Дали и што може да се смени во процедурите за извршителите од кои многумина се чувствуваат ограбени

Автор: Зоран Јованоски | пред една недела | In depth

„Среќни се оние кои немале потреба и не влегоа во пеколниот круг на извршувањата во последниве 6-7 години. Значи 100 извршители и 100 нотари нека се. На вкупно 200 луѓе законот им даде право да уништат половина милион народ.“

Вака Татјана Гоговска ја започна приказната за својот „пеколен“ круг на извршувањето во кој влегла поради неплатена сметка за телефон, долг за кој вели дека не знаела дека постои.

Во 2011 година се префрлила на нов оператор откако ги подмирила сите сметки кон стариот. Но, две години подоцна, и стигнало решение од извршител во кое стои дека се уште има долг кон стариот оператор од 1900 денари и плус трошоци од околу 10 000 денари или пет пати повеќе од долгот.

„Јас ги прашав зошто мене ниту еднаш не ми пративте сметка, ниту еднаш не ми пративте опомена, како на ваш потрошувач? Рекоа не знаеме, одете да видите кај извршителот. Отидов кај извршителот, тој ми го даде предметот и видов кој е нотар. Извршителот рече дека ништо не знае и дека не е виновен, нели извршителите никогаш не се виновни. А во сумите: за адвокат над 3000 денари, за нотар 3000 денари, за извршител уште 4000 денари, за манитулативни трошоци уште некоја илјада и се собрал енормен долг за џабе“, раскажува Гоговска.

Кај нотарот биле и двете известувања за кои Татјана тврди дека никогаш не ги примила.  На едното писмо било напишано дека нема никого дома, а на другото дека лицето не сака да го прими известувањето. По кругот што го свртела жалејќи се, решила да плати дел од долгот, со што ја одложила, но не ja запрела постапката. Во 2015-та година и стигнало решение за извршување со попис на покуќнина. И покрај тоа што платила дел од трошоците, долгот од 1900 денари сега пораснал на речиси 12000 денари.

„Јас им се јавив и им реков дека немам пари да им платам, не сум ниту во можност и дека сметам дека ова е навистина законски отворен грабеж. Штом сакате да ми дојдете до дома, дојтете, направете попис на предмети, земете во вредност од 200 евра што и да земете и одете си. Но, до денеска не дојдоа. Меѓутоа тој предмет така стои отворен“, вели таа.

Процедурата што ја поминала Татјана ја поминуваат илјадници други. Постои заостаната неплатена сметка. Субјектот кому му должат ангажира адвокат. Адвокатот се обраќа до нотар. Нотарот праќа нотарски платен налог до должникот. Должникот треба да плати за 8 дена. Ако не плати или не се јави на нотар, предметот оди на извршител. Извршителот праќа нов допис до должникот со рок - да плати за 3 дена. Ако должникот не плати или не се јави кај извршителот, следи блокирање на сметката, а во некои случаи и одземање на имот во вредноста на неплатената сметка, но и трошоците за сите вклучени во постапката.

Гоговска денеска не знае до колку стотици евра и стигнале сите трошоци кои треба да ги плати, за она што било неплатена сметка од 30-тина евра која никогаш не ја добила. Последниве две години таа е редовна активистка во граѓанските организации обединети во иницијативата „Стоп за извршителите“. Имаат четири клучни барања: мораториум на извршувањата врз граѓаните, ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, утврдување на реален и нереален долг и враќање на работата на извршителите во судовите.

„Бараме ревизија на работата на извршителите бидејќи се работи за процеси во кои тие извршувале кршејќи го законот. На пример, земани се цели плати и цели пензии што е спротивно на законот. Тие можат да земат една третина од платата или приходот, а не цели пензии и тоа во континуитет, на пример по три, четири, пет месеци. Со тоа го оставаат граѓанинот во ситуација да нема од што да преживее. Потоа имаме ситуации во кои се извршувало врз луѓе кои примаат социјална помош или надохнада од Завод за вработување. Тоа се минимални суми од две, три, четири илјади денари, а тие луѓе се блокирани, па потоа извршителот се вадел дека не знаел дека се на социјална помош. Зачи се работи за еден лихварски систем во кој на луѓето им се наплатува нереален долг“, изјави Ана Глигорова од здружението „Но пасаран“.

„Ние бараме суштинска промена на овој закон. Имаме и екстремни барања, ние сме свесни. Во разговор со извршителите слушнавме дека биле многу оптоварени и имале многу обврски. Еве јавно им порачувам, нема што да се малтретираат, нека се вратат во суд, нека работат за плата како извршно судско одделение, па нека наплатуваат како што доаѓа, а не вака - самоволие. Замислете еден граѓанин кога ќе појде кај извршител, тие се однесуваат како да се Господ, а граѓанинот го третираат како најголем криминалец. Имаат блиндирани врати и обезбедување. Ако повишиш тон веднаш ти викаат обезбедување“, изјави Марјан Ристевски - претседател на Конфедерација на синдикални организации на Македонија.

На ова извршителите велат дека „извршителската е многу тешка дејност, а извршителот секој ден трпи навреди во канцелариите и не се само тој, туку и неговите вработени.“

За претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, барањата на граѓанските организации се нереални, вклучувајќи го и враќањето на извршувањето по старо - во суд.

„Законот за извршување во 2005 година беше донесен поради тоа што процентот на реализирани извршни предмети беше само 4 посто. Во првите години од извршувањето се зголеми на 48 проценти. Не може никој да бара мораториум на долговите затоа што тие побарувања припаѓаат на одредени субјекти за кои тие имаат извршна исправа“, смета Димов.

Барања имаат и извршителите. Едно од нив е да се спречат непријатните ситуации, токму кога се во прашање социјалните случаи.

„Пред секое извршување врз физичко лице да ни се отвори регистарот на Министерството за труд и социјална политика каде ќе се информираме дека некое физичко лице е веќе социјален случај и корисник на социјална помош. Откако ќе го утврдиме тоа, тоа лице ќе го ставиме надвор од системот на извршување до промена на статусот“, бара Димов.

Друго клучно барање на Комората на извршители е да се укине вонсудската наплата. Тоа е механизам кој почна да се применува од почетокот на годинава единствено за наплата на заостанати комунални сметки. Но, извршителите се жалат дека драстично им се намалил бројот на предмети. Сега ретко кој од доверителите - јавни комунални претпријатија, ЕВН, телефонските оператори - си ги бара парите преку извршител, поради тоа што треба однапред да ги авансира трошоците за извршување и да чека нивно компензирање од должникот. Но, тоа во пракса не функционира.

Укинувањето на вонсудската наплата е една од измените во Законот за извршување подготвени во министерството за правда. Нацрт-решението е се уште во фаза на консултација со јавноста. Со него, меѓу другото, се отвора и можност да не се ангажираат адвокати во секој предмет, што би требало да ги намали вкупните трошоци за извршување. Незадоволен граѓанин ќе може да иницира вонредна контрола кај извшител. Но, главните столбови остануваат по старо, што значи - нема мораториум на извршните решенија ниту, пак, враќање на извршителите во судовите.

Според професорката Емине Зендели целта на извршувањето не е да им се земат парите на граѓаните кои не можат да платат, туку на оние кои не сакаат да плата. Тоа, вели, најчесто се големите доверители, а не обичните граѓани.

„Мислам дека треба да се направат чекори во насока на подобрување на функционирањето на постапката во смисла на тоа да се одреди категорија на приходи кои не треба да се вклучат во извршувањето, како што е минималната плата. Знаете дека минималната плата кај нас е 12 илјади денари. Можеби одреден процент од оваа сума да не се вклучи во извршување. Мислам дека сепак законодавецот треба да одлучи во оваа насока, да не се оштетуваат лицата кои не можат да плаќаат“, порачува Зендели.  

Во очекување на конечното законско решение, главниот аргумент на извршителите но и на доверителите е дека долговите, кога - тогаш, мора да се платат.

„Погрешно се фрла вината кон нас затоа што ние само го извршуваме тоа што некој го напишал во некоја извршна исправа“, вели извршителот Димов.

Но ако суштествено не се смени начинот на извршување нема да прекине притисокот на граѓанските организации.

„Еве Владата прави напори, зголемува минимална плата, донесе надомест за стечајците, го реши тоа прашање, но знаете кој се радува најмногу на ваквите покачувања? Извршителите“, вели синдикалецот Ристевски.

„Ние остануваме на нашите четири главни барања. Ќе собираме потписи и во наредните минимум месец дена. Нашите барања се најблиску до тоа што народот го бара“, смета Ана Глигорова од здружението „Но пасаран“.

Потсетувајќи се на „пеколниот“ круг на извршувањето од кој вели дека тешко се излегува, Татјана Гоговска порачува дека граѓаните „мора конечно да се ослободат од чувството на немоќ, на инфериорност, на тага и на сиромаштија“.