Фетаи: Можно е некои од новите предмети да бидат предадени на ОЈО за да се покренат обвиненија

пред еден месец | Дебати

Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, обвинителката во Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, зборуваше за дилемата што е присутна во јавноста - дали СЈО може да отвора нови предистраги и истраги ако веќе не може да покренува обвиненија поради истекувањето на законскиот рок од 18 месеци за тоа. 

- Формално правно, Законот за Специјално јавно обвинителство, односно тој член 22 не не ограничува, ние да водиме истраги. Тој член, таа несреќна одредба - член 22 од законот, не ограничува во овој момент единствено да покренуваме обвиненија, односно постапката којашто ние ја водиме пред СЈО, да ја покренеме пред суд. Меѓутоа, не сме формално правно ограничени да отвораме истраги.

Тогаш што со истрагите кои ќе стигнат до фазата по кои ќе треба да се покренуваат обвининенија?

 - Наша должност е ние да гониме кога постојат докази дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност. Самата кривична постапка е составена од повеќе фази. Имаме предистрага, после истрага, фаза на прибирање на докази, односно кога постои основано сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, и фаза на покренување обвинение. Тоа е оној момент кога јавниот обвинител ќе собере доволно докази од коишто основано може да се очекува донесување осудителна пресуда. Токму поради таа спорна одредба од членот 22 од законот, можно е некои од предметите, односно некоја од нашите истраги да дојде во таа фаза, условно кажано, да биде печена за поднесување обвинение. Во таква ситуација, можно е таков предмет да биде предаден на работа на редовното Јавно обвинителство, и на тој начин би биле и законски покриени.

Тука има уште една дилема. Ако СЈО е ексклузивно надлежното обвинителство за случаите поврзани и кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори, (вие преземате и случаи од редовното обвинителство), нели е законски спорно тоа што евентуално ваш предмет ќе го предадете на потпишување на некој од редовното обвинителство?

- Значи, тука е малку проблематично со роковите. За овие предмети коишто ние ги преземаме од другите обвинителства, како што беше предметот „Актор“, предметот за Скопје 2014, за нив ние имаме нов рок од 18 месеци, којшто е различен од овој рок што измина, за покренување на обвиненија. Сега зборуваме за ситуации за истраги коишто ние ги отвораме, а за кои немаме право да покренуваме обвиниенија. За тие случаи, евентуално, ако има добра волја може да се најде и некое законско решение да преминат во редовното обвинителство, и како што кажав, зборувам за тие ситуации коишто би биле во некоја понапредна фаза, односно би биле спремни за поднесување обвиненија.

Зборувате за решение во рамки на актуелните закони, без интервенции во нив?

- Можно е и со интеврвенции. Меѓутоа, кога постои добра волја, секогаш може да се најде решение, особено ако се работи за ваков огромен интерес - остварување на правдата.

Но, не ми одговарате. Што е со овој аспект на ексклузивната надлежност на СЈО околу тие предмети. СЈО, евентуално тие обвиненија коишто ќе ги потпишат обвинители од редовното обвинителство нема да може да ги застапува на суд. Нели е тоа на некој начин изигрување на законот?

- Се уште не сме дојдени во таква ситуација, да имаме некоја наша истрага којашто би била дојдена во фаза да биде поднесено обвиниение, меѓутоа во тој момент кога ќе имаме некој таков предмет, ќе се изнајде решение за се. Доколку постои добра волја, особено кога е во прашање остварувањето на правдата, може да се најде решение.