Специјален адвокат за Специјалното обвинителство

Автор: Петар Клинчарски | пред 9 месеци | In depth

Помина година и половина од денот кога Катица Јанева даде заклетва и стана првиот македонски специјален обвинител. Битката за правна разрешница на сомнежите од прислушувањата, не ја доведе земјата и до специјален суд или специјално судско одделение. Но, со специјална обвинителка, Македонија се чини за прв пат доби и специјален адвокат. Неформалната титула е на Никола Додевски бидејќи тој е на чело на одбраната во буквално сите предмети кои ги отвори Катица Јанева.

Како е можно поранешен премиер, министри, бизнисмени, разузнавачи, градоначалници, службеници - сите да изберат еден ист адвокат? Дали меѓу сите осомничени од СЈО има силни врски, па некој моќен пресекол во име на сите - кој ќе ги брани? Ова се само дел од дилемите, за чие разјаснување не помогнаа ниту од ВМРО/ДПМНЕ ниту лично Додевски. Двете страни на одговорија на нашите прашања и покани.

Ни самите, не најдовме договор меѓу нив. Но, во потрагата, откривме дека двете страни имаат долга и плодна соработка. Никола Додевски го брани лидерот на ВМРО ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски уште од 2013-тата. Но, Никола Додевски брани или советува и државни компании во минатава деценија и тоа токму во институции на чие чело седеле кадри од ВМРО - ДПМНЕ.

ЕЛЕМ, Град Скопје, Тутунскиот комбинат во Прилеп се само дел од списокот клиенти. Вкупната вредност на ангажманите е во стотици илјади евра. Најстариот склучен договор што го најдовме потекнува од датум, неколку месеци по промента на власта во 2006-тата и тоа во ревизорски извештај за најголемиоот откупник на тутун во земјава.

- Трошоците за адвокатски услуги и за извршители се енормно големи. Имено, во 2007 година изнесуваат 6.322.837 денари, а во 2006 година биле 3.052.627 денари. Адвокатски услуги се користени главно од адвокатската канцеларија од Скопје – Адвокат Никола Додевски, се вели во извештајот на ревизорското друштво „Пелагонскиска ревизорска куќа - Прилеп“ за 2007 година.   

Како што се редат новите истраги на СЈО, Додевски добива нови клиенти, кои се поврзани со еден ист центар. Сите за еден, еден за сите – адвокат.

Сите луѓе  кои се групираат кај еден адвокат покажуваат веројатно некаква поврзаност јас верувам дека СЈО од тука ќе го влече терминот за злострорничко здружување зошто сите тие би се врзувале за еден адвокат ако немаат ништо за себе. Ова покажува дека партиајта или групата работела заедно,  сега за некој да не прозбори и да се издаде од групата ќе биде еден адвокат кој ќже може да ги контролира доказите, вели новинарот Саше Димоски.  

Феноменот, еден ист адвокат да брани функционери од одредена партија и бизнисмени кои важат за блиски до нив не се јавува за прв пат. До скоро, слична перцепција но кај опозицијата имаше за Мирослав Вуиќ. Тој е полн со разбирање за ангажманите на Додевски дури и ако се земе во предвид фактот дека тој е Претседател на адвокатската комора.

„Ајде да се потсетиме во 2011 кога бев адвокат на Велија Рамковски исите вработени во А1 ТВ. Исто беше, не е ништо чудно или невознможно за да отвори сомнеж за било што. Тоа е одлука на сите осомничени или обвинети да си изберат свој адвокат, тоа е законско право на секој од нас што го има. Наметување на одбрана, давање адвокати по службена должност би било прекршување на одредени права“, вели Мирослав Вуиќ – адвокат.

Адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска, која е и советник на Катица Јанева смета дека заклучокот од ваквата ситуација - еден адвокат за сите осомничени треба да го извлече јавноста. Објаснува дека во светски рамки, има такви примери, но секогаш се дискутирало за нивната позадина. Концептот за одбрана на сите е сведен на клучниот збор – довербата која им ја пружа адвокатот.

- Нема ништо спротивно на законот на правото, но има поимовно перцепирање на тоа што претставува Додевски. За мене Додевски претставува алката што недостасуваше да ги поврзе еден сопственик на медиум и еден премиер. Досега имавме еден минат период во кој сите тврдеа дека медиумите се независни и немаме ништо и со тоа. Бизнис заедницата е независна немаме ништо со тоа, зборувам за функционерите. Сега имате обвиненија, имате едно лице кое ги брани и тоа за мене е алката која ги поврзува. Поимовно не можеме да се тргнеме од перцепцијата е дека е тој е алката што ги поврзува, објаснува Јошевска.

Што кажува ангажманот на Додевски со сите случаи на СЈО, секако е  дилема што ќе продолжи да поставува дилеми. Но, што сето тоа ќе значи и во судница? Новинарот Саше Димовски, кој е долгогодшен судски известувач, вели дека одговорот веќе се наѕира.  

- Ако го погледнеме бројот на случаи кои сега ги застапува Никола Додевски, чиј број постојано се зголемува засега има 100 клиенти. Тој број веројатно ќе се зголемува и човекот ќе мора да има зад себе милион соработници за да може да го покрие ова. Јас се сомневам дека станува збор за стратегија која е направена во рамки на партијата тој да ги застапува сите луѓе од единствена причина да не може да почнат судењата бидејќи во ваква ситуација кога имаме голем број обвинети, тој ќе биде секојдневно во судница не за еден, туку за  многу предмети и обично предметите се одлагаат поради обврските на адвокатите. Тој бидејќи сака да биде во сите предмети, не ќе може во кој било предмет кога судот да го закаже да почне, бидејќи тоа ќе биде судења кои ќе се судат со денови, а ниту еден нема да заврши со едно или две рочишта, вели тој.

Специјалниот адвокат, барем засега, има специјален биланс со предметите на специјалното обвинителство. Просекот му го расипува единствено бегалецот Сеад Кочан.