Огнот им го изгоре Дневниот центар, а ноќите и викендите можат да ги „изгорат“ и нив

Автор: Славица Филиповска | пред 11 месеци | In depth

Први март, еден часот по полноќ. Пожарникарите се обидуваат да ја спасат единствената градинка и дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Од објектот спасена е само документацијата која била во сеф.

Дваесет дена подоцна, се уште се чека вештачењето за да покаже што го пеплоса објектот.

Лаура Ракип со неверување гледа во остатоците од Дневниот центар кој за нејзините браќа и сестри, но и за неа, бил спас од улицата.

„Мајка ни не напушти, си замина, па живеевме со сестра ми, па сестра ми работеше, па немавме документи, уште немаме, уште чекаме, татко ми беше затворен, живеевме сами, лошо, немавме за јадење... Видов дека има уште деца како мене, јас мислев дека само јас сум таква, ама има многу луѓе исто како мене и кога влегов внатре сите наставнички беа добри исто како и со другите деца.

За првпат тука научив да читам, буквите, не знаев ништо, математика, ниту македонски знаев добро, ништо, апсолутно ништо, за првпат таму се. Бев малку поголема, како да кажам, ама ништо не знаев. Таму ме научија се, и како да се однесувам, како да зборувам македонски, ништо не знаев. Таму како да кажам, како да се родив пак, ама во подобар случај. Да не беше дневниот центар сигурно ќе бев дрогерашка, ќе бев во затвор, ќе бев мажена, така.“, ни раскажа Лаура.

По пожарот, околу 200 деца кои ја посетувале градинката, но имаат некакви услови дома, се во своите домови. Оние 100, од најмаргинализираните семејства, како она на Лаура, се сместени во привремено отстапени простории на невладина организација, колку да не се на улица.

Овде, се вложува напор децата да се вратат на вистинскиот пат. За нив, четири воспитувачки од Дневниот центар за деца преку неформално образование им ја враќаат насмевката и желбата за просперитет. Многу од нив се радуваат што за првпат имаат можност да ја видат Шутка од малку повисоко.

„Повеќе од дечињата навистина не знаеја како правилно се мијат раце. Имавме повеќе случаи кога дете од 11-12 години, посочена му е бањата, после петнаесет минути гледаме, слушаме дека ништо не се случува внатре, го извикуваме нели до каде е, тој, едноставно стои и не знае како да употреби слушалка да се избања.

Учат за сопствените права, тука се спречуваат и потенцијалните малолетнички бракови, едноставно се заштитува детето од секаква злоупотреба, намерна или ненамерна, дали од семејно насилство, дали трудова експлоатација, согласно Конвенцијата за правата на детето, а од друга пак страна, веќе тука стекнуваат навики за редовно вклучување во училишната настава. “ вели координаторката на Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, Ирена Велкоска.

Дечињата од 4 до 18 години се поделени во три групи, но не според возраста, туку според степенот на стекнато знаење. Помош добиваат до полнолетство, а дел од нив преку Центарот успеале да ги поминат тестирањата за прием во училиштата и успешно се интегрирани во редовниот образовен процес.

Но, и покрај тоа, вратите од Центарот остануваат отворени за помош околу домашните задачи и пристоен оброк.

За месечен буџет, Центарот аплицира во министерството за труд и социјална политика, од каде добива 23 000 денари, а храна и по нешто облека за децата донираат приватни компании.

Младинците веќе активно изучуваат вештини и бараат работа, а дел од нив се трудат да спечалат некој денар преку продажба на уличното списание „Лице в лице“.

Оваа приказна трае 11 години, а мотивот е хуманост, вели професорот Владимир Ортаковски кој преку Здружението за заштита на правата на децата успеал да добие пари од Светска банка за Центарот да заживее. Но, освен макотрпната битка со тоа како децата да се оттргнат од улица, притисоци почнале да доаѓаат од неочекувана адреса.

„Од овие 11 години што работиме, првите неколку години ова беше клон на градинката „Снежана“ од општина Чаир, си плаќавме кирија, добро си соработувавме. Последните неколку години кога премина во надлежност на општината Шуто Оризари, истотака добро соработуваме, но имаше повремено притисок од некои структури во општината да ги напуштиме просториите.“ вели Владимир Ортаковски – претседател на Здружението за заштита на правата на децата.

Го прашавме и зошто, но Ортаковски вели дека не би можел да зборува за мотивите на општините за тоа.

Министерството за труд и социјална политика не планира да го преземе Дневниот центар. Велат дека вложуваат напори Центарот да се пресели во здравствениот дом во Шуто Оризари.

За луѓето од Дневниот центар овие простории во моментот не се функционални. Како и кога ќе се адаптира просторот, не добивме одговор.

Животот во единствената ромска општина и покрај сиромаштијата, се чини повесел од многу други места. Најголем благослов, според директорката на градинката Сонгул Шабан Ахмед, е што бројот на дечиња постојано се зголемува. Но, и самата се прашува каде ќе се сместат додека нивните родители бараат работа?

„За капацитети веќе немаме простор за дискусија, бидејќи ако ги видиме сите релеватни податоци, гледаме дека во заедницата постојат многу поголем број на деца од 0 возраст до 5 години, а ние опфаќаме многу мал дел, капацитети секако мора да се зголемат, во рамки на можностите како на државата, така на локалната самоуправа, очекуваме дека овој немил настан ќе не мотивира многу брзо да најдеме решение. Решението треба да биде трајно и решението да не се соочиме повторно за година, две, три, да побараме нови капацитети, нови градинки и така натаму, туку еднаш да го надминеме проблемот.“, вели Шабан Ахмед.

За министерството, градинката има доволно капацитет. Оттаму велат дека со  помош на донации од УНИЦЕФ, УНДП и СОС „Детско село“ , дечињата од градинката наскоро ќе се сместат во простории на средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари. Но...

„И тоа училиште расте, се зголемува бројот на паралелки, за многу брзо и тие простории ќе им требаат на тоа училиште, ние ќе мораме сите заедно да работиме и да се насочиме кон што побрзо изградба на нов објект.“ посочи директорката.

Како општината Шуто Оризари планира да го надмине проблемот со дневно сместување на децата од предучилишна возраст, од каде што апелираат за трајно решение? Од друга страна, дали се точни тврдењата за притисоците кон Дневниот центар за деца од улица и кому му пречи хуманоста? На овие прашања, и покрај нашето инсистирање, не добивме одговор од градоначалникот Елвис Бајрам.

Наместо од општината, одговор добивме од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците, невладина која ги отвори вратите за привремено смествување за децата од улица. Оттаму алармираат на внатрешната дискриминација во самата општина.

„Се јавува една појава на слојна дискриминација, каде што имаме ситуација каде што помоќниот го третира послабиот на еден многу лош начин, каде што се поттиснуваме и угнетуваме самите помеѓу нас, наместо да ни се развива за потребата од помош и поддршка од еден кон друг и тоа го чувствуваме на сите нивоа, на пријателски нивоа, на роднински нивоа, па се до онаа релација – институција во којашто работат Роми и обичен граѓанин Ром од друга страна. Затоа мислам дека е алармантно и веќе е време да почнеме да разговараме оторено на оваа тема, затоа што ако сакаме конечно да сме еднакви граѓани, мислам дека треба да почнеме од најдолното ниво на градење на една заедница, заедница која се поддржува, па да може да ги бараме правата како заедница, заедно со другите заедници кои функционираат.“ вели Фатима Османовска од Иницијативата за развој и инклузија на заедниците.

Колку деца се на улица, не во Шуто Оризари, во цела Македонија и дали и како државата ги штити од опасности што ги демнат, одговор од надлежните нема. Од министерството добивме податок единствено дека во минатата година се регистрирани нови 70 дечиња на улица. Во Македонија, вкупно има два дневни центри за ваквите случаи, и двата се во Скопје. Постои и транзитен центар за  24 часовно згрижување за деца од улица во Охрид, но тој работи само во летниот период.

За децата од Шуто Оризари, престојот во дневниот Центар за денеска е завршен. Во остатокот од денот тие остануваат препуштени сами на себе. Изборот им е или улицата или нивните домови без храна, топлина, а честопати и без родителска грижа. Едвај го чекаат новиот ден за повторно да се отворат вратите на дневниот центар. И така, од понеделник до петок.

Викендите за нив се цела вечност.