Крилото на Билал Касами од БЕСА во коалиција со ДУИ и СДСМ во Чаир

Автор: Славица Филиповска | пред 6 месеци | In depth

Општината Чаир доби нов Совет уште во октомври. Но, распоредот на силите ја остави локалната власт без консензус зо прашањето - кој да биде Претседател на Советот. Се до денеска.

„Комисијата, со три гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“, му предлага на Советот Џемиле Мехмети да биде претседателка на Советот на општина Чаир.“, рече Менсур Цури – претседател на Комисија за избори и именувања во општина Чаир.

„Предлогот e од страна на ДУИ. Со жал констатирам дека советничката на БЕСА која беше гласана и поддржана од членството не Движењето БЕСА, денеска таа го изневери идеалот на БЕСА и му се придружи на ДУИ, по што можам да констатирам дека таа и беше дел од тој субјект но беше камуфлирана во Движењето на БЕСА. Затоа ние, советниците од БЕСА, заедно со Алијансата, не можеме да бидеме сеирџии на уште едно изневерување и ја напуштаме оваа седница“, рече од говорница Фисник Рахман – советник во општина Чаир од скопскиот огранок на БЕСА.

Внатрепартискиот проблем на централно ниво ја подели Беса и во општината Чаир. Двајца приврзаници на огранокот на БЕСА лојален на Билал Касами учествуваа во денешната работа на Советот. Меѓу нив и советничката и кандидатка за претседателка на Советот на Чаир, Џемиле Мехмети. Останатите шестмина советници на БЕСА, приврзаници на ривалскиот огранок во партијата, во револт ја напуштија седницата. Со нив се солидаризираа двајцата советници од Алијансата на Албанците. Иако од други причини, седницата ја напуштија и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ.

„Она што значи политички прогон продолжува во нашата Република, и нема никаков слух од страна на оваа Влада,  ниту од судството  за да има подобрување на истото, поради тоа ние денешната седница ќе ја напушптиме од овој момент.“, посочи Ѓоко Велковски – совентик во општина Чаир од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, тие што останаа беа доволно за седницата да продолжи. Со 15 гласа „ЗА„ Советот ја избра Џемиле Мехмети за претседателка на Советот.

Што ја предомисли Џемиле Мехмети да коалицира со ДУИ и со СДСМ, не кажа ниту самата ниту пак остави можност да биде прашана. За претседавачот на седницата на Советот, кој е од редовите на ДУИ, новата претседателка не преминува од БЕСА во ДУИ, туку само покажала капацитет да се надминат партиските бариери за да функционира општината.

„Во конкретниот случај и лично и како партија, сме контактирале со сите политички партии со единствена цел инситуцијата општина, ако се има предвид дека Чаир има некаде веројатно над 80 илјади жители, да се растерети од лични комплекси и желби и да биде одраз на една волја за да може истото да функцира. Немавме ниту тенденција, ниту желба да влијаеме на такви лични определби. Впрочем, таа е на листата на БЕСА.“, вели Захир Бектеш – советник во општина Чаир од редовите на ДУИ.

Слични беа тезите и на СДСМ за оправданоста на коалицијата со дел од приврзаниците на БЕСА.

„Ние поддржуваме опција која ќе придонесе за функционирање на Советот и конечно да се занимаваме со вистински одлуки, да носиме вистински одлуки и решенија кои се важни за сите нас кои овде живееме.“, кажа за „360 степени“ Марија Вељовска – Кондовска – советничка во општина Чаир  од редовите на СДСМ.

Новата коалиција во Чаир, значи дека ДУИ, СДСМ и дел од БЕСА, сега имаат 15 советници, доволно за мнозинство во Советот кој брои 27 члена. Опозиција ќе бидат преостанатите шестмина советници од БЕСА, четворицата советници од ВМРО-ДПМНЕ и двајцата од Алијансата.   

По речиси три месеци од локалните избори советниците на општина Чаир успеаја да обезбедат мнозинство и да изберат претседател на Советот, но засега тоа не е случај и за општина Тетово.

А таму, последната седница се одржа во декември. Досега единствениот предложен кандидатот од редовите на ДУИ не обезбеди мнозинство во Советот каде интегративците и СДСМ имаат коалиција со вкупно 12 советници од неопходните 16. За мнозинство им требаат уште четири советника. Алијанса на Албанците освои 4  советнички места, Беса 6, ДПА 3, ВМРО-ДПМНЕ 5, а Демократската партија на Турците во Македонија 1 советничко место.

Градоначалничката Теута Арифи вели дека цепкањето на албанскиот блок во повеќе партии го отежнало формирањето мнозинство, но е убедена дека ќе се најде решение.

„Јас инсистирам таа коалиција да биде што поширока, па да ги вклучи сите ако е тоа можно, така да на некој начин секој ќе може да даде придонес за градот. Значи на локално ниво овие моменти се многу поважни и  тоа е разликата од централната власт, каде што фактички политичката детерминираност има повеќе значение отколку на пример на локално ниво, каде што е битно да има што повеќе соработка за реализирање на проектите на граѓаните. Е важно да има едно функционално мнозинство и затоа велам дека ние без никакви предрасуди треба да бидеме отворени за коалиционирања кои можат да излезат од рамката која е на други нивоа.“, вели градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи.

Изборот на претседател и дефинирањето функционално мнозинство во Советот е неопходно за општината да може да ги реализира планираните проекти. За да нема застој, мнозинството советници се согласи и изгласа нов Буџет на кој стои потписот на претседавачот со седницата, а не на претседател на советот. Градоначалничката сака се да биде чисто и бара мислење од централната власт.

„Ние буџетот и двете други точки кoи се поврзуваат со буџетот и со останатите средства за училиштата ги имаме изгласано со квалификувано мнозинство, затоа што имавме договор за такво гласање. Очекуваме Владата да заземе став за буџетите кои се изгласани на овој начин кај повеќе општини да бидат функционални, затоа што  буџетот кој полноправно сте го одлучиле треба да биде исчитан од страна на министерство за финансии кои евентуално покажале повеќе дилеми дали треба да биде потпишан од претседавач или претседател.“, вели Арифи.

Најсериозна опција за формирање мнозинство и избор на претседател на Советот во Тетово во моментов се преговорите со Алијансата за Албанците. За советничката од партијата на Зијадин Села, Мимоза Муса, опцијата за коалиција со ДУИ и СДСМ на локално ниво е отворена и тоа без условувања.

„На ниеден начин на досегашните седници проблемите кои се од централно ниво, немале влијание во локалните политики. Ова се докажа со гласањето на буџеетот за 2018-та, кога ние советниците на Алијансата гласавме. Сигурно ако ја следиме партијата којашто има мнозинство на советници да даде предлог и да се координира со другите советници, ако овој предлог е за доброто на граѓаните сигурно дека ќе седнеме како советници на Алијансата и ќе гласаме за доброто на граѓаните. Во овој случај ние сме избрани од нив и сигурно нивната благосостојба е поприоритетна, од политиката.“, рече Мимоза Муса – советничка од редовите на Алијансата за Албанците во о. Тетово.

За тетовци, важно е локалната власт да функционира, без разлика кој со кого ќе коалицира.

„Ќе биде, малку треба да бидеме трпеливи. Апсолутно е  важно, се е во застој, треба да се избере, се надеваме дека ќе биде набрзо.“

„Би требало да се договорат, било кого еден треба да изберат претседател.“, велат тертовци во анкета за „360 степени“.

До изборот на претседател на Совет, седниците може да ги свикува и води највозрасниот советник. Законодавецот не предвидел што ако не се избере претседател на општински Совет. Распуштање на Советот е предвидено само доколку тој не се состане подолго од шест месеци, по што се организираат нови избори за советници. Иако временски е далеку од таква опција Тетово, сепак е на крстопат - како да се реализира ветеното, ако советот наскоро не профункционираат со полн капацитет.