Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ виден од друг агол. Што се случуваше во Валандово?

Автор: Славица Филиповска | пред 5 месеци | In depth

Ретко кога на вакви настани вниманието е насочено кон тепихот за пречекување гости. Но, не поради тоалетите, и не дека ги немаше. Туку зашто беше важно да се види кој ќе дојде и кој ќе отсуствува. А, првото впечатливо отсуство беше меѓу новинарите. Ги немаше оние без кои до скоро не можеше да помине ниеден голем собир на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште на почеток стана јасно дека доаѓаат и такви што ја потпишаа иницијативата за одлагање на конгресот – како поранешниот штипски градоначалник Илчо Захариев или поранешениот велешки градоначалник Славчо Чадиев.

Уште една работа беше впечатлива на влезот – кутијата во која се собираа пари за притворените за настаните од 27-ми април или уставобранителите, како што ги нарекуваат од партијата. И меѓу нив има делегати, но тие не можеа да дојдат во Валандово.

Од тројцата братучеди што палеа и гасеа во изминатите десет години, прв пристигна Влатко Мијалков. По него дојде брат му Сашо Мијалков и меѓу оние што чекаа надвор најде стар познаник, поранешен колега од МВР – Иво Котевски, кој сега е директор на Центарот за комуникации на партијата.

Третиот братучед – Никола Груевски не го напушти манирот да доцни. А, кога влегува тој – сите се на нозе.

Меѓу гостите, препознатливи лица од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, неизбежниот Слободан Угриновски од Титови леви сили... Имаше и еден министер – потпретседателот на ДУИ, Садула Дураку, кој раководи со ресорот животна средина во владата на Зоран Заев. Друштво му правеше пратеникот од ДУИ, Реџаил Исмаили.

Од говорницата, се редеа поздрави...

„Дозволете најпрво да ви ги пренесам поздравите од членовите на Социјалистичката партија на Македонија, а посебно поздравите од нашиот претседател Љубисав Иванов – Ѕинго, кој од оправдани причини беше спречен да присуствува на овој ваш конгрес.“, рече Јован Лазаров – Социјалистичка партија на Македонија.

Ѕинго изнуди аплаузи иако неговата Сител сега ни одблиску не е тоа што беше за ВМРО-ДПМНЕ во минатото. Аплаузи заработи и Стевчо Јакимовски од ГРОМ, кој се обиде да го утеши Груевски за заминувањето.

„Лавот е најсилно суштество на планетата, но кога ќе му се соберат десетина хиени, по кратка борба и тој ја напушта битката. Но, лавот останува лав, а хиените ќе си останат хиени. Тие секогаш ќе бидат лешинари.“, кажа Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Забележливо остана местото на кое седеше актерот Тони Михајловски – во ист ред со Груевски, со новиот лидер Христијан Мицкоски и со Сашо Мијалков. Меѓу присутните беше и новосомничената од СЈО Силвана Бонева, а речиси неразделни беа екс-министрите Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески.

Задачата да ја прочита Резолуцијата за осуда на политичкиот прогон и припадна на Дијана Транталовска, основач на партијата и една од потписничките на иницијативата за одлагање на конгресот. (атмосфера) Од оние што се потпишаа на иницијативата, а сепак дојдоа во Валандово беше и пратеникот Крсто Јовановски. Но, многу сточиња останаа празни.

„Жалам што конгресот се случува во вакви емотивни и невообичаени околности кога нашата партија е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од наши членови со кои до пред една недела делевме добро и зло и не слутевме дека по неколку дена нема да го препознаеме нивното однесување.“, кажа во својот проштален говор почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Брилијантниот политички ум, како што Груевски го опиша својот долгогодишен шеф на кабинет Мартин Протогер, повторно ги следеше настаните од втор план.

И почна гласањето со ливчето на кое имаше само едно име. Во избирачкиот одбор беа главно млади активисти – добија пофалби дека биле многу поефикасни и од ДИК. Груевски и Мицкоски гласаа еден по друг. Кај избирачката кутија можеа да се забележат и ликови кои подолго се немаа појавено на јавни настани – како поранешниот министер за труд и социјала Диме Спасов. Гласаше и екс-вицепремиерот за економија, Владимир Пешевски, иако дел од медиумите го вбројуваа меѓу оние што го бојкотираат валандовскиот конгрес.

Откако се заврши, Мицкоски беше прогласен за нов претседател и ги прими честитките од сопартијците, прашавме некои од нив – дали Груевски не му врза јамка околу вратот на новиот лидер со обвинувањата за оние што не дојдоа и со тврдите ставови за некои важни државни прашања.

„Сметам дека никаква јамка не му е врзана на новиот претседател. Новиот претседател си има капацитет, поддршка од делегатите, очекувам да продолжи со работа во насока на јакнење на партијата и создавање услови на враќање на партијата побрзо на власт.“, смета пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.

Се согласувате ли дека дел од вашите колеги пратеници му забија нож во грб на Груевски?

-Јас не би сакала да се мешам во лични работи, навистина нe сум упатена во тоа.

Но сепак, тоа се ваши колеги, кои беа обвинети за предавство на партијата.

-Тие се мои колеги и според мене во нашата партија нема предавници, ние сите сме едни и не треба да има раскол, треба да сме сложни и единствени., рече Даниела Рангелова.

Присуството на поранешната власт го искористија активистите од граѓанската иниција „Спас за Валандово“. Со истакнати транспаренти, уште еднаш испратија порака за запирање на изградбата на рудникот Казандол.

„Ние сме тука, затоа што спротивно од улицата стојат многу луѓе кои се одговорни за ова што ни се случува во Валандово и во регионот пошироко со рудниците на смртта и сакаме да кажеме дека нема да застанеме со нашата борба се додека рудниците не застанат и сите оние којшто нема да помогнат во застанувањето на рудниците на смртта ќе ги сметаме за соучесници.“, изјави Викторија Стојчевска од иницијативата „Спас за Валандово“

Салата остана празна, се испразни и кутијата за донации, а празно остана и Валандово, кое волку гости гледа само за фолк-фестивалот.