Залажувачко рекламирање

Автор: Зоран Јованоски | пред 11 месеци | In depth

На социјалните мрежи, но и на некои домашни информативни порали се појави линк кој води до веб-страници на кои се рекламира производ што ве ослободува од болки во зглобовите за само 4 дена.

На една од страниците овој производ наводно го препорачува доктор Константин Георгиев од извесна клиника Пан Житрев во Скопје. На друга страница, истиот крем наводно го препорачува доктор Константин Митев од клиниката Жан Митрев. Но, со едноставно пребарување откривме дека на фотографиите се всушност лица од Русија, на кои им е сменет идентитетот за потребите на рекламирањето во Македонија, а имињата на докторите и клиниката се злоупотребени.

Дури има и измислени интервјуа со докторите, всушност едно исто интервју атрибуирано на двајцата наводни лекари, наводно дадено за Македонската радио телевизија, чие име исто така е злоупотребено.

На една од веб-страниците го има логото на Министерството за здравство на Република Македонија, кое наводно спровело и анкета во која најголем дел од пациентите тврдат дека производот што се рекламира многу им помогнал.

Има и коментари на наводно задоволни пациенти. Проверката покажа дека фотографиите се превземени од различни страници на интернет, а идентитетот е измислен.

Во обид да откриеме што повеќе аспекти, решивме да го нарачаме производот така што на веб - страницата оставивме телефонски број, а потоа ни се јави оператор.

„Најважно е да го користите производот без прекинување. При такво користење кремата не помага само да ги решите акутните болки туку и засекогаш да заборавите на нив. Работиме од 2005 година, имаме доволно статистички податоци и што се однесува на тоа нашите клиенти се многу задоволни“, вели операторот во телефонскиот разговор.

За почеток би сакал само една тубичка да нарачам.

„Господине денеска работиме по третрмани на користење. Најмал третман е две пакувања - 4340 денари, вкупна цена со достава.“

Тоа е најмала количина што можам да ја нарачам?

„Да, да, да...“

На сајтот на кој е рекламата нема начин да се контактира со овој доктор Константин Георгиев, а баш би сакале. Пишува дека работи во „Пан Житрев“ клиника, не знам каде е тоа. Би сакале баш да воспоставиме контакт за да направиме преглед или слично. Може да ни помогнете?

„Не знам господине за тоа. Ќе почекате, во кутијата која ќе ја добиете можеби ќе добиете број“, рече операторот.

При доставата, фискална сметка не добивме, но добивме фактура на која стои дека фискалната можеме да ја подигмене на адресата на испраќачот. Има и образец за враќање на производот во рок од 20 дена, но не според македонскиот, туку според Законот за заштита на правата на потрошувачите на Узбекистан.

Како потрошувач кој почувствува дека нешто не е во ред со производот и со начинот на рекламирање и продажба, се обратив до Организацијата на потрошувачи на Македонија.

„Порталите кај нас не се проверуваат на тој начин, но ние баравме во поглед на измамната трговска пракса и тие да бидат проверувани заради тоа што често се случува токму ова“, изјави Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Што е со веб - страниците регистрирани во други земји, како оваа?

„Тешко се контролираат тие. Немаме надлежности. Ако се контролираат порталите во домен на нечесна пазарна пракса, не не интересира уредувачката политика и што пишуваат, не сме за таква контрола на порталите, но сме за контрола каде што се продава нешто. Тука може да се контролира, да се укаже дека овој портал е од таму и таму и ве молиме да го тргнете тоа. Тие имаат интерес да го пласираат тоа, но не по секоја цена да пласираме измами“, вели Лончар Велкова.

Што е овој производ - лек, медицинско средство, граничен производ, козметика... и со чија дозвола се увезува во земјава? Ова ги прашавме во Царинската управа. Еве што ни одговорија:

„Ве известуваме дека Царинската управа дозволува увоз само на лекови по претходно одобрение од МАЛМЕД (Агенцијата за лекови). Во врска со конкретното прашање во која категорија производи е овој производ кој на интернет се рекламира како крем против болки во зглобови, Ве упатуваме на Агенцијата за лекови (дали станува збор за аналгетик или нешто друго). Доколку овој крем е увезен како козметички производ, Царинската управа дозволува увоз само по претходно одобрение од Државен санитарен и здравствен инспекторат.“

Но, овој производ не е регистриран во Агенцијата за лекови ниту како лек, ниту како граничен производ. Го нема ниту во регистрите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Прашавме и во Државниот санитарен и здравствен инспекторат од каде ни рекоа дека станува збор за залажувачко рекламирање заради остварување профит за што се предвидени глоби.

„Во одредбите од член 277 од Законот за здравствена заштита - Забрането и дозволено рекламирање, е наведено дека залажувачко рекламирање, покрај другото е и претставување на здравствени работници кое може да ги доведе во заблуда пациентите и рекламирање со кое се искористува пациентот заради негово неискуство, неинформирање или незнаење заради остварување на профит.“ – стои во дописот од ДСЗИ.

Од Инспекторатот велат дека за непостоечките доктор и клиника не можат да реагираат, но дека се во фаза на проверка за сајтот во кој се појавува името на клиниката „Жан Митрев“.

Од Министерството за здравство, чие име и лого се злоупотребени, велат дека информациите на веб - страницата се лажни. Ни рекоа и дека во соработка со Министерството за внатрешни работи преземаат активности за идентификување на изворот.

Од полицијата, пак, посочуваат дека кога провајдерот не е регистриран во Македонија, преку јавен обвинител со механизам на меѓународна правна помош, податоците ги бараат од државата каде што е регистрирана веб – страницата, во случајов тоа е Панама. Но, не кажуваат дали и што ќе превземат околу фирмата што го продава производот.

А, станува збор за компанија регистрирана во Централниот регистар во 2007 година, која е со седиште во Скопје. Таа е во сопственост на едно физичко лице од Македонија, кое е и управител. Компанијата има двајца вработени и за минатата година пријавила вкупни приходи од 340 илјади евра.

Да сумираме – производ, со лажна реклама, непречено се продава во Македонија, а институциите креваат раце и си ја префрлаат одговорноста. Никој не знае да каже како ваков производ воопшто влегол во земјава. И додека некој ја користи неефикасноста на системот за да прави профит, од Организацијата на потрошувачи советуваат:

„Потрошувачите многу се жалеа во изминатиовц период. Ние направивме доста едукативни брошури и соопштенија кои до јавноста одеа и преку нас и преку Државен пазарен инспекторат. Баравме купувачите да се обезбедат и при купувањето вон деловните простории зашто законот заедно ги регулира и купувањето вон деловни простории и купувањето онлајн. Но сметаме дека тие самите не треба така лесно да потпишуваат договори, но не и тешко, мислам убаво е да се купува онлајн, меѓутоа да проценат и самите, зашто колку и да имаме инспекторати, што сакате воведете во државата, ние треба самите како потрошувачи да сме свесни и разумно да одлучуваме каде ќе ги потрошиме парите“, порачува Лончар Велкова.