Клековски: И по 2002 се апсеа функцонери на ВМРО-ДПМНЕ па партијата се врати

пред една недела | Дебати

Во дебата на „360 Степени“, аналитичарот Сашо Клековски, зборуваше за најавата за оставка од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој оцени дека оставката е завршена работа и не треба да се чита меѓу редови најавата дека Груевски ќе ја поднесе пред органите на партијата.

- Мислам дека ќе биде лошо за ВМРО-ДПМНЕ ако во овој момент не продискутира за како понатаму. Дел од незадоволството не е само затоа што партијата избра конфронтирачки курс во овие настани во изминатите две години. Дел од незадоволството е дека ВМРО-ДПМНЕ не зазеде поцврст конфронтирачки курс во сите овие настани. Проблемот со политиката овие две години во одењето цик-цак е дека се разочарани и умерените членови кои госудуваат 27 април, но и поекстремните членови кои викаат дека требало да се оди до крај со оваа борба против хунатата - рече Клековски.

Тој оцени дека одлука за бојкот на Собранието, советите на општините и сите други институции ќе биде погрешен чекор поради тоа што државата е пред важни одлуки за евроатланските интеграции и дека ВМРО-ДПМНЕ мора да најде начин како да учествува.

- При промената на власта во 2002 година, над 130 видни функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа уапсени, како Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски и низа други. Не е прв пат нас да ни се случува после промена на власта да имаме бран на апсења. ВМРО-ДПМНЕ повторно се врати после тоа. Прашањето е кој курс понатаму да се одбере и мислам дека досегашниот курс на конфронтација не беше продуктивен, ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за Македонија и дека партијата треба темелно да го преиспита тоа, вклучително и со нови органи и ново раководство. Претпоставувам дека вонредниот конгрес нема да значи само избор на нов лидер туку потемелна реконструкција на партијата - рече Клековски.