Дали поранешни високи функционери се обиделе да се спогодат со СЈО?

пред 12 месеци | Дебати

Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, обвинителката во Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, зборуваше за тоа дали досега имало обиди за спогодување со некои од осомничените или обвинетите во покренатите случаи.

- Имало обиди за спогодување со дел од осомничените во нашите постапки, најчесто од нивна страна, по нивна иницијатива, токму заради предностите кои ги нуди овој институт. Меѓутоа, поради актуелната состојба во одреден период од функционирањето на СЈО, поради разните опструкции, притисоци, но и поради притисоците и заканите кон дел од тие осомничени, коишто се обидуваа на некој начин да се спогодат, тоа беше значително отежнато. Треба да се има предвид и еден друг момент, односно профилот на лица коишто се осомничени во предметите на СЈО. Тоа се вообичаено луѓе коишто биле на високи државни функции, коишто имале огромна моќ и коишто кривичните дела за кои постои основано сомнение дека ги сториле, најчесто како нивни соучесници биле лица коишто вообичаено биле пониско рангирани државни службеници коишто од разни причини, ете да кажеме, можеби и од страв за нивната егзистенција, учествувале во извршување на тоа кривично дело. Тоа не значи дека тие лица не треба да одговараат, меѓутоа сакам да кажам дека би било целисходно токму со ваква категорија на лица да се случи спогодување за видот и висината на кривичната санкција, бидејќи најчесто овие лица служат и за, условно кажано, фаќање на оние главните сторители на кривични дела и на тие што најмногу се офајдиле од криминалот.

А овие обиди коишто постоеја беа со лица од тој, условно кажано, понизок ранг, или и со повисоко позиционирани функционери?

- Тоа засега не би било коректно да го одговорам.