Која е вистината за печката за медицински отпад во Дрисла?

Автор: Зоран Јованоски | пред 10 месеци | In depth

Дрисла е единствената депонија во земјава која исполнува минимум еколошки стандарди. Но, по проверките на надлежните, Дрисла стана асоцијација за загадувањето на воздухот во Скопје.

Во недоградениот објект уште пред неколку години требаше да има нова современа печка за согорување отпад. Но, наместо тоа, медицинскиот отпад од земјава речиси две децении се согорува во соседниот објектот кој наликува на гаража за автомобил во кој е сместена старата печка.

Фамозниот инсенератор со кој Дрисла согордува медицински отпад всушност не е ништо посебно, само го има тој стручен назив. Инаку, се работи за обична, голема, заѕидана печка која користи нафта како гориво, нема никаков филтер, а кога работи со полн капацитет, од оџакот, што се издигнува само неколку метри над објектот, излегува црн и густ чад.

Уште при првата инспекциска контрола пред повеќе од еден месец, кога мерењата покажаа дека печката загадува над дозволеното, директорот на Дрисла изјави дека тоа не е неочекувано, бидејќи печката е дотраена. Во тек е набавка на нова.

„Ќе бидеме среќни ако крајот на јуни или почетокот на јули ја пуштиме во употреба. Таа ќе биде согласно европските директиви. Да не заборавиме дека сегашнава печка е донација од Обединетото Кралство во 2000 година.“ – изјави директорот на Дрисла Горан Ангелов.

На ова се сеќава професор доктор Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје. Раскажува дека всушност печката сме ја добиле 1999 година за време на косовската бегалска криза, кога во камповите со бегалци се собирале големи количини медицински отпад.

„Размислувавме што да правиме со тој медицински отпад кој е ризичен по здравјето на луѓето. Тоа е опасен отпад и мораше да биде решен. Кога побаравме помош од Светска здравствена организација за да го решиме тој проблем, имаше неколку предлози како да се реши. Најдобар предлог беше да добиеме инсенератор – печка за согорување на медицинскиот отпад.“ – раскажува Кочубовски, кој е и раководител на Сектор за здравствена екологија во Институтот за јавно здравје – Скопје.

Тој вели дека во ’99 година печката ги исполнувала британските еколошки стандарди. Но, откако завршила бегалската криза, во 2001 година, европските стандарди биле унапредени, па британскиот весник „Гардијан“ ја опишал печката како „токсичен подарок за Балканот“.

Раководството на Дрисла најави купување нов инсенератор уште во 2012 година во едно од промотивните видеа за депонијата.

„Токму нов инсенератор ќе биде една од инвестициите во наредниот период во депонијата Дрисла. Новиот инсенератор за согорување опасен отпад, кој претежно ќе согорува медицински отпад, има капацитет од 1600 тони годишно за разлика од сегашниот инсенератор кој има 600 тони.“ – се вели во видеото на Дрисла.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува допрва да се истражи зошто и по шест години нема таква инвестиција?

„Индикативно е зошто тоа до сега не е направено имајќи во предвид дека градот се јавил како гарант за набавка на печка во 2012 година со меница во висина од 700.000 евра. Зошто тоа од 2012 до 2018 не е направено ќе видиме во други постапки најверојатно.“ – изјави Шилегов.

Откако Дрисла беше казнета со 8500 евра поради испуштање токсични материи во воздухот, доби рок до крајот на февруари да постави водени филтри на оџакот, а до почетокот на летово да го инсталира современиот инсенератор. Печката сега смее да работи осум часа дневно, но само кога загаденоста на воздухот во Скопје е во рамки на нормалата.

Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека не можеле да и наложат на Дрисла повеќе да не го користи стариот инсенератор зашто со тоа би се нарушил системот на управување со медицински отпад. Во земјава нема друга опција за негово уништување, па ова било најоптимално решение.  

„Дрисла, ако не ги исполни задачите, се соочува со многу поголема казна од оваа и најверојатно ќе дојде до затворање на инсенераторот. Следната казна е според законот за животна средина што спаѓа во трета категорија и се движи над 100 илјади евра.“ – вели Мирослав Богдановски – директор на Државен инспекторат за животна средина.

Дали сте во позиција да не можете да превземете постоги мерки, зашто на друг начин ќе не можеме да се справиме со медицинскиот отпад?

„Решенијата што ќе ги донесе Инспекторатот ќе бидат според закон. Веќе се работи на решенијата што се донесени од претходниот надзор... Значи можело да се стави филтер, значи можело да се набави нов инсенератор... Зошто тоа не се направило, уште еднаш ќе кажам, не знам. Меѓутоа, ви гаратирам дека во иднина инсенераторот нема повеќе да загадува.“ – додаде Богдановски.

Од Инспекторатот треба да му ја предадат документацијата од надзорите над Дрисла на Јавното обвинителство, откако тоа реши да истражува дали Дрисла сторила кривично дело - загадување на животната средина и природата и кој е одговорен за тоа.

Доктор Кочубовски е автор на упатство за управување со медицински отпад и учествувал во изборот на локацијата на која пред речиси две децении бил поставен инсенераторот.

„Тоа е избрана локација на околу 14 километри југоисточно од Скопје и не е населена зона. Тоа беше земено во предвид. Има доволно заштитна зона меѓу депонијата и самото населено место, односно градот Скопје, така да има безбедно растојание. А што е најважно, во Скопје доминантни се северозападни ветрови, дуваат од северозапад кон југисток, а депонијата е некаде на југоисток.“ – тврди Кочубовски.

Според него, количеството јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина што ги испушта печката не се голема закана за Скопје. Но, во услови на енормно загадување на воздухот, сепак, смета дека е потребна современа технологија за горење опасен отпад.  

„Ние баравме да биде набавена нова печка. Дури и учествувавме во тие спецификации за тендерската постапка уште пред неколку години. Првиот тендер преку министерство за животна средина и просторно планирање за жал пропадна. После тоа имаше обиди за втор тендер, колку што се сеќавам ништо не испадна. Потоа град Скопје ја превзеде ативноста. Ние секогаш баравме да се смени инсенераторот со нова верзија.“ – вели тој.

Но, ако Скопје е 14 километри од Дрисла, селото Батинци е на само еден километар. Еве ги сведоштвата на мештаните.

„Има силна миризба. Многу смрди, повеќе ноќе, како да палат нешто, не знам што. Дење нема, но ноќе има многу тешка смрдеа, не само тука туку насекаде. Цело Батинци смрди.“

„Види каков e асфалтот. Еве снимете го. Од оваа нечистотија, потоа тие честички влегуваат низ носот кај луѓето и тие се грипозни.“

„Смрди, сите деца се болни, сите сме болни од депонијата. Како го собираат, така цело ѓубре доаѓа овде.“ – рекоа жителите на Батинци со кои поразговаравме.

Количеството на согорен медицински отпад за 15 години е зголемено дури за седум пати: од 115 тони во 2000 на 775 тони во 2015 година. Со тоа е зголемена и емисијата на штетни материи во воздухот од Дрисла.

На веб – страницата на депонијата пишува дека инсенераторот „може да согорува и друг вид отпад по барање на правни и физички лица“, без да се наведе дали тие може да бидат и од странство. Ова за екологистите отвора сомнежи – каков и чиј отпад досега бил горен во Дрисла?

„Дополнително, со дозволата на законот за увоз на отпад, преку финансиските извештаи би можеле да видиме од кои извори се добивани средства за да ги поврземе со видот на отпад или за која цел се тие средства наменети. На таков начин да се прави дополнителна контрола на Дрисла. Тие би требало да се транспарентни во секој случај, но финансиската ревизија и контрола ќе ни даде појасни податоци за каков вид отпад и колкава количина отпад се горела во медицинската печка.“ – смета Антонио Јовановски од невладината организација „Go green“.  

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека пред две години Дрисла побарала, но министерството не одобрило увоз на отпад. Ова се совпаѓа со периодот на аферата со радиоактивниот отпад од Италија за која албанските медиуми пишуваа дека требало да заврши на Дрисла, но му се губи трага.

„Во 2016 година, согласно таа една афера што постоела објавена во албанските медиуми, имало барање од Дрисла за увоз на отпад, но Министерството за животна средина тоа барање не го одобрило.“ – тврди Макрадули.

Дали во вакви услови со ваков инсенератор Дрисла давала услуги на физички или правни лица за уништување отпад од странство?

„Не. Не. Не. Таква дозвола нема добиено. Се разбира има други субјекти од Македонија кои ја користат Дрисла како партнер за своите потреби, но ова не е направено.“ – додава Макрадули.

Раководството на депонијата, а и надлежните државни институции тврдат дека од почетокот на годинава не се согорува медицински отпад туку дека тој само се складира. Но, додека во петокот снимавме во Дрисла, лесно воочливо беше дека таму има само еден контејнер со медицински отпад што чека уништување. Тоа е премногу мала количина отпад во услови на, како што се тврди, двонеделно неработење на печката. Дали, сепак, некој ја мами јавноста?