Опремата од жолтите комбиња за кои зборуваше Груевски ја набавило МВР во 2012 од Британија

Автор: Александар Димитриевски | пред една недела | In depth

Британските власти во 2012-тата година аминувале продажба на 6 подвижни уреди за следење и прислушување за потребите на македонското МВР. Информацијата ја објави британскиот магазин “Computer Weekly”, критикувајќи ги тамошните власти за прашањето - зошто дозволиле извоз на таква опрема во држава со сомнителен демократски капацитет.

Но, еден од поинтересните делови на истражувачката приказна е за начинот на кој функционира опремата. Станува збор за т.н. „фаќачи или пресретнувачи на идентитетот на мобилниот телефон“.

„Во пракса, уредот има опсег во радиус од 1,5 до 2 км. и глуми базна станица на мобилен оператор. Кога корисникот на телефонот кој е цел на следењето ќе се обиде да оствари повик или да прати смс порака, „пресретнувачот“ се поставува како мост меѓу телефонот и вистинската базна станица. Корисникот на телефонот и операторот на вистинската базна станица не забележуваат ништо. Но „фаќачот“ може да ги снима и слуша разговорите и смс-пораките од таргетираниот телефонски уред.“

Во прилог на новинарското истражување е и каталогот на опремата. Уредот може да се носи во актовка, во ранец па дури и на телото на оперативецот кој го врши следењето. За поголема ефикасност, поради потребата од посилно напојување со електрична енергија, се нуди и камуфлирана изведба во џип или во комбе.

Токму за прислушување со ваква опрема говореше Никола Груевски во февруари 2015-тата. Но тој тогаш обвини дека со опремата оперирале непознати професионалци за потребите на странски служби, а дека МВР се обидувало да ги открие.

„Повремено, на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушување и снимање на телефонски разговори користејќи мобилна опрема чијашто локација постојано се менува а која функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици. Се правела промена на местоположбата а во радиус од околу 2 километри на институциите, главно во Центар, од каде се лоцирале токму и телефоните на државниот врв и носителите на јавни функции. МВР за ова има и писмен извештај за наодите кои произлегоа од нивната работа. Но досега не успеа да ги лоцира сторителите, заради што истрагата околу ова сеуште не е завршена. “ - изјави на 25.02.2015 тогашниот премиер Никола Груевски.

Не помалку е интересен фактот што продавач е „Гама Груп“, истата британска компанија од која УБК купуваше и друга опрема за следење, но со посредство на македонската фирма „Финзи“. „Финзи“ пак е фирмата чиј последен директор беше Коста Крпач, скопјанецот кој си го одзеде животот кога СЈО почна да ги чешла набавките на УБК преку оваа фирма. Денес овој предмет го носи името „Трезор“ и е веќе пред суд, а меѓу обвинетите е и екс директорот на УБК Сашо Мијалков.

Според обвинението и јавно објавените информации, преку „Финзи“ е набавен софтвер за следење компјутери, но било опремено и едно комбе со мобилен уред за следење. Упатени извор од СЈО велат дека не би можеле да знаат ништо за други слични или идентични уреди ако директно се набавени од МВР, бидејќи нивното обвинение се однесува само на набавките кои поминале преку „Финзи“.

Дали МВР без посредник ги набавил шесте мобилни уреди за следење за кои добил дозвола да ги увезе? Дали се платени, дали се користат и за што? Ова се само дел од прашањата кои 360 степени ги упати до ресорот кој го води Оливер Спасовски. Министерството покажа интерес да одговори на прашањата, но на крај побараа повеќе време.

Употребата на вакви уреди без соодветна контрола, велат од Хелсиншкиот комитет, може повторно да го загрози правото на граѓаните во Македонија. Извршната директорка на организацијата, Уранија Пировска, која и самата беше жртва на прислушувањето, ги повикува властите да го расчистат случајот.

„Јас би апелирала до МВР, ако ја поседува таа опрема, тогаш да биде транспарентна и отчетна. Секако, не со издавање на класифицирани материјали од следење за потребите на одредени постапки, но може да се најде начин како да се информира јавноста за какви постапки биле употребувани уредите ако се во сопственост и во владение на МВР. И зошто да не се дадат, на пример, податоци за тоа колку барања имало да речеме од јавно обвинителство по коишто е постапено и имало потреба да биде употребена таа опрема.“ - вели Уранија Пировска- Хелсиншки комитет за човекови права на РМ

Потребата од јавност во случајот, според Пировска, е уште поголема, ако опремата не завршила во МВР.

„И јас сакам да потенцирам дека бевме сведоци дека физички лица располагаа со снимен односно прислушуван материјал. Исто така, до нас стигнуваа информации дека МВР не е единствениот субјект кој што го врши следењето на комуникациите. Јас тука би препорачала МВР, доколку не се наоѓа опремата кај нив, да спроведе една постудиозна истрага за тоа каде се наоѓа таа опрема. Бидејќи повторно можеме да се најдеме во ситуација некој неовластено да следи комуникации потоа повторно да ги пушта во етерот, во согласност со неговите интереси.“ – додава Пировска.

Со што е оправдан извозот на опремата во период кога Европската комисија веќе имаше критики за фактот што практично никој немаше контрола над УБК, прашавме во Британската амбасада. Дипломатската мисија вети одговор, но побара повеќе време поради потребата од координација со надлежните институции во Лондон. Во периодот кога е издадена согласноста, британски амбасадор во Скопје е Кристофер Ивон.