Зошто Владата е пасивна по ветувањата за стопирање на изградбата на рудници на југоистокот?

Автор: Петар Клинчарски | пред една недела | In depth

Вака во април годинава изгледаше ридот под селото Казаднол во валандовско. Шест месеци подоцна, на истото место, има две нови езера, едното работно, другото акумулационо. Фирмата „Сардич“ напредува со изградбата на рудникот за злато, сребро и бакар. И покрај противењето на дел од локалното население и јасните пораки на премиерот Зоран Заев пред локалните избори.

Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки, да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент дека ќе престане изградбата на рудниците, заради тоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и на идните генерации – изјави Заев во предизборието.

Развојот на настаните околу рудникот во валандовско внимателно го следат невладините организации кои го канализираа граѓанскиот револт. Трпението им е при крај.

- Доколку не се спроведат никакви мерки од стана на институциите и Владата ние продолжуваме со блокади и протести се до расчистување на нашето прашање, а тоа итното запирање на рударскиот комплекс Казандол. Тоа беше ветување од Владата и премиерот и ние стоиме зад неговиот збор и ние веруваме дека ќе го исполни. Доколку не се случи тоа, спремни сме со сите граѓански инструменти да се бориме мерки да се бориме против отворање на рударскиот комплекс Казандол, исто и институционалните мерки кои се во тек – вели Кристијан Петков од иницијативата „Спас за Валандово“.

А што прават властите? На локално ниво, општината сега ја води кадар од СДСМ. Градоначалникот Перо Костадинов, кој победи благодарејќи и на ставот против рудникот, вели дека веднаш по преземањето на функцијата почнал да ја анализира обемната документација. Костадинов тврди дека има индиции за прекршување на постапката водена во општината, но не кажува што конкретно значи тоа.

- Мислам дека многу бргу ќе има конкретни чекори бидејќи се работи за процес кој е во поодмината фаза и е нетранспарентно воден. Според мене, во моментот се истражува и се проверува целата постапка и при вакви договори кои се склучени веќе и претставуваат факт државата мора да преиспита се, и не може да се однесува... бидејќи тука може да настанат импликации во однос на економија , оштетување, порака која се испраќа и кон јавноста и кон меѓународниот фактор и инвеститори. Околу тоа се процесираат сега работите – објаснува градоначалникот Костадинов.

Видливи активности за запирање на изградбата на рудникот нема ниту на централно ниво. Напротив, премиерот Заев се чини дека е попретпазлив. За разлика од цврстиот став во предизборието дека рудниците ќе се запрат, во неодамнешен јавен настап остави простор и да останат - ако исполнат услови.

- Во правна процедура во сите постапки ние ќе постапиме согласно нашите ставови за кои транспарентно зборуваме. Но, апсолутно лачење со цијанид изведба на рудници без еколошки оформен процес не само на документ, граѓаните да му веруваат дека тоа ќе се случи, ние нема да дозволиме употреба на ваквите рудници, рече Заев пред дваесетина дена.

360 Степени побара дополнително објаснување од Владата - што се случува на тема рудници. Одговорот не нуди детално објаснување, но ја појаснува резервираноста на Заев.

- Доколу еднострано се затворат рудниците, ќе треба како држава да платиме над 70 милиони евра отштета. Очекуваме да се најде решение како да се извлечеме од ситуацијата во интерес на здравјето на граѓаните. Владата укажува дека мора да постои јасна и сериозна еколошка рамка која ќе ги заштити сите граѓани. Сметаме дека дел од договорите склучени од претходната влада содржат штетни решенија водејќи се од желба за поголем профит при преработката на рудата. Владата нема да дозволи таков развој на настаните и во моментот работи на соодветно решение, пишува во одговорот на Владата.

Со други зборови, владата ја чешла секоја запирка од договорот кој во 2015-тата во име на државата го склучил тогашниот министер за економија Беким Незири. До тој документ дошле и валандовските екологисти, преку законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Одредбите во договорот ги анализира и правен тим на зелената партија ДОМ. Претседателката Лилјана Поповска тврди дека договорот е направен на штета на државата, а неоправдано го штити инвеститорот. Дополнително, вели дека веќе имаат докази дека инвеститорот не се придружува до договоренето.

- Пишува дека во рок од 2 години треба да биде изградена постројката од катоден бакар, таа не е направена и треба да почне со 50 проценти производство и веќе еден услов за раскинување на договорот е постигнат. Проблематично е и како овој инвеститорот ги обезбедил и досега разноразни дозволи и потврди и воопшто дозвола за концесија, бидејќи ред процеси кои треба да следат претходно не се спроведени. Сега е работа на правна битка. Ги имаме аргументите на нашата страна, за да не дозволиме тој рудник или тој планиран рудник да почне, вели Поповска.

За разлика од Поповска, менаџментот на Сардич вели дека ги почитуваат сите одредби и од договорот и од законите. Од компанијата, која во земјава се води како украинско-британска инвестиција, не ни помислуваат да се повлечат од бизнисот.

- Силно веруваме дека нашата намера за инвестирање, отворање нови работни места и локален економски развој на регионот се препознати од премиерот Зоран Заев и членовите на Владата, кои во повеќе наврати потенцираат дека владеењето на правото, почитување на стандардите за животна средина и подобрување на економскиот развој се основни приоритети во работата на Владата. Убедени сме дека заедно со Владата како наш партнер и надлежните министерства, овој проект ќе се реализира како општо добро за државата, општините и граѓаните, ни одговорија од компанијата.

Расплетот околу Казандол внимателно го следат и во други места на југоистокот на Македонија. Локалитетите кај Плавица и Црв врв во Пробиштип и Кратово, рудникот „Иловица“ кај Ново село, продолжената концесија на Саса во Македонска каменица, геолошките истражувања кај Гевгелија, се само дел од новите концесии. Локалните референдуми ја сензибилизираа јавноста, но не ги стопираа процесите. Се чека потег од Владата.