Кнаус: Македонија да стави ново име во Уставот кое ќе стане ерга омнес на денот кога ќе влезе во ЕУ

Автор: Владимир Мирчески | пред 7 дена | In depth

Прашањето за името ќе биде во фокусот на интересот на јавноста во следните месеци поради нараснатиот оптимизам дека може наскоро да се затвори. Ова е една од причините, поради која спорот беше тема на академско-дипломатска дебата на престижниот британски универзитет Оксфорд. 

Погледнете го разговорот со еден од учесниците – првиот човек на влијателната невладина Европска иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус.

- За овој предлог во изминатите денови дискутирав и во Атина и во Берлин и во Скопје - а тоа е идејата дека во преговорите е многу важно да се има механизам врз основа на кој довербата ќе се гради полека. Начинот тоа да се постигне е да се имаат многу фокусирани дискусии кои пред се ќе се насочат на името на земјата, при што е јасно дека компромисот ќе мора да вклучи некакви географиски одредници, а вистинското прашање е употребата на тоа ново име и затооа предлагаме етапен процес во кој во првата фаза Македонија би прифатила да стави ново име во Уставот, кое би се користело само онаму каде сега се користи ПЈР Македонија. Тоа значи, сега во Уставот да се вметне дека на денот кога Македонија ќе се зачлени во ЕУ, тоа ново име би се употребувало erga omnes како ново меѓународно име на земјата. На тој начин ќе се избегнат сите крупни отстапки на стартот кога нема доверба и кога тоа е многу потешко и истовремено ќе се создаде интерес кај Атина Македонија еден ден да стане членка на ЕУ - вели Кнаус.

Тој проценува дека клучниот проблем и за двете страни ќе биде да ја добијат поддршката за компромис во своите земји, како и дека референдум во Македонија сега ќе предизвика ист таков во Грција и можност за истакнување на националистите и загревање на атмосферата.