Македонците на шопинг викенд во Солун – таму протести против Македонија

Автор: Петар Клинчарски | пред 3 месеци | In depth

Обновениот преговарачки процес го обнови и отпорот кон решение.

Противниците на компромисно име кое би го вклучувало терминот „Македонија“, во Солун го нападнаа дијалогот меѓу Скопје и Атина, но и автомобилот на „360 Степени“.

Петок, 19 јануари. Два дена пред протестите во Солун, Македонците ги огреа ново сонце на слободен и продолжен викенд за Богојавление. Многумина одлучија тој ден, да скокнат кон југ.

Оваа слика што ја гледате позади мене е на граничниот премин Богородица кон Грција. Големиот број автомобили чекаат по повеќе и од половина час за да влезат на грчка страна. Продолжениот празничен викенд за Водици, беше доволна причина многубројните Македонци да го искористат за да празнуваат во Солун.  

- Еден ден да се прошетаме и нешто да купиме, вели еден граѓанин.

- Каков викенд брат, на работа одиме ние – ни изјавија овие работници.  

- На шопинг, на журка, диско, ручек, добра храна -  насмеано зборуваше пред камера овој скопјанец.

Додека патниците трпеливо чекаа во долгата редица за пасошка контрола ги прашавме и за актуелните теми од македонско - грчките односи.

- Каков е вашиот став околу прашањето за името?

- Македонија да се викаме и ќе се викаме сигурно, нема никој да ни го оспори тоа, сметаше еден граѓанин.

- Подобро нека остане вака како што е, ние да си останеме Македонија, тие нека си ја тераат твојата работа. За нас е најдобро така, беше одговорот на нашето прашање.

- Еден ден мора да се реши. А тој ден ќе дојде, дали сега или после 5 години. Само губиме. Сите губиме – ни одговори човек од Струмица.  

- Во Солун ќе се случуваат националистички протести против Македонија. Ви пречи ли тоа?

- Не ни пречи ништо. Одамна сме Фиром, што да ни пречи. 25 години сме Фиром. Треба реално да се смени името, дециден е овој скопјанец.

- Што да кажам, се е јасно, се се знае, но не сме ние политичари ништо не можеме да промениме, смета оваа госпоѓа.

А од граница, речиси сите автомобили со македонски таблички возеа до иста крајна дестинација – најпознатите шопинг-точки во Солун. Овој паркинг, на пример, наликуваше како да е некаде во Македонија. А и внатре...

Македонските купувачи брзаа што подобро да ги искористат големите попусти. Не помалку заморен дел од викенд - пакетот се чини е и чекањето на каса. Батериите за патот кон север се полнат на крајот на денот. Кафе на солунскиот кеј со последните сончеви зраци.

Два дена подоцна, недела 21 јануари. Истиот простор, различи луѓе. 90.000 демонстранти, од цела Грција, се противат на компромисно решение за спорот за името кое би го вклучувало терминот „Македонија“. Пораката ја упатија до грчките власти. Но, националистите не ги заобиколија ниту македонските симболи. Вклучувајќи ги и регистарските таблички на нашиот автомобил кога наидовме на група демонстранти.  

Во моментите кога започнаа првите удари по автомобилот, успеавме да избегнеме поголем инцидент.

Поради ризикот не се вративме по табличките. Со помош на македонскиот Конзулат во Солун и грчката полиција ги добивме потребните документи за да ја напуштиме земјата со возило без таблички.  

Иако протестот веќе беше завршен, полицијата не сакаше да ризикува. Не придружуваше од Солун се’ до граница.