Селмани: ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса да ги поддржи реформите за ЕУ и НАТО и да се рехабилитира

пред една недела | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, Имер Селмани, поранешен министер, пратеник и градоначалник, зборуваше за најавата за оставка од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и избор на негов наследник.

- Мислам дека тоа ќе биде една полудемократска трка, нема да биде чисто демократска сигурно. Нема да може Груевски сам да го форсира и да го наметне кандидатот затоа што веќе не е таа позиција на Груевски којашто беше пред 3 или 4 години. Да беше тогаш, имаше таква моќ Груевски, меѓутоа сега не. Времињата се променија - рече Селмани.

Запрашан за шпекулациите дека Христијан Мицковски би можел да го замени Груевски, Селмани вели дека има двајца-тројца кои би можеле добро да се понесат со лидерската позиција, како и дека Мицковски е еден од нив.

- Што поскоро тоа го направат, по можност до Нова година, ќе си помогнат и на себе и на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса да не чека премногу за да се рехабилитира. Таа може многу брзо да се рехабилитира со едно ново раководство и нов лидер, коишто не се во списокот на СЈО за гонење на криминалот од прислушкуваните разговори, не се во листата на ментори и организатори на случувањата од 27 април, и луѓе коишто сигурно ќе мора да ја имаат поддршката внатре во структурата. Мицковски е еден од нив, исто и Никола Попоски, е еден од тие што може да ја понесе таа одговорност - рече Селмани.

Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја искористи шансата и да ги поддржи реформите и решението на проблемот со името за влез во НАТО и започнување преговори со ЕУ.

- Ако почне како што сакаат тврдокорните, или екстремно десните, таа политика сигурно ќе ги остави само со 2-3 општини и на наредните локални избори, или со еден грст пратеници на наредните парламентарни избори - рече Селмани.