Измамата со кремот кој ветува дека лечи болки во зглобовите за само 4 дена уште функционира

Автор: Зоран Јованоски | пред 9 месеци | In depth

Веќе не функционира една од веб–страниците на која се рекламираше производот кој наводно ослободува од болка во зглобови за четири дена, а на која беше злоупотребено логото на Минстерството за здравство и името на една скопска клиника.

Откако го објавивме случајот, на фејсбук страната на „360 Степени“ ни пишаа повеќемина кои биле жртви на залажувачкото рекламирање.

„Редно беше некој да проговори за лажните масти кои се нудат и ја користат маката на луѓето за многу пари, а малку или без ефект. Јас употребив таква маст и немав никакво подобрување.“

„Многу им е бомбастична рекламата. Јас нарачав ама во последен момент во пошта го откажав.“

„Јас веднаш се посомневав, бидејќи ги најдов и прочитав и двете реклами, а сомнително ми беше и тоа што бараат поголема количина да се порача наеднаш. Но, не знаев каде да се обратам.“ – пишува во дел од коментарите.

Авдо Хоџиќ од Скопје напиша дека се е лага. Го контактиравме и ни раскажа дека тој го нарачал кремот сакајќи да и помогне на својата сопруга која има болни зглобови.

„Да. Во рекламата пишува дека за четири дена си ослободен од сите болки за цел живот. Јас на тоа не би поверувал, но поверував затоа што горе стоеше логото на Министерство за здравство на Република Македонија и докторите кои наводно се чесни и се осмелиле да кажат дека производот е добар.“ - вели Хоџиќ.

Хоџиќ сега се чувствува измамено и бара институциите до крај да го истражат случајот.

„Институциите треба веднаш да реагираат, да се испита дали тој лек е регистриран во Македонија, дали е ефикасен, од што се состои, дали има соодветна цена, дали треба некој да одговара за лажно претставување на некои ликови и доктори. Треба да се одговара за тоа и морално и кривично бидејќи, според мене, се работи за чиста измама.“ – смета тој.

А, еве до каде стигнаа односно не стигнаа институциите. Од Министерството за внатрешни работи не информираа дека презеле активности во соработка со Министерството за здравство, но признаваат дека веб-страницата не е повлечена поради тоа туку најверојатно сопственикот самиот ја деактивирал.

Според информациите од Царинската управа, пак, производот во земјава се увезува од Русија со трговски опис Креми за кожа. Дозвола за увоз дал Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Но, од таму речиси една недела чекаме одговор како ја дале дозволата за увоз и што ќе преземат во овој очигледен случај на залажувачко рекламирање, што и самите го констатираа.

И додека трае молкот се уште функционира втората веб–страница на која пишува дека кремот го препорачува извесен доктор Константин Георгиев, само што сега тој веќе не е од клиниката „Пан Житрев“, туку е само лекар од Скопје. Веќе не стои и дека наводното интервју со докторот е дадено за Македонската радио телевизија.

Ова се прилагодувањата направени во начинот на рекламирање, а за да провериме дали производот и натаму се продава, решивме повторно да го нарачаме.

„Една тубичка ви е за недела дена користење. Сега имаме и попусти за 6800 денари, едно пакување добивате на подарок, значи четири креми што ги купувате и едно подарок, вкупно пет креми.“ - вели операторот во телефонскиот разговор.

Добро еве за почеток би сакал една крема.

„Пробна терапија. Нема проблем ќе ја испратиме таа, ќе се уверите во резултатот и повторно ќе може после тоа да оставите барање на сајтот за да ви направиме поголеми дози.“

Ефикасно е? Разнесувате вака често?

„Многу да ти кажам.“ – рече доставувачот.  

Само низ Скопје или...

„Низ цела Македонија. Имаме по 200-300 пратки дневно. Само од нив. Кај се други работи. Да ми платиш само ако може 2350 денари.“

Што велат луѓево, ефикасно ли е ова?

„Не знам што да ти кажам. Некои нарачуваат и по два пати, зависи...“

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека интернетот е море од информации кое тешко се става под целосна контрола. Границата меѓу слободата да се користи и злоупотребата е поле на кое треба да се работи.  

„Никој не може да исконтролира директно и веднаш дали ги почитувате основните правила или не. Ако на ова додадеме дека законите кои важат во секојневието во реалноста се истите кои што важат во интернет просторот тогаш доаѓаме до одговорот дека секој од нас, независно дали користи интерент или социјални медиуми за лична употреба или како правно лице, компанија организација или слично, мора да ги почитува истите закони и е одговорен пред позитивнбите норми.“ – изјави Кордалов.

Токму поради немањето стопроцентна заштита од измами, Кордалов смета дека граѓаните треба самите да бидат свесни за опасностите и да проверат пред да поверуваат во нешто. Но, голем дел од одговорноста ја гледа кај институциите и самите социјални медиуми.

„Кога би сакале да ја погледнеме целата слика, социјалните медиуми и тоа како имааат општествена одговорност кон своите корисници да овозможат што е можно побезбеден интернет, да овозможат што е можно посигурен простор бидејќи сите ние кои што сме решиле да бидеме дел од тој клуб на тие корисници на социјалните медиуми треба да чувствуваме полна приватност и сигурност таму. Не постои процес на никакво противправно организирање кое што се решило веднаш туку имаме само процес на натпревар. Значи се појавува нешто што не е во ред, што е противправно и кривично и тоа се санкционира. Потоа се појавува друг облик и одбрана против тој облик и така натаму.“ – смета тој.

И додека трае тој натпревар, измамениот пензионер Авдо Хоџиќ се надева дека на крај нема да победи оној што мами.

„Една стара поговорка вели дека давеникот и за сламка се фаќа. Ако некој има мака тој е во состојба да побара лек било каде. Луѓе одат кај попови, оџи, бајачи, измамници итн. Така и во овој случај, човек ќе се намами за да си помогне. Меѓутоа, испаѓа дека лекот е неефикасен и дека е чиста измама. Некој си профитира на нечија несреќа што е трагично.“ – вели Хоџиќ.