Колку што 2018 е важна за Македонија, толку евентуалниот успех на Македонија е важен и за Брисел

Автор: Владимир Мирчески | пред 11 месеци | In depth

„Македонија навистина создаде моментум кој Брисел, на некој начин, мора да го прегрне, да го приближи кон себе“, вели Ведран Џихиќ, предавач на Универзитетот во Виена.

„Македонија стори толку многу што заслужува да добие скромна, но важна перспектива“, вели Калман Мижеи, професор на Централноевропскиот универзитет. 

„И во интерес на ЕУ е за 2018 да ја прогласи за успешна за Западен Балкан и Македонија да тргне еден или два чекора напред“, вели Бојан Маричиќ, посебен советник на премиерот задолжен за евроинтеграции. 

Три различни соговорници, од различна професионална дистанца со ист заклучок – дека колку 2018-та е важна за Македонија, толку евентуалниот успех на Македонија е важен и за Брисел.

„Мислам дека Македонија е парадигматичен случај за цел Западен Балкан. Постои голема шанса и Македонија може да биде дел од некое големо, нормално решение за регионот, но може да биде и некој вид на аномалија во еден контекст во кој во поголемиот дел од земјите од регионот се авторитарно настроени – да биде аномалија која го потврдува правилото. Се уште е многу рано за да се носи конечен суд, но е јасно дека во овој момент очекувањата се преголеми и дека тоа е опасност, но и дека има шанси на една здрава, транспарентна, етичка политичка основа да се изгради нов момент не само за Македонија, туку и за целиот регион“, вели Џихиќ.

„Во рамките на стратегијата за проширување која ќе биде објавена во февруари се очекува место да најдат сите држави и за сите да биде отворена перспективата за членство во ЕУ. Прашање е дали и какви рокови ќе бидат поставени зашто и за тоа прашање голем број земји-членки имаат различно мислење – дали има или нема потреба од временско дефинирање на следното проширување. Србија и Црна Гора се во процес на преговори за разлика од сите останати. Но, Македонија и Албанија се државите кои треба да земат залет и во 2018-та да добијат датум за почеток на преговори, ако ги исполнат условите одредени со реформските планови“, вели Маричиќ.

Што станува со домашната задача што треба да се заврши, добивме скусена листа на прироитети, меѓу нив се и три покрупни законски решенија, станува збор за укинување на Советот за утврдување факти, за префлање на неговите ингренции во Судскиот совет, како и измените во законот за заштитени сведоци.

„Најголем дел од тие работи веќе се завршени – објавувањето на извештајот за АКМИС-системот е готово, усвојувањето на стратегијата за реформи во судството е завршена работа. Наскоро ќе треба да се усвои стратегијата за реформи во јавната администрација. Законските решенија кои ги споменавте веќе се во собрание и според планот за работа се очекува идната седмица, последната недела од оваа година да бидат донесени во собранието. Исто така, пакетот – реформи поврзани со системот на разузнавање веќе идната седмица ќе се најдат на влада за усвојување. Така што, најголем дел од оние работи што ги договоривме се на пат да бидат остварени или се остварени“, вели Маричиќ.

„Прашањето е што може Македонија да направи, а што Брисел треба за возврат да стори? Дали преку борбата против корупцијата, реформата на судството, создавање на транспарентна рамка за странски инвестици, реформа на медиумските закони, поинаква практика со медиумите, транспарентна работа на парламентот – враќање на дебатата и дискусијата во парламентот кој беше блокиран и редуциран на една фасада, Македонија може да оди напред и независно од тоа што ќе се случи со Грција го придобие, или на некој начин, го присили Брисел во 2018/2019 да отвори конкретно некои нови фондови иако Македонија не е членка. Или пак да почнат преговори, да се најде некој компромис за старт на преговори за некои поглавја“, вели Џихиќ.

Какви се сигналите што ги добивате за прашањето за името кое де факто влијае и ќе влијае на процесот на приближување кон Брисел?

„Атмосферата е дека навистина постои желба и од грчка и од грчка и од страна европските институции да помогнат овој проблем да биде решен на вистински начин за решението да биде одржливо и да биде прифатено од сите и да предизвика деблокада на процесите за зачленување на Македониа во ЕУ и НАТО. Ова е прилика која може да се покаже како уникатна за подолго време – 2018 ќе биде година на поддршка на државите од Западен Балкан и тој бран треба да го искористи Македонија, но треба да го искористи и Грција затоа што веруваме дека е во интерес и на Грција овој долгогодишен проблем да се реши на вистински, добрососедски европски начин“, вели Маричиќ.

Треба да се гледа и пошироката слика – вели за „360“ Калман Мижеи. Според екс-функционерот на ЕУ, долгогодишен претставник на Брисел во Молдавија и Украина, преку Македонија Брисел искуси што може да се случи кога Балканот предолго е оставен без јасна перспектива и поттик за напредок. 

„Се надевам дека Балканот ќе движи во вистинската насока. Балканот е полн со предизвици, она низ што помина Македонија во послдните години -  затворањето на демократскиот простор може да се случи и во некои други земји, таква тенденција постои. Лично сметам дека ЕУ треба да биде силен заштитник на отворена демократија, медиумски плурализам и еднаков пристап на политичките партии во натпреварот. Сега тоа го имате во Македонија, а Русија не е пријател на ваквите процеси“, вели Мижеи.

Сите овие пораки засега звучат како новогодишни желби, бидејќи равенката за Македонија е сложена и со многу непознати, најмногу поради неизвеноста околу прашањето за името... Дали новата реторика од Брисел треба да биде гаранција дека ЕУ нема да дозволи Македонија повторно да се лизне, оценката повторно би била воздржана... Зашто во изминатата деценија Брисел беше директен актер во задржување на статус квото, кое произведе изолирана и киднапирана држава.