на аеродромот не беше споменато ниту од Еленовски ниту од неговите грчки домаќини.

Но, по само 3 недели, на 27-ми декември 2006-та, владата на Груевски на седница потврди дека аеродромот ќе се вика „Алескандар Велики“ што ја крена на нозе Грција..

Уште не беа стивнати првичните реакции во Грција, кога во анализа на БИРН беше објавено дека преименувањето на аеродромот е само почеток на еден многу поамбициозен проект на владата на Груевски. Текстот откри дека власта планира да влезе во сеопфатна кампања на преименување се и сешто, како предвесник на она што подоцна ќе биде наречено процес на антиквизација.

На официјална потврда на текстот не требаше да се чека многу.  Веќе во првата половина на март 2007-та, пред зградата на владата осамнаа 8 скулптури, кои иако датираа од римскиот период, власта и јавноста во Грција ги искористија како аргумент за, како што го нарекоа, „узурпирање на историјата и продолжување на иредентизмот во Скопје“.

По само 15-тина дена, нова бомба ги потресе релациите Скопје-Атина.. Мнозинството во советот на Општина Центар ја поддржа иницијативата на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Бахчовановски – на централниот скопски плоштад да никне голем споменик на „Александар Македонски“..

Три настани во период од само три месеци – преименување на аеродромот во декември 2006-та односно јануари 2007-та; изложување скулптури пред владата во првата половина од март 2007-та; и одлука за поставување споменик на Александар Македонски во центарот на Скопје во втората половина од март истата година... По три месеца, на почетокот на летото 2007-та, стигна првиот јавен официјален сигнал дека Грција ја менува политиката и дека нема да се согласи со зачленување на соседот во НАТО под привременото име. На редовниот брифинг во Атина, портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи Јоргос Кумуцакос беше затрупан од новинарски прашања на оваа тема:

Дали Грција е обврзана и посветена на повторените изјави на поранешниот министер Моливијатис, како и на вашите сопствени, дека немаме проблем Скопје да напредува во пристапувањето кон НАТО под името ПЈР Македонија?

- Потезите на актуелната влада во Скопје јасно ја изменија атмосферата. Одредени чекори на оваа влада во Скопје ја ставаат под знак прашалник Привремената спогодба.

Оваа изјава на Кумуцакос е првото јасно поврзување на потезите на владата во Скопје со промената на ставот на владата во Атина. Дека тие потези може да го загрозат зачленувањето на Македонија во алијансата, најави и тогашната американска амбасадорка во НАТО, Викторија Нуланд.. Интервјуто на Нуланд временски коинцидира со предупредувачкиот брифинг на Кумуцакос од јуни 2007-та.

„Споменавте добрососедски односи. Дали името спаѓа во таа група? Грчкото вето е вистинска закана или е само политички маркетинг пред грчките избори?

- Двете страни да направат напор за да разјаснат дека историјата е историја и дека сакаме добро да живееме заедно во иднина. Овде имаше неколку потези измината година кои беа разбрани како провокации, така што се надеваме дека ќе се преземат чекори кои ќе покажат отворен и позитивен дух - рече Нуланд тогаш.

Внимателно формулираните јавни пораки на Нуланд за негативните ефекти од потезите на власта, биле многу подиректни на средбите што во тоа време ги имале американските дипломати со владата на Груевски.. Тоа го откриваат повеќе дипломатски депеши објавени од Викиликс.. Во оваа телеграма од 8-ми август 2007-та подготвена од амбасадата на САД во Атина се констатира дека:

„...постапките на македонската влада со преименувањето на аеродромот не помогнале и дека грчките власти прават случај со една единствена порака – дека Скопје не го исполнува својот дел од приверемената спогодба“..

Но, клучниот дел од депешата е проценката од терен во Атина дека „Караманлис не блефира и дека е подготвен на вето“..

Така и беше осум месеци подоцна..

Кој и зошто од готово направи вересија со приемот на Македонија во НАТО?? Кој беше вистинскиот мотив на владата на Груевски за овие потези?? Ова се прашања за сериозно истражување, најмалку во некоја докторска теза во иднина.. Сега, точно 10 години по овие настани, Македонија и Грција се обидуваат да се вратат на почеток.. Ако во 2007-та преименувањето на аеродромот се испречи на патот на земјава кон НАТО, сега во 2018-та преименувањето на аеродромот треба да го отвори тој пат.. Сепак, ова е само почетно отворање за партијата шах што ќе ја гледаме во следните недели и месеци.. Партија во која и реми може да биде победа.