За делење судски предмети „на рака“ во САД се оди во затвор

Автор: Александар Димитриевски | пред 9 месеци | In depth

Американскиот федерален судија, Рикардо Хинохоса, вели дека во САД е незамисливо кој било од извршната власт да крене телефон за да се обиде да влијае на судска одлука, независно што процесот на избор на федерални судии е политички. Лично тој бил номиниран од двајца американски претседатели Роналд Реган и Џорџ Буш помладиот. Погледнете го разговорот со Хинохоса, кој дел од своето искуство деновиве сподели со колеги од Македонија.

Господине Хинохоса, на почетокот дозволете ми да цитирам еден од многуте наслови во медиумите во САД од последниве месеци. „Федерален судија по трет пат го блокираше актот за забраната за патување на Претседателот“. Која е позадината, кој е системот, што му дава толку моќ на еден судија во САД за да може да го блокира дури и претседателот?

- Уставот на Соединетите Држави и фактот дека имаме независно судство. Би било лага ако кажам дека процесот на именување не е политички. Претседателот, кој и да е Претседател, во околу 90% од случаите ќе именува луѓе во федералните судови кои се од истата партија како тој Претседател. Се разбира, Претседателот нема да именува некого за кој не се направени сериозни проверки и истраги, вклучувајќи истрага од ФБИ, истрага во секое место каде живеел, истрага на секое место каде работел, секое училиште во кое бил, неговиот сегашен анкетен лист, анкетните листови од минатото. Сето тоа се зема во предвид пред кој и да е Претседател да донесе одлука да предложи некого. Во исто време, Сенатот, кога ќе треба да ве избере како предлог за федерален судија, исто така прави своја детална истрага. Така, не станува збор за тоа дека сте избрани политички. Претседателот не сака да избере некој кој имал проблеми во минатото. Сенатот не сака да изгласа некого ако не е сигурен дека таа личност ќе биде фер и независна. Тоа е процесот. Но, на крај, на нас е како судии да одлучиме како ќе ја применуваме нашата независност и сериозно да ја сфатиме нашата заклетва.

Во вашата кариера, Вие сте на два пати номиниран, еднаш од претседателот Реган, еднаш од претседателот Буш. Дали претседателите или луѓе околу нив, некогаш се дрзнале да ви се јават на телефон за услуга или пак дали сте слушнале за таков случај и каква била реакцијата на судијата кој го примил повикот?

- Би било незамисливо во нашиот систем кој било од тие претседатели да помисли да крене телефон и да се обиде да влијае на моите одлуки. Ако некој се обидел да го стори тоа, дури и во нивно име, брзата реакција на секој федерален судија би била- не можам да зборувам со тебе за било кој случај и нема да те слушам за било кој случај. Слободно можеме да го направиме тоа затоа што не ни можат ништо, откако сме предложени и изгласани како федерални судии. Но, би било навистина незамисливо ако воопшто постои и очекување дека би одговориле на некакви пораки од некого само затоа што порано сме биле во политиката заедно или бидејќи споделуваме пријателски чувства. И тоа не е вистинито само во однос на Претседателот на САД, туку и за било кој мој пријател кој е засегнат од некој случај. Реакцијата би била иста. Мислам дека е важно за нас, како судии, да ги поставиме стандардите според кои јавноста не перципира и тоа особено во случаите кои се од високо јавно значење. Бидејќи преку тие случаи се формира општото мислење на граѓаните во една земја, за тоа дали системот функционира или не функционира.

Веќе петти пат сте во Македонија. Упатени сте како се избираат и како унапредуваат судиите во оваа земја. Како би го коментирале фактот што ист состав на надлежното тело, на Судскиот Совет без промена на законите, во рок од неколку месеци практично ги смени критериумите за унапредување на судии, случајно или не, паралелно со промената на власта во Република Македонија?

- Нашиот систем се разликува многу бидејќи немаме Судски совет кој кажува кој ќе биде унапреден. Но, би рекол дека ако имаме Судски совет и тие имаат одредени правила, начини за бодување на судиите, ако имате таков систем, повторувам ние немаме оценување во нашиот систем, во федералниот систем нема бодување, но ако имате таков систем треба да се држите до него и да не го менувате во зависност од тоа каква е политичката ситуација, по прашањата кој ќе биде унапреден а кој нема да биде унапреден. Не треба да постои мислење дека разликата се прави според тоа кој е на власт, на кого му се наклонети политичарите или кој има пријатели а кој нема пријатели во судството. Наместо тоа, треба да се гледа кој најдобро ја врши работата и го заслужува унапредувањето.

Македонската јавност е веќе информирана дека спротивно на законот кој предвидува делење на предметите на автоматизиран начин, што треба да гарантира непристрасниот, во делењето на предметите по судовите, сепак имаме голем број на прекршувања на овој принцип, односно голем број од судските предмети се делени на рака. Каква би била реакцијата во САД доколку одредена истрага покаже нешто вакво?

- Доколку некој во судскиот систем го направи тоа, при што не земал пари за туку направил пријателска услуга, веројатно веднаш би бил отпуштен од работа. Ако има и кривично дело, како земање мито или нешто слично, тоа лице ќе се гони кривично. И треба да се гони. Бидејќи последната работа што би сакале јавноста да ја помисли е дека е важно кој предмет кај кој судија ќе заврши. Или, дека постои начин да се добијат услуги зависно кај кого ќе се падне случајот, затоа што знаеме некого во судот или знаеме некого кој би ни помогнал да најдеме таков човек или дека ни е потребен токму одреден судија наместо друг судија.