Унапредување по заслуги или по некое ново „тефтерче“?

Автор: Александар Димитриевски | пред 5 месеци | In depth

Лазар Нанев е судија во Кавадарци веќе 15 години. Важи за еден од ретките делители на правдата кој ги критикуваше состојбите во судството во изминатите години.

На оваа снимка од четвртокот е до првите луѓе на ресорот правда. Веќе препознатлив за јавноста, тој е човекот што ја водеше истрагата која утврди дека во скопскиот кривичен и во врховниот суд, наместо автоматски, предмети се делеле на рака.

Помалку е познат фактот дека судијата Нанев беше и најдобро рангиран кандидат при неодамнешниот избор за судија во Апелациониот суд во Скопје. Досега најголемиот број бодови по автоматизам значеше и избор или унапредување. Но, Судскиот совет ја смени праксата и наместо Нанев, ја избра третата на ранг листата Тања Милева. Факт е дека судијката од Велес има добри оцени, но факт е и дека е сопруга на Игор Милев, член на Државната изборан комисија од редовите на СДСМ.

Судијата Нанев, во писмена изјав за „360 Степени“, обвинува дека политиката вмешала прсти во изборот, а истиот состав на Судскиот Совет во минатото не го унапредувал со образложение дека не е најдобро рангиран според бодовите.

„Кога претходно барав образложение за причините кога не сум биран во повисок суд, одговорот беше дека според Законот за судови, за судија во повисок суд се бира судија кој е прворангиран со најголем број на бодови, а јас не сум бил прворангиран, но сега кога сум прворангиран важат некои други само за нив познати критериуми. Очигледно, Судскиот совет имал потреба некому да се оддолжи, според тефтерче, или овој пат електронска или друг вид на комуникација како нов напредок во работата.”- вели меѓудругото судијата Лазар Нанев.

Јавниот крик на Нанев не е единствениот по последните унапредувања од Судскиот Совет. Изборот реши да не го премолчи и судијата Бетим Јахја, кој беше најдобро оценет кандидат за претседател на Основниот суд во Тетово. Но, Судскиот совет без објаснување, го прескокна и за прв човек на тетовскиот суд го избра четвртиот на листата - Хасан Асани.

„Не е во прашање дали јас како индивидуален кандидат сум оштетен или не. Најважно е да се потенцира дека во конкретниот случај Судскиот совет на РМ отстапува од законски пропишаните услови и критериуми за избор на претседател на суд ... и притоа не ја образложува одлуката за избор врз основа на кои услови и критериуми е донесена. Објективните критериуми и транспаретноста ... имаат за цел да се заштити независноста и воедно да се зголеми довербата на граѓаните во судството.“- ни одговори меѓудруго судијата Бетим Јахја.

Примерите на судиите Јахја и Нанев не се единствените проблематични при последниот избор на Судскиот совет.

Судијата Зоран Герасимовски е избран во скопска Апелација како деветти на соодветната ранг листа. Опозицијата обвини дека причината за тоа е што е кум на функционер од СДСМ.

Судијата Африм Фидани беше избран за судија во Врховниот суд. Според пишувањата на порталот „Сведок“, неговиот брат е правобранител во Гостивар, предложен од ДУИ.

А има и други.

По кој критериум беа избрани судиите кои беа избрани, не е прашање што си го поставуваат само судиите. Напротив, добро упатени извори со кои разговараше 360 Степени велат дека деновиве е вклучен алармот и кај меѓународната заедница. И тие го поставуваат прашањето - дали во екот на заложбите и работата на реформите за независно судство, некој од извршната власт повторно сака да меша прсти во судството.

Зошто последниот избор крена толку прашина? Унапредувањето на судиите во Македонија се врши според два закона. Одредбите во законот за судски совет предвидуваат повеќе критериуми при унапредувањето, како - стручно знаење, однос кон работата, угледот и друго. Но, во законот за судовите, кој е системски закон и е надреден над Законот за судски совет, е предвидено дека при избор на претседател на суд или при избор во повисок суд се бира судијата кој:

„... е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на другите пријавени лица има добиено најголем број бодови.“ – пишува во Законот за судовите.

Во минатото Судскиот совет правеше дури и вонредни оценувања пред одредени избори за повисоки позиции. Таквите чекори беа толкувани како јасна намера на врвот на ранг листата да исплива посакуваниот кандидат. Бодовите, како единствен критериум ревносно ги бранеа и сегашниот и претходниот претседател на Судскиот совет, под изговор дека само така се гарантира објективност при унапредувањето на судиите.

„Со ова ние денеска за прв пат го имплементиравме законот каде што се избираат за претседатели судии кои во последните две години од страна на Судскиот совет преку АКМИС системот се оценети со највисок број на бодови во однос на нивните противкандидати“ – изјави поранешниот претседател на Судскиот совет Бранко Ушковски на 29.04.2015 г.

„Избрани се кандидати кои во текот на последните две години се оценети со највисоки оценки а воедно имаат и во однос на другите кандидати повисок број на бодови“– изјави поранешниот претседател на Судскиот совет Бранко Ушковски на 26.11.2015 г.

„Основен критериум е добиениот број на бодови, а другите критериуми што се наведени таксативно, меѓутоа не се бодуваат се во законот за судски совет и не можат тие критериуми да се применат при вршењето на избор на судии“.-изјави актуелниот претседател на Судскиот совет, Зоран Караџовски на 07.10.2017 г.

Како критериумите кои досега не можеа да се применат при избор и унапредување наеднаш почнаа да се применуваат?

Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски ја признава отстапката, со објаснување дека:

„Согласно законот за судовите, Судскиот совет не именува, туку избира судии и претседател на судови. Право на секој член е за кој кандидат ќе гласа да биде избран односно за кој кандидат смета дека е подобар од другите кандидати, секако без да го прекрши Уставот на РМ, законот и подзаконските акти.“- одговори меѓудруго претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

Тој тврди дека врз него не е вршен притисок.

„ Се надевам дека истото се однесува и на сите останати членови на ССРМ, иако изборот на одделни кандидати за судии или за претседатели на судови и за мене не беа прифатливи, но го добија потребното мнозинство и изборот беше извршен.“- вели Зоран Караџовски.

Од министерството за правда се оградија од изборот, под образложение дека тие немаат никаква надлежност. И министерот Билен Саљији и заменик-министерот Оливер Ристовски ги отфрлија инсинуациите за какво било влијание во работата на Судскиот совет.

За реакциите и сомнежите по последниот избор се свесни и во Здружението на судиите. Претседателот Џемали Саити сепак не сака да избрзува со заклучок - која е причината што Судскиот совет постапи така како што постапи.

„Јас неколку пати и на поткомитетот и за едно интервју за Гласот на Америка истакнав дека здружението е загрижено, односно јас сум загрижен од евентуалниот клиентелистички пристап на судиите кон Владите, но кога зборувам за судиите се разбира тука се и сите органи кои ги сочинуваат структурата на судската власт. Но оставам можност да некој се преструктуира. Причините би можеле да бидат различни. Не би смееле да донесеме во овој момент суд- кои се причините ако тоа го има, дали се лични причини, дали се евентуални притисоци за кои што јас сметам дека е рано да се зборува, но доколку тоа го има навистина не треба да биде реалност нашите услови“

П: Дали како Здружение ќе побарате или ќе апелирате до судскиот совет прво јасно да разграничи по кои критериуми планира и на следниот и на сите други избори да ги избира и унапредува судиите за да нема простор повторно да се случуваат толкување и впечаток дека политиката се меша во изборот.

„Ова е мој индивидуален апел но веројатно ќе следи и седница на Управен одбор да сепак судскиот совет ги почитува критериумите, условно кажувам да ги почитува, затоа што можеби они имаат објаснување дека ги почитувале, тоа е прашањето на кое јас докрај немам информации. Да ги почитуваат условите се со цел да воспостави рамноправни услови за сите наши колеги кои имаат амбиции и таргет да одат понатаму.“- изјави за 360 Степени претседателот на Здружението на судии и врховен судија, Џемали Саити.

И досегашното решение, унапредувањето на судии да се врши само според бодовите, оставаше простор за манипулација и необјективни влијанија врз изборот. Судијката Антоанета Димовска, која прва од фелата јавно го осуди последниот избор на Судскиот совет, објасни и зошто само бодовите не биле фер натпревар.

„Доколку судијата работи на материја која квантитативно има голем број на предмети секако дека ќе има повеќе бодови... Распоредот во судовите не е направен така што речиси подеднакво сите судии ќе имаат ист обем на работа.“- напиша во своето отоврено писмо до јавноста, судијката Антоанета Димовска.

Овој став е само аргумент плус, Судскиот совет или законодавците да дефинираат јасни и објективни критериуми за унапредување. Додека да се случи тоа, судијата Бетим Јахја вели дека нема да се жали што беше прескокнат иако беше најдобро рангиран кандидат за претседател во тетовскиот суд. Законот, едноставно не нуди таква можност.

„Сметам дека е ирелеватно дали и какви мерки и активности јас како кандидат ќе превземам во заштита на моите права, но релеватно е јавно да се укажува на непочитувањето на законите од страна на Судскиот совет што претставува моја обврска како судија во насока на зачувување и издигнување на независноста на индивидуален и институционален план.“- вели судијата Бетим Јахја.

Но, судијата Лазар Нанев е подготвен не да се жали туку да го тужи Судскиот совет. Го чека само образложение од судскиот совет, овојпат со одговор зошто и како прворангиран не е избран за судија во повисок суд.

„По доставувањето на одлуката ќе биде поведена постапка за судска заштита пред домашните судови, особено што сметам дека одлуката е донесена како реаултат на криминал од омраза и нетрпеливост, а потоа и постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за што веќе имам ангажирано полномошник, кој ќе ги застапува моите права и ќе ја подготви апликацијата.”- вели судијата Лазар Нанев.

Не е исклучено гласот против последниот избор на судскиот совет да го кренат и други судии. Бидејќи, освен што на некои позиции беа избрани кадри кои немаа најголем број бодови, а имаа релации со луѓе блиски до владејачките партии, на други места, од неразибриливи причини, воопшто не беше извршен избор, иако имаше соодветно рангирани кандидати.