Политичкиот судир ја остави без буџет општина Гостивар

Автор: Славица Филиповска | пред 7 месеци | In depth

Гостивар среде јануари. На прв поглед се функционира вообичаено. Но, во општината и во Советот „врие“.

„Ако не се стави буџетот на дневен ред, ќе мораме да одиме  на нови избори  за советници.“, вели градоначалникот Арбен Таравари.

„Кочничар на сите работи во овој момент е градоначалникот Таравари.“, тврди советникот од СДСМ Зоран Ангелов.

„Не е политички, но сакаме, бидејќи сме гласани од народот и сакаме за сите да бидеме исти и да се донесуваат одлуки за доброто на сите.“, вели Насир Муслиу, претседател на Советот на општина Гостивар.

Гостивар е меѓу ретките општини кои не успеаја да го донесат буџетот за оваа година. Ова е прва задача за Советот во кое мнозинството го има коалицијата предводена од ДУИ и СДСМ, а градоначалникот е од спротивниот табор – од Алијансата за Албанците.

Мнозинството одлучи за претседател да го избере Насир Муслиу од редовите на ДУИ. Тој тврди дека немал време за повеќе активности по вина на градоначалникот, бидејќи формалностите по назначувањето претседател на советот доцнеле, а потоа почнале празниците.

„Објавата на именување на претседател на Советот на општина Гостивар со задоцнување се објави во службен гласник на општина Гостивар. Тоа задоцнување траеше подолг период. Од одржување на конститутивната седница од 17.11 месец, објавување се случи на 25. 12. Тоа беше една причина да ние не одржиме другиседници, бидејќи за да има легитимитет претседателот на Советот да свика седница е именувањето на претседателот на Советот да се објави во службен весник.“, обајснува Муслиу.

Но, дури и да се свика седница, ДУИ бара од Таравари да не ги брка нивните кадри од училиштата.

„Ние не го потенцираме да бидат повеќе наставници од ДУИ, туку да бидат примени наставници кои го исполнуваат условот... Има професори, кои се вработени, кои исполнуваат услови, сакавме и туак да има транспарентност да се примат или да продолжат тие што исполнуваат услови. Има државен испит, има 3-4 години што работел, адекватен е и сега да продолжи тој или тие. Да не се примаат други што не ги исполнуваат условите.“, вели претседателот на Советот кој е од редовите на ДУИ.

За Муслиу, ова не е политичка уцена. Вели, уште неделава ќе свика седница на Советот. Но, тоа нема да значи веднаш и гласање на буџетот. Советникот од СДСМ Зоран Ангелов е подиректен и тврди дека Таравари направил лоша математика за годишните расходи во предлог-буџетот, кој тежи околу 16 милиони евра.

„Ние не можеме да поддржиме буџет каде од круцијално значење за православните граѓани е да се изврши докуп на земјиште на гробни места. Не можеме ние да прифатиме буџет, каде основно во денешно време да нема канализациона мрежа во населба Млаки, ќе интервенираме со амандмани. Ние постапуваме со најискрени намери без никакви сопки да ставаме за буџетот, меѓутоа, овие барања што се основни за потребите на граѓаните на Гостивар зборувам, мора да бидат ставени во буџетот. “, вели Зоран Ангелов, советник во општина Гостивар од редовите на СДСМ.

И за СДСМ е проблемтична смената на директори во училиштата што ја спроведува градоначалникот Таравари.

„Иако ние реагиравме за некои работи, сепак тој рече дека поставил стручњаци и мора да се каже дека Таравари во Гостивар, односно Алијансата за Албанците е во Коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Безрезервна поддршка не може да добие затоа што сепак ако бара поддршка од нас мнозинството, сепак ќе треба да се споделат и одговорностите за сите работи што се случуваат во општина Гостивар.“, дециден е Ангелов.

Усвојувањето на годишниот буџет на општината е една од основните законски надлежности на Советот. Ако буџетот не се изгласа најдоцна до 31-ви март, Законот за локална самоуправа предвидува распуштање на општинскиот Совет и организирање нови локални избори во таа општина. Но, само за советници, а не и за градоначалник.

Во таков случај, најголема полза би имала Алијансата за Албанците, вели градоначалникот Таравари, чија проценка е дека нови избори би донеле и ново мнозинство во Советот. Во негова полза.

„Никој не рекол дека јас инсистирам овој буџет вака како што сум го спремил јас со мојата админстрација мора тоа да помине. Ни под разно. Значи јас сум побарал од нив да го ставиме буџетот на дневен ред. Дури побарав пред Нова година да го ставиме, за да бидат запазени роковите и потоа можеме ние уште 2, 3, 4 недели да дискутираме. И ова граѓаните го знаат. Значи, ДУИ утре да излезе на избори во Гостивар ќе видите како ќе помине. Значи сите опструкции, сите можни начини на блокирање ги употребуваат, а најжалосно ми е, што индуцирани во тоа се и сдсмовците.  Иста приказна како што делуваа ВМРО и ДУИ, исто сега не се ВМРО и ДУИ, туку се СДСМ и ДУИ.“, вели првиот човек на општина Гостивар, Арбен Таравари.

Таравари сменил 12 директори на училишта, сите кадри на ДУИ. Не се сменети само двајца директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и еден од турска партија. Тој не гледа проблем во разрешувањата и во другите разместувања што ги направил.

„Јас морав околу 15-20 луѓе да ги разместам, сите имаа исти плати, по администрација се, направија жалби и сите жалби се одбиени. Директори на училишта, нормално, јас не можам да ги оставам директорите на ДУИ да продолжат, кои, не дека се членови на ДУИ, туку цела кампања беа на терен и беа готови да се тепаат со луѓе, да полнат кутии за ДУИ.“, додава градоначалникот.

И градоначалникот и советниците убедуваат дека граѓаните нема да го почувствуваат политичкиот судир. Тој засега и не се чувствува, бидејќи многумина од граѓаните и не се информирани што точно се случува во општината.

„Не знам што се случува во општина.“

„Остај тие луксузни, жити мајка.“

„Дел пак порачуваат дека избори за нови советници не би требало да има.“

„Да работи сега треба овој градоначалник, да постигне договор и така да нема нови избори. Не би требало мислам.“

„Градоначалникот е на место, е сега тие другите структури, тоа е веќе друго...“, велат граѓаните кои ги анкетираше „360 степени“ во Гостивар.

Таравари стана прв човек на Гостивар по два изборни круга. Доби повеќе гласови од кандидатот на ДУИ Невзат Бејта, зад кого застана и премиерот Зоран Заев. Таравари се обиде да направи мнозинство со ВМРО-ДПМНЕ и Беса, но бројките беа на страната на опонентите. Мнозинството во Советот во моментов има 16 од вкупно 31 глас.

Жестокиот политички судир од локалните избори во Гостивар, продолжува да се чувствува со сета своја жестина и денес. Главните актери велат дека нема судирот да се изостри до ниво, по кое ќе треба да се организираат нови избори за советници. Но засега нема ниту јасни сигнали за функционална кохабитација меѓу градоначалникот и мнозинството во интерес на граѓаните.