(Дез)интегрирано образование

Автор: Зоран Јованоски | пред 9 месеци | In depth

Бурхан  го носи својот петгодишен син Рион во градинка. Ова е еден од петте објекти на детската градинка Младост во Тетово, во која има вкупно околу 700 деца. Но, Рион е меѓу 22-те што учат во групата Мозаик. Во неа половина се од македонска, а половина од албанска етничка припадност. Слушајќи ги двата јазика и дружејќи се, наместо предрасуди, децата градат блискост. Eдна од најдобрите другарки на Рион е Александра.

„Јас сум Рион, имам пет години и учам во Мозаик“, се претстви на македонски јазик.

„Јас сум од Тетово и се викам Александра“, рече на албански јазик.

„Децата колку се помали полесно ги учат јазиците. Да не биде тоа почувтвувано како наметнување некое, туку на лесен, игровит начин да можат да научат повеќе и резултатите навистина се доста добри. Има и деца што се во средно училиште и според направените анкети и разговори мислам дека доста подобро се снаоѓаат, подобро функционираат, дружењето е пошироко поради знаењето на двата јазика. Тоа им ги отвара вратите за комуникацијата да биде доста поголема и подобра“, вели воспитувачката Дијана Петрушевска.  

„Не правиме разлика. Имаме два јазика и децата не прават разлика дали е Албанец или Македонец, играат заедно. Така што, досега не сме имале забелешки ниту од родителите“, додава воспитувачката Нејазие Наими Хаити.

Групите Мозаик се отворени во 1998 година со поддршка од швајцарската влада. Кога проектот завршил, Министерството за труд и социјала решило да продолжи да го финансира зашто покажал добри резултати. Сега има 13 такви во 10 мултиетнички општини. Во некои од нив се зборува на дури четири јазици.

„Во оваа средина, каква што е нашата, би требало да имаме повеќе вакви групи, не само во градинките. Ако веќе започнуваме во градинка би требало да се продолжи во училиште, каде што децата би биле заедно, би учеле и би се дружеле за да знаат едните за другите се што треба да знаат. Мислам дека полесно ќе им биде во животот, било да е за вработување или за дружење, се би им било многу полесно и на едните и на другите“, изјави Рамие Даути - Директор на НУ Детски градинки „Младост“ – Тетово.

Но со тргнувањето во прво одделение самиот образовен систем ќе ги раздели децата кои сега во градинка учат заедно. Законско право е да си учат на својот јазик. Во училиштата тоа се прави во одвоени училници. Во некои од нив учат и во поделени смени, одделни спратови, па дури и во разделени училишни згради.

Така е во основното училиште Братство Миѓени во Тетово. Во еден дел од градот е објектот во кој учат Албанците, а во друг е оној за Македонците. Децата беа поделени по конфликтот во 2001 година.

Учениците Македонци и Албанци се заедно само кога имаат активности во рамки на некој од проектите за интегрирано образование што ги спроведува невладиниот сектор.

Михаела Трајковска и Милена Митовска одат да ги посетат своите соученици Албанци во другиот објект. Ова го прават барем еднаш неделно. До таму имаат околу 20 минути пешачење.

Се потсетуваат на резултатите од досегашните заеднички воннаставни активности кога се запознаваат со традицијата на другата етничка заедница.

„Иако сме разделени ние наоѓаме време, покрај училиштето, да се дружиме заедно. Во склоп на училишните обврски имаме предмети со кои успеваме да имаме заеднички часови, да доаѓаат учениците во нашето училиште, во нашиот објект или ние да одиме во нивниот“, вели Михаела Трајковска.  

„Секоја недела имаме состанок, имаме активности за одбојка, фудбал, кошарка и за многу други нешта“, рече Абра Зендели.

„Речиси по секој предмет имаме работилници и проекти, одиме на настава во природа, посетуваме музеи, џамија, црква... Се запознаваме со нивната култура, а и тие со нашата“, вели Милена Митовска.

Учениците Албанци имаат задолжителен предмет македонски јазик од четврто одделение, а учениците Македонци изборен албански од шесто. Ги прашавме колку досега успеале да научат.

„Да, јас можам да зборувам македонски зашто се дружам со Македонци и во училиште учиме македонски и треба да го знаеме зашто е важен македонскиот јазик“, рече Азра Тахири зборувајќи на течен македонски јазик.

Кога ја прашав до каде е со албанскиот, Милена Митовска срамежливо одговори: „Знам нешто... По нешто...“

Абра Зендели, пак, беше искрена дека не ме ни разбира кога ја прашувам на македонски јазик: „Ако може да запреме малку, не разбирам македонски“, рече таа.

И покрај очигледната поделеност врз етничка основа, директорот на училиштето тврди дека тоа е поради преголемиот број ученици кои не можат да ги сместат во една училишна зграда.

„Ние имаме ученици од турската паралелка кои учат во нашето училиште, но македонските паралелки од овде се повлекоа, не за нешто друго, туку зашто не ги собираше во објектот“, тврди Харун Реџепи – Директор на ОУ „Братство Миѓени“ – Тетово.

Слично е и во некои средни училишта во етнички мешаните средини. Во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“, на пример, паралелките на албански јазик се во централниот објект. Оние на македонски речиси секоја година учат на различни локации.

Во Куманово, пак, сите три средни училишта се поделени на македонски и албански објект. Од една гимназија се направени две: „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“.

Анализата на состојбите во образованието покажа дека со Охридскиот рамковен договор  е унапредено правото на образование на мајчин јазик, но дека тој пристап ја зголемува поделеноста меѓу учениците, а со тоа и меѓу етничките заедници. Токму поради ваквата констатација, во 2008 година Министерството за образование и наука и Високиот комесаријат за национални малцинства на ОБСЕ развија владина стратегија за интегриран образовен систем.

Невладината „Цивил“ беше активно вклучена во нејзината реализација. Џабир Дерала смета дека тогашните колициски партнери ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, само што ја усвоиле стратегијата, ја погребале. Бил злоупотребен делот за изучувањето на јазикот: Албанците да учат македонски од прво одделение, а Македонците да го имаат албанскиот како изборен предмет.  

„Коалиционите партнери заеднички, дали со претходен договор или со премолчан договор, ја растурија заеднички. Зошто? Заради тоа што иако Стратегијата се засноваше на пет столбови, тие започнаа со оној столб што им беше најлесен за да направат провокација и да ја растурат, а тоа беше употребата на јазиците. И тоа го направија на погрешен начин, во погрешно време, со погрешни премиси. Наметнаа една динамика која едните ја сватија како провокација, тенденција за асимилација, а другите го искористија како патриотска алатка - еве, ние сега нив ќе ги научиме на македонски и тука имате блокада од двете страни, истовремена, како да беше договорено“, раскажува Дерала.

Политичарите не обрнале внимание на остантите 4 столба на Стратегијата, но експертите токму во нив гледаат шанаса за поставување основи за интегрирано образование.

Универзитетскиот професор Маја Мухиќ смета дека токму преку содржината на учебниците, обуката на наставниците за справување со меѓуетнички проблеми, како и подобрувањето на координацијата во целиот образовен систем, може да се создаде здрава средина за интегрирано образование.

„Не би смееле да се фокусираме на тоа дека јазикот дезинтегрира, барем не во случајот со нашето образование. Сметам дека дури и во различните јазици може да се случи интеграција, односно онаа конвергенција, доаѓање заедно, сплотување на овие различни групи, култури и светогледи доколку се поклопат наставните содржини. Во таа смисла ова бара едно сериозно ревидирање на истите, преглед на тоа што се изучува, неселективна филтрација на тоа: во оваа училница или во оваа заедница ќе се учат овие содржини, повеќе акцент ќе се стави на ова и слично. Усогласувањето на содржините ќе ја преброди оваа, по мене, дури наводна криза која можеби ја создава фактот што се изучува на различни јазици“, објаснува Мухиќ.

Професоркатра смета дека кај нас луѓето што не припаѓаат на една културолошка матрица веднаш се етикетирани дека нешто со нив не чини.

„Тоа влегува во рамките на она што се нарекува етноцентризам, неможноста да се излезе од позицијата на супериорност на сопствената култура. Затоа велам, за овие работи мора сериозно да се разговара, а не наеднаш да се каже другиот е супер, да се донесат различни храни, да се прошета во црква и џамија, тоа се тие егзотификации. Со тоа, би рекла дека се зајакнува различноста – види овој колку е различен од тебе, наместо да се зборува за тоа колку нашите културни идентитети се всушност едно неверојатно премрежување на ред други идентитети“, додава Мухиќ.

Од Министерството за образование признаваат дека Стратегијата на ОБСЕ за интегрирано образование остана само на хартија. Државниот советник за образовни политики Назихтере Сулејмани, вели дека последниве неколку години работите се придвижиле. Државата почнала да ги прифаќа како системско решение добрите практики од проектите за интегрирано образование што ги реализираат граѓанските организации.

„Тие се проекти, имаат почеток, имаат и крај. Меѓутоа, сакајќи тоа што е добра пракса да го вметнеме во нашиве системски решенија, нашиот инспекторат врши измени на индикаторите за квалитетно работење на училиштата каде што се вметнати и компоненти за меѓуетничка интеграција во образованието. Секое училиште кое што има тим за меѓуетничка интеграција ќе мора да ги вметне во годишните програми ваквите активности, а после тоа тие поминуваат на усвојување во советот на општината со мислење од бирото така што веќе секое училиште е задолжено да ги предвидува ваквите активности, а нормално и да ги реализира согласно акциските планови на годишната програма на училиштата“, изјави Сулејмани.  

Еден од проектите во кои Министерството се јавува како партнер при реализацијата е Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието што до неодамна го спроведуваше Македонскиот центар за граѓанско образование со поддршка од УСАИД. Пет години работеа на ублажување на последиците од поделеноста меѓу учениците.

„Дете од Струмица воопшто нема идеја како функционира неговиот врсник од Тетово, да речеме. Имаме ситуации кога во две партнерски училишта, едното од тетовско планинско село, другото од струмичко село, одат да се посетат едни со други, за децата да создаваат заеднички контекст и да работат, кога патуваат едните кај другите едните одат на карневалот во Струмица, па другите одат во Тетово, па имаат прошетка низ градот, па имаат дружење кое не е само еднаш, тоа е многу важно, мора да има минимум едно полугодие дружење за децата да ги надминат стереотипите и предрасудите што ги имаат и да формираат став што се базира на лично искуство. На тие деца веќе не можете да им објасните дека Македонците во Струмица живеат вака или дека Албанците во Тетово живеат така. Затоа што веќе се знаат“, смета Небојша Мојсовски од Македонски центар за граѓанско образование.  

Завршува денот за дечињата од градинката Мозаик. Рион, синот на Бурхан, кој инаку е од Долно Палчиште – тетовско село со целосно албанско население, од септември ќе тргне во прво одделение. „Оваа година треба да заврши со оваа група и ќе учи во село само на албански. Размислувам што понатаму. Не сакам да се оддалечи од ова, зашто ќе заборави ако во меѓувреме нешто не учи. Тоа ќе влијае да заборави се што научил до сега. Затоа, ќе видиме, во иднина можеби ќе го носам на курсеви по македонски јазик“, вели Бурхан Хисени.