Кога греењето убива

Автор: Славица Филиповска | пред 9 месеци | In depth

Во центарот на Скопје, еден од најзагадените градови во Европа, десетина семејства преживуваат во импровизирани бараки. Студениот декември ги натера да ги разгорат и ќумбињата.

„Од рушовини, од народ што ми дава, носам дрва си горам, што да правам.“, ни раскажа Кезибан Дибран, средовечна жена која со семејството живеат буквално во парк.

Знаете дека загадува?

„Знаеме. Ние не сакаме да загадуваме, ама мора да се топлиш, ладно е. Сакам да дојдат да мислат за нас, да ни помогнат,  и јас не сакам ваков живот да живеам, ама  морам да го живеам бидејќи немам каде да одам.“, додава таа.

Сиромаштијата е заедничко и за останатите жители на оваа населба. Се греат на што ќе стигнат, а меѓу нив има и повозрасни и деца со астма. И не се единствени. Напротив.

Истражувањето на УНДП покажа дека речиси половина од домаќинствата во Скопје се загреваат со огревно дрво. Водечка меѓу општините е Чучер Сандево во која дури 98 отсто се греат на дрва, а по неа е Сарај со 94 отсто. Најмалку на дрва се греат општините Центар и Аеродром. Годишно во Скопје се горат дрва во количина еднаква на целата шума на Водно, што е учество со една третина во вкупното загадување на воздухот.

Во потрага по загадувачите, тргнавме низ скопските градски и приградски населби. Оџаците се активни речиси секаде. Насекаде можат да се видат и огласи за продажба на јаглен, како евтин енергенс. Достапен е на повеќе складишта низ градот. Но, јагленот и не е најголемиот проблем. Сомнежите се дека некои објекти се загреваат со уште поопасни материи.

„Знаете има дрвна маса која што е користена во индустриски објекти или за друга намена, каде што дрвото е заштитено со различни отровни супстанци, токсични супстанци, и тие не смеат да се горат, тие се забранети, меѓутоа луѓето ако се тие отпад, го собираат и го горат. Секако, не смее да се гори и отпадни масла, затоа што тоа е и за самите луѓе, во самите домови е штетно. Не само што предизвикуваат општо загадување на воздухот генерално, туку и во домаќинствата, горење на такви супстанци, посебно пластика на пример е емисија на многу токсични супстанци. Тие се испарливи, не се опипливи и ги внесувате во организмот и ако тоа континуирано сте изложени вие, цела зима, па уште неколку зими, тоа веќе се акумулира во организмот и предизвикува нарушување на здравјето.“, вели универзитетскиот професор по хемија Тајче Стафилов.

Но, системот за контрола и казнување на оние што користат опасни супстанци е многу инертен. Во Кривичниот законик, во членот 230 се вели дека тој што ќе складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот во мера што може да ги влоши условите за живот на луѓето или животните или растенијата... ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Но, општинските инспектори, во чија надлежност се помалите загадувачи, не дејствуваат самоиницијативно, зашто тврдат дека немаат правна основа за тоа туку само по пријави од граѓани. Но, и во таков случај, без судско одобрение, ниту инспекторите ниту МВР може да влезат во нечиј приватен дом за да проверат на што се загрева.

За некој да биде казнет, треба да се изоди цела судска процедура во која ќе се докаже дека со непрописното греење загрозил нечие здравје. А, тоа е долга и скапа постапка. Најавите, пак, за воведување можност за казни од општинските инспектори беа критикувани како уште едно посегање по џебот на оние што и онака едвај преживуваат.

Според професорот Стафилов, од сите енергенси кои се уште регуларно се продаваат, јагленот го држи приматот на најголем загадувач заедно со дрвото.

„Дефинитивно е утврдено дека согорувањето на овие горива за загревање, предизвикува емисија на штетни супстанци и тоа не само цврсти честички, помали од 10 или 2,5 микрометри туку и на други штетни супстанции и ако таквите концентрации се континуирани 24 часа, како што имаме случај, тогаш во организмот внесуваме релативно големи количества.“, вели Стафилов.

Токму микрометарските димензии на ПМ честичките овозможуваат тие лесно да се внесат во белите дробови и желудникот, а потоа преку крвта да завршат во органите.

Зошто луѓето избираат да се греат на дрва и на уште поштетни супстанции, кажуваат цените.

Најскапиот јаглен на пазарот е со цена од  15 000 денари за еден тон.

Еден тон камен јаглен заменува 7 кубика огревно дрво, за кои би платиле околу 23 000 денари.  Што значи осум илјади денари поскапо од јагленот.

Еден тон дрвени брикети чини околу 13 илјади денари, а пелетите најмалку 12. 000 денари, но тие подолго ја задржуваат топлината, па затоа се сметаат за помало „зло“. Сепак, споредбата на пелетите и брикети со цената на дрвото е тешка зашто ги има во различни варијанти, кои различно согоруваат. Но во секој случај, сите овие енергенси се поевтини од греење на струја и парно. Тогаш каде би бил излезот?

„Сончеви колектори, топлински пумпи, изолација на домови. Еве ги трите елемента според мене, што би биле победничка варијанта. Паралелно да се овозможи на Топлификација да се шири, да се види што може некако да се помогне и општините заедно со Град Скопје на некој начин од оној комунален придонес што го добиваат да вложат пари во изградба на дистрибутивните гасификациски системи.“, вели Костадин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Макеоднија (МАЦЕФ).

Брза гасификјација на Скопје е истотака дел од формулата за намалување на аерозагадувањето.

„Каде што има такви објекти индивидуални, кај што нема Топлификација, а имаат индивидуални котли за централно греење на својата куќа, а трошат течно гориво. Гасот да дојде таму, ќе се намали драматично загадувањето, а плус тој ќе биде значително поевтин од течното гориво кое го користат. Такви ви се Црниче, Пржино, Радишани, имате неколку. Ако се тргне веднаш со тоа, за година дена јас не сум убеден дека може се да се направи со нашиот ритам на работа но, ако се почне ќе се направи. Треба да се почне.“, предлага Димитров.

Но, како сиромашни семејства, кои се откажале од системот на парно греење, ќе се мотивираат повторно да се приклучат? И како државата да наметне стандард на греење во индивидуалните домаќинства?

Најавена е измена во регулативата за градење, со што секој инвеститор ќе мора да приложи и проект за начинот за затоплување. Ќе се стимулираат и нови типови греење, но јагленот ќе се забрани за користење дури во 2021 година.

Членови на невладината „Еко Свест“, кои се дел од државната интерресорска група, велат дека иако мерките се уште не се видливи во праксата, сепак пристапот на власта е поконстуктивен од порано. Апелираат конечно да се формира Фонд за енергетска ефикасност, преку кој граѓаните би можеле да земат бескаматен или нискокаматен кредит за да набават ефикасен систем за греење.

„Практично граѓаните би требало со добивката која што ја имаат од заштедата да можат да си го враќаат тој безкаматен или нискокаматен кредит на одреден период. Фондот за енергетска ефикасност е нешто што е во дискусија веќе многу долго време, уште во донесувањето на Стратегијата за енергетика во 2010, меѓутоа за жал досега еве речиси осум години, се уште не е остварен на терен.“, предлага Невена  Смилевска од „Еко свест“.

И додека власта размислува каква законска рамка е најпогодна, ќе помине уште една сезона без повидливи зафати. Од министерството за животна средина најавија дека проблемот делумно ќе го бајпасираат со набавка на прочистувачи за воздух во градинките и други установи. Новиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, најави интензивна гасификација на градот од следната година. Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ најави и седуметарска кула за прочистување на воздухот во неговата општина, но и таа ќе се гради во 2019.

Во меѓувреме, притисокот на јавноста за итни мерки не попушта. Низ смогот во скопско осамнаа и портретите на македонски револуционери со пораки за чист воздух.

„Jасно е дека бара големи средства, меѓутоа негативните мерки од нарушувањето на здравјето истотака се големи.“, вели Стафилов.

„Очекуваме годинава законската рамка да биде целосно поставена за да можеме да ги видиме резултатите што е можно поскоро.“, додава Смилевска.