Противречни реакции за хокеарската измена во Кривичен - исти правила, различни толкувања

Автор: Александар Димитриевски | пред 11 месеци | Дебати

Правдата беше тема преку која се прекршија многу случувања во Македонија во изминатата година, а ќе се прекршуваат и во следната. Еден собир како да беше приказ на состојбите во мало.

Лидија Раичевиќ, обвинителка во Обвинителството за организиран криминал, Лидија Петровска, судијка која води три предмети на СЈО, а која според „бомбите“ е избрана од тефтерчето на Гордана Јанкулоска, Лазар Нанев, судија кој ја водеше групата за контрола на АКМИС-от, Катица Јанева, обвинителката која ги истражува сите злоупотреби кои произлегуваат од бомбите.

Овој мешан состав се собра на настан организиран од невладината „Сите за правично судење“ за да дебатира за наодите од мониторингот на случаите од организиран криминал и корупција. Но, извештајот остана во сенка бидејќи уште на почетокот настанот се претвори во ретроспектива, што се беше проблем годинава во патот кон правдата.