Детална анализа - што е на масата на Нимиц и која е рамката на можното решение за името?

Автор: Владимир Мирчески | пред 10 месеци | In depth

„На двете страни им претставив мое ново размислување, нов предлог“, рече претставникот на ОН во разговорите за името, Метју Нимиц, на 09.04.2013.

Предлогот на Нимиц претставен во Њујорк во 2013-та е последниот официјален. Оттогаш поминаа 4 и пол години – период без нови писмени иницијатива на медијаторот што најдобро го отсликува отсуството на атмосфера за решавање на спорот.

Ова е документот на Нимиц од 2013-та, кој подоцна беше јавно објавен. Носи наслов „Предлог“, има две страници и 10 точки. Предлогот се базира на името Горна Република Македонија“

Нимиц предложи опсегот на употреба на името Горна Република Македонија да биде „ерга омнес во сите меѓународни официјални контексти, вклучувајќи ги и договорите и официјалната документација“. Но, иако посредникот го користи терминот „ерга омнес“, видливо е дека тој содржински се разликува од грчкото барање за „ерга омнес“, кое подразбира употреба на новото сложено име и во билатералните односи на Македонија со трети земји, како и дома. Предлогот предвидува само препорака до земјите-членки на Обединетите нации да го користат новото име во сите официјални контексти, а дозволува името Република Македонија да може да се употребува внатре во државава. Во однос на јазикот, Нимиц предлага тој на англиски да се именува со сложенката „Macedonian/Makedonski” што може да се смета за компромис меѓу македонското инсистирање за таа намена да се користи терминот „Macedonian” и ставот на Грција од тој период дека најмногу на што може да се согласи е воведување на терминот „Makedonski”, како што во оригинал се нарекува јазикот, со латинична транслитерација. За графата „nationality“ или државјанство, медијаторот нуди паралелна употреба на две синтагми: „на Горна Република Македонија“ и „Македонско/Macedonian”.

ПРЕДЛОГ, АПРИЛ 2013

Официјално име

Upper Republic of Macedonia

Опсег на употреба

„erga omnes“, без билатерала и домашна употреба

Јазик

„Macedonian/Makedonski”

Државјанство (nationality)

„of the Upper Republic of Macedonia”; alternate „Makedonsko/Macedonian”

Овој предлог на Нимиц беше дел од поширок меѓународен план, предводен од тогашниот еврокомесар Штефан Филе, за деблокирање на евроинтеграциите на Македонија. Но, планот на Филе беше поткопан од настаните во македонскиот парламент од декември 2012-та година, по што падна ентузијазмот кај комесарот и земјите-членки. Но, и предлогот, иако беше начелно прифатлив за тогашната влада на Никола Груевски, не беше прифатлив за грчката страна. Забелешките на Атина беа пред се во позиционирањето на географската одредница во сложеното име – Грција инсистираше „Горна“ да биде пред терминот Македонија, а не пред Република.

При посетата на регионот неколку месеци откако го понуди предлогот Нимиц, несвојствено за него, влезе во детали да образложува кои се главните разлики меѓу двете страни. Тој негов настап, најотворен досега, е релевантен и денес, пред најавеното интензивирање на преговорите.

„Мислам дека името треба да го содржи терминот „Македонија“ зашто оваа земја е во регионот Македонија, така што треба да ја содржи „Македонија“ во името. Но, тоа не е Македонија во целост, зашто Македонија е поширока област, поделена пред 100 години. Најголемиот дел од Македонија е во Грција. Затоа треба да има одредница со која ќе се направи разлика и јас предложив одредница. Грчката страна имаше позиција каде одредницата е, а овдешната влада има поинакво гледиште. Така што, тоа е суштинска разлика“, рече Нимиц, на 11.09.2013.

Во тој настап Нимиц посочи дека друг елемент за кој има разлики меѓу Скопје и Атина е опсегот на употреба на новото сложено име.

„Грчката позиција е дека тоа име треба секаде да се користи во официјална употреба– надвор од земјата, во земјата. Мојот предлог беше поинаков, а и позицијата на овдешната влада е поинаква“, рече Нимиц, на 11.09.2013.

Третиот клучен елемент од сложувалката се одредниците за јазикот и државјанството. Во пресрет на неговата последна посета на регионот во јули оваа година, имав можноста да го интервјуирам медијаторот Нимиц во Њујорк. Еве го делот од разговорот за овој сет-прашања, кој може да биде решавачки во претстојните напори да се дојде до решение.

„Сакам да разјаснам дека овие дискусии, како и мандатот, немаат ништо со идентитетот на луѓето, тие имаат свој идентитет. Не можете да преговарате за вашиот идентитет, тоа е дел од вашата душа, не разговараме за идентитетот на луѓето. Но, во системот на ОН има одредници за јазикот на земјата и името на државјанството. Вели, како што знаете, САД, главен град: Вашингтон Д.Ц, државјанство: Американско. Но, во случајот со вашата земја има повеќе отвореност за надминување на овие прашања. Така што, тоа е нешто што треба да се реши во рамките на системот на ОН“, рече Нимиц, на 30.06.2017.

Пред формалниот предлог од 2013-та, Нимиц излезе со т.н. „Работен документ“ во сега веќе далечната 2008 година и со негова модифицирана верзија во 2009-та. Тогаш за основа го имаше името „Република Северна Македонија“, кое градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, го спомена меѓу потенцијалните компромисни решенија во викенд-интервјуто за австрискиот весник „Куриер“. И во овој пакет, слично на предлогот од 2013-та година, Нимиц се обидува да најде баланс меѓу различните позиции на двете страни за опсегот и одредниците за јазикот и државјанството. Тоа беше период на чести преговарачки рунди.

Средбите беа интензивни особено во предвечерието на Самитот на НАТО во Букурешт. Само неколку дена пред тој настан, Нимиц во Њујорк го направи последниот обид да најде решение. Тогаш на маса го понуди името Република Македонија (Скопје).

„Двајцата преговарачи Димитров и Василакис се враќаат во Скопје и во Атина за директно да го пренесат предлогот на Нимиц. Откако ќе завршат консулатциите медијаторот ќе ги добие одоговорите од двете страни за неговата последна понуда. Ако до самитот на НАТО во Букуреш има потреба од нова средба Нимиц рече дека стои на располагање“, известувавме на 26.03.2008.

Исходот е познат – Албанија и Хрватска добија покана, Македонија не. Атмосферата сега почнува да наликува на онаа пред 9 години. Повторно се актуелни ЕУ и НАТО, а со тоа и прашањето за името се враќа во игра.

Се чини дека како никогаш досега во последните десетина година и во Скопје и во Атина има расположение да се направи обид за решавање на спорот. Влогот за Македонија е познат – членство во НАТО и ЕУ. За Грција – стабилно соседство и еден проблем помалку во опкружувањето. Во очекување на интензивен преговарачки процес во следните месеци, Нимиц го закажа загревањето за 10 и 11 декември во Брисел. До тогаш треба да биде појасно и дали амбасадорот Васко Наумовски, именуван во времето на претходната власт, ќе остане преговарач, дали евентуално ќе добие засилување, па Македонија ќе има преговарачки тим или ќе добие само придружба од некој од поискусните дипломати во МНР.