Димитров: Компромисот за името мора да го тргне стравот за идентитетот

пред 11 месеци | Дебати

Решението за прашањето за името треба да го отстрани стравот за идентитетот, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во пресрет на интензивните преговори под покровителство на Обединетите Нации.

Во интервју за емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат-М, прашан дали во преговорите се засегнати и идентитски одредници, со оглед на изјавите на посредникот Метју Нимиц дека идентитетот на етничките Македонци не е дел од процесот и дека пополнувањето на графите за јазикот и за државјанството е техничко прашање, Димитров одговори:

„Предметот на овој спор – нашето име, тоа го имплицира и прави простор за овој страв и токму поради овие најаснотии, независно од одговорот на медијаторот, ние мораме да најдеме начин да го покриеме тој страв, зашто ќе нема решение. Второ, она што на Атина и е во интерес е да направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и нејзината провинција Македонија и таа дистинкција треба да биде што е можно поприфатлива за нас, а прифатлива и за нив. Исто така, прашање е каде се таа дистинкција ќе се применува. Она што е важно е двете земји да најдат начин ова да го затворат така што ќе ги покријат клучните интереси на другата страна. Мислам дека тоа не е невозможно ако има политичка волја, а се надевам дека таква волја ќе се верифицира низ процесот што го води Нимиц. Наша задача е да извлечеме што е можно повеќе во дадените околности, знаејќи дека и Грција треба да се согласи со тоа решение.“

Димитров рече дека ниту може да се прифати нешто што ќе биде лошо само за да има решение, ниту може да се одбие нешто што ги покрива основните работи.

„Важно е и да се знае дека нерешавањето на прашањето создава неизвесност, зашто е важно за стабилноста, за иднината на РМ да ги отвориме вратите на НАТО и ЕУ. Тепајќи се со Грција нема да успееме и тоа го пробавме изминатите години. Зашто зачленувањето значи дека со Грција ќе седиме на иста маса како сојузници“, изјави Димитров.

Според него, Нимиц ќе излезе со конкретна понуда „штом почувствува каде сме ние, каде е Атина и штом процени што може да биде предмет на подетални разговори“. Притоа, вели Димитров, посредникот може да има дилема дали првично да излезе со рамка, која ќе биде флексибилна и ќе може да се дополнува, или со пофинална форма на предлог, како документ што ќе врши директен притисок, но ќе носи и поголем ризик поради можноста да биде отфрлен од една од страните.

Министерот Димитров откри и дека пред средбата на Нимиц со преговарачите, тој се сретнал со претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да го информира со какви позиции ќе настапи Македонија на состанокот. Димитров не сакаше да открие повеќе детали за средбата која била во функција на градење домашен консензус за прашањето за името.

Прашан дали новата влада има доверба во преговарачот Васко Наумовски, кој беше вицепремиер во една од владите на Никола Груевски, Димитров рече:

„Претходно имам лично преговарачко искуство, исто така во услови на кохабитација. Тоа не е едноставна позиција, особено кога има односи на искричења, така што таа улога во вакви услови бара доблест, чувство за државата, интегритет. Од она што досега го имам видено во Вашингтон, во контактите, на неодамншените брифинзи, имам позитивно искуство и мислам дека се наоѓаме на интересите на државата. Преговарачот е резултат на предлог на влада и именување од страна на претседателот на државата.“